Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 22.02.2016 – 28.02.2016 година
март 1, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 22.02.2016 – 28.02.2016 година.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Во текот на оваа седмица беа издадени само 2.406 потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, што е за 46% помалку од минатонеделниот период, кога беа издаде 4.465 потврди. Ваквото намалување се должи на воведувањето на построги проверки на грчко-македонската граница и редуцирано пропуштање на бегалците кои не поседуваат исправни документи. Симптоматично е што во овој период не е пропуштен ниту еден бегалец со авганистанско потекло.
Двапати во текот на неделата, границата со Грција беше повремено затворена.
Одржувањето на хигиената во кампот станува алармантен проблем, имајќи го предвид големиот број на бегалци кои во кампот престојуваат подолго време. Тие често и самите ги чистат шаторите. Личната хигиена на бегалците е исто така отежната, во недостаток на чисти алишта и можност за редовно бањање. Меѓу бегалците веќе се забележани случаи на појава на шуга.
Хелсиншкиот комитет апелира да се преземат итни мерки и координација меѓу надлежните институции со цел да се спречи ширењето на заразни болести во кампот.
Во кампот се донесени два нови контејнери кои ќе бидат наменети за регистрација на бегалците. Предвидено е да се донесат уште два, а во нив ќе има по четири шалтери за регистрација односно ќе функционираат 16 шалтери за регистрација.
На 26.02.2016 година, во кампот оствари посета Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски заедно со Министерот за внатрешни работи на република Чешка, Милан Хованец.
Институционално постапување
Во текот на неделата на терен е забележано зголемување на припадници на Посебната единица за поддршка при Министерството за внатрешни работи. Во кампот се присутни и припадници на Австриската полиција, покрај Чешката, Словачката, Унгарската и Српската полиција.
Од 24.02.2016 година, започна да се употребува нов софтвер за регистрација на бегалците со цел регистрацијата да биде поефикасна и побрза.
Во два наврати во текот на неделата, околу 700 бегалци беа качени на возот и чекаа повеќе од 5 часа за да тргне возот (23 и 24.02.2016 година). Возот бил задржан поради големиот број на бегалци кои престојуваат во Табановце и потреба за нивна организација за да бидат пропуштени наредните групи. Притоа, во возот чекале преголем број на бегалци без можност да излезат надвор. Едниот воз на 24.02.2016 година, бил вратен назад во Гевгелија, бегалците се симнале во кампот, а останале таму повеќе од 4 дена. Во наредните денови, дојдоа уште 150 бегалци, со што во кампот имаше 900 луѓе.
Хелсиншкиот комитет бара подобра координација од страна на Македонски железници и надлежните институции во камповите, со цел да се избегне предолгото, непотребно чекање во возот и да се поштедат бегалците од предолг престој на лошите услови во возот.
На 23.02.2016 година, група од околу 70 бегалци од Иран и Либан биле вратени со воз од српската страна поради неисправни документи. Подоцна биле транспортирани на грчката страна, заедно со уште 9 бегалци од Авганистан кои биле затекнати во околните полиња.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Хигиената во кампот е на алармантно ниво поради големиот број на бегалци кои престојуваат во кампот повеќе дена, како и нивната лична хигиена која станува загрижувачка. Поради недостаток на бањи, во текот на неделата на бегалците им се даваа крпи и пластични кофи со цел да можат да ги бањаат децата и да ги исперат своите алишта. Центарот за управување со кризи, заедно со невладините организации на терен се координираат за преземање на мерки за спречување на заразни болести, како што се дезинфекција, делење на шампони против вошки, отстранување на нечиста облека и сл.
Институционално постапување
Во почетокот на неделата, покрај 650-те бегалци од Авганистан кои веќе беа во кампот, околу 320 бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан беа донесени од страна полицијата, бидејќи биле затекнати по илегални патишта во близина на с. Лојане. Со тоа, бројката на бегалци во кампот достигна 1000 луѓе. Во текот на неделата, од Српската граница повторно беа вратени неколку групи, а неколку беа пропуштени, поради што бројката на бегалци во кампот постојано варира. Бегалците се сместуваат во сите објекти во кампот со цел сите да бидат згрижени.
Во изолиран инцидент, три лица со потекло од Авганистан, кои преку Бугарија по илегални патишта се вратиле во Македонија, биле физички нападнати во село Ваксинце од страна на Пакистански групи кои живеат и дејствуваат таму. Двајца од нив, од кои едно малолетно дете на 16 годишна возраст, со сериозни повреди (фрактури и нагмечувања на коски) биле пренесени во Општа болница во Куманово, по пријава од страна на локални жители, додека за третото лице нема информации. Полициски службеници ги посетиле во болницата и им земале изјава за нападот.
Во друг случај, на патот кон село Миратовци било пронајдено лице во тешка здравствена состојба, за кое не е познато како дошло таму. По интервенција на Црвен Крст, лицето било однесено во Општата болница во Куманово.
На 22.02.2016 година, околу 19 часот во кампот е распоредена Посебната единица за поддршка при МВР, која формира кордон во средината на кампот со цел да ги насочи бегалците кои стигнаа со воз од Гевгелија, директно кон патот за Србија. Бегалците кои беа во кампот, биле затворени во шаторите со цел да се избегне контакт со новите групи кои пристигнаа, се додека тие не продолжија кон Српската граница. Ваквата пракса се повторуваше во текот на неделата.
Во просторот помеѓу границите на Македонија и Србија се заглавени 77 бегалци од Сирија и Ирак, на кои не им се дозволува да продолжат кон Србија, но не им се дозволува ни да се вратат во кампот во Табановце. Тие се во лоши услови и без пристап до основни потреби за живот. Претставници на УНХЦР побараа да се постават шатори во тој дел, за да можат да се згрижат луѓето.
На 24.02.2016 година, во товарен воз била откриена група од 20тина бегалци со потекло од Авганистан, кои тргнале од Грција. Бегалците биле згрижени во кампот и им била укажана хуманитарна и медицинска помош.
Околу 120 бегалци од Ирак, на 26.02.2016 биле вратени во кампот во Гевгелија, со цел да им се издадат исправни документи.
Околните препродавачи на цигари и други производи, неодамна започнале да им продаваат алкохол на бегалците во кампот. Полицијата интервенирала во неколку наврати имало физички пресметки и расправии помеѓу бегалците кои биле под дејство на алкохол.
На бегалците кои се во кампот повеќе од два дена, им се издаваат нови документи односно потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, со оглед на тоа што им изминуваат предвидените 72 часа за да побараат азил.