СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА АПРИЛ 2025
мај 29, 2025

На почетокот на април, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација најостро реагираа на измените и дополнувањата на Законот за основно образование и Законот за учебници, со кои се озаконува дискриминацијата и насилството, а се бришат темите за сексуално и репродуктивно здравје и родова еднаквост. Овие законски измени беа донесени без консултација со младите и стручната јавност и се директно спротивни на потребите на младите.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација, меѓу другото, побараа од претседателката на државата да не ги потпише Указите за донесување на законите.
Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите. Бараа одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Откако овие измени сепак беа усвоени во Собранието Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација упатија јавен апел до претседателката на државата да не ги потпише указите за измените и дополнувањата на Законот за основно образование и Законот за учебници. Таа ги потпиша указите и не покрена дебата.
На 02.04.2025 година во Собранието на Република Северна Македонија се одржа 24та седница на
Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која утврди Предлог – одлука за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во неполни 24 часа откако се одржа седницата за јавна расправа. Комисијата за прашања на изборите и именувањата до пратениците на Собранието го предложи Вецко Здравески за иден комесар со мандат од пет години, кандидат кој е партиски кадар и не ги исполнува критериумите за избор.
Мрежата за заштита од дискриминација побара Собранието да не го прифати овој предлог и да не го изгласа овој кандидат како иден член на КСЗД.
Мрежата за заштита од дискриминација потенцираше дека изборот на овој кандидат за член на КСЗД не само што не e во служба на заштитата на човековите права, туку и би било погубно за човековите права, еднаквоста и недискриминацијата. Спроведеното интервју со кандидатот, неговото претставување, а особено одговорите на прашањата од публиката беа на незадоволително ниво по сите стандарди за избор на член на телото за еднаквост.


