СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ЈУЛИ 2025
август 29, 2025

Јули го одбележаа повеќе реакции на граѓанските организации и платформи. На почетокот на јули,
Блупринт групата за реформи во правосудството изрази сериозна загриженост за начинот на кој Судскиот совет на Република Северна Македонија (ССРСМ) го спроведе изборот на в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје.
Мрежата за заштита од дискриминација по повод Предлог-законот за верски училишта реагираше
дека тој е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот
карактер на државата.
На 7 јули, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелираше до Министерството за здравство да се воздржи од наметнување неформални ограничувања врз работата на медиумите и ги охрабри новинарите да продолжат да известуваат професионално, етички и со чувствителност кон жртвите од трагедијата во Кочани, но со јасно чувство за одговорност кон јавниот интерес, бидејќи секој обид за ограничување на тие принципи претставува закана за правата и слободите на сите граѓани.
Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осуди физичкиот и вербалниот напад врз
градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, кој се случи на 11 јули, за време на службен увид во нелегален градежен објект. По повод овој случај, Хелсиншкиот комитет побара итна и независна истрага за случајот, одговорност за полициските службеници што не постапиле
соодветно на местото на настанот, кривични пријави против сторителите и соодветна постапка
против нив, обезбедување ефективна и итна заштита за градоначалничката и другите службени
лица што биле нападнати, осуда на нападот од страна на сите политички и општествени чинители.


