СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ЈУНИ 2025

јули 31, 2025

На почетокот на јуни, во Собранието на Република Северна Македонија во процедура на
разгледување беше ставен предлог-закон за прогласување на просторот околу Собранието за
безбедносна зона. Овој предлог-закон беше поднесен по скратена постапка.

Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди дека обидот на Собранието да го
ограничи правото на јавен собир, протест или манифестации пред и во близина на зградата на
Собранието ќе има штетни последици за човековите права и слободи. Комитетот побара
итно повлекување на ваквиот текст на предлог законот.

Шестата по ред Парада на гордоста/Скопје Прајд се одржа на 21 јуни. Националната мрежа против
хомофобија и трансфобија одлучи Скопје Прајд да добие нова рута – симболично и буквално, и да не биде прослава, туку протест, без забавна програма, само отпор. Мотото на Парадата на
гордоста во Скопје за 2025 година гласеше „Ќе (оп)стоиме заедно!“

Јуни, месецот на гордоста, и одржувањето на Парадата на гордоста и оваа година на површина
ги извадија предрасудите и стигмата насочени кон ЛГБТИ заедницата. Говорот на омраза беше забележан на социјалните мрежи во коментарите под објавите за одржување на Парадата што
поттикнуваа и повикуваа на насилство врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

Во јуни, на социјалните мрежи се појави вознемирувачко видео со физичко насилство врз
четиригодишно дете, проследено со фотографија на која се видливи повредите на неговото лице и
на телото. Хелсиншкиот комитет најостро го осуди овој чин и побара најстрога казна за сторителот на насилство врз детето, како и засилена институционална заштита на најранливите членови
на општеството.