Предлог-законите за основно и средно образование претставуваат обид за озаконување на дискриминацијата наместо грижа и заштита на сите деца, адолесценти и млади
ноември 5, 2024
Изразуваме голема загриженост заради можноста за усвојување на предлог-закони за основно и средно образование кои ќе значат назадување наместо унапредување на заштитата на учениците од дискриминација и насилство во образовниот процес.
Во предлог-законите за основно и средно образование, спротивно на правната хиерархија, се отстранети заштитените основи од дискриминација „род“, „родов идентитет“ и „сексуална ориентација“. Ова е прв случај на уназадување на заштитата од дискриминација во нашето законодавство.
Со предлог измените најгрубо се кршат правата на децата, како и директно се загрозува нивниот ментален и физички интегритет. Кога институциите системски ќе исклучат и избришат одредени групи ученици, тогаш тие директно даваат сигнал дека се охрабрува понатомошното исклучување и опресија во општеството на овие групи. Дополнително, ваквите постапки им даваат сигнал на агресорите, од коишто жените, девојчињата и ЛГБТИ+ учениците трпат постојано насилство, дека нивните постапки се само продолжение на тоа како институциите ги третираат овие групи, нормализирајќи го нивното насилство.
Со донесувањето на овие измени, Законите за основно и средно образование ќе бидат спротивни на одредбите и духот на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет се препознаени како основи на дискриминација. Дополнително, неусогласувањето и одењето спротивно на одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација претставува повреда на одредбите од Уставот (член 8 ст.1 т.1 и 11).
Посочуваме дека законите кои се испратени на усвојување во Владата се изменети во својата суштина и контекст од оние кои беа достапни за коментирање од страна на јавноста (на ЕНЕР). Во овој момент, загрижени сме дека во Владата ќе се усвојат закони кои се презентираат како закони за кои се произнела стручната јавност, но станува збор за верзии кои не се објавени и кои не се достапни за коментирање. Згора на сè, предлог- законите не содржат образложение за штетните одреби со кои се загрозува заштитата од дискриминација во основното и средното образование.
Ја поддржуваме заложбата на Владата да се постапи согласно Пресудата на Европскиот суд за човекови права – Елмазова и други против Република Северна Македонија. Сепак, предлог-законите содржат елементи кои не се однесуваат на оваа пресуда, а директно и недвосмислено претставуваат повреди на меѓународното право и човековите права.
Потсетуваме дека сите слободи и права кои државата ги гарантирала на граѓаните со ратификување на меѓународните конвенции се сметаат за слободи и права загарантирани како темелна вредност на уставниот поредок.
Општите коментари на Комитетот за правата на децата, Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените со своите општи препораки, Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство – се ратификувани и согласно тоа имаат иста важност како постоечките закони во републиката. Врз основа на ова, не смееме да дозволиме носење на закони кои се во спротивност на меѓународните конвенции кои ги имаме ратификувано.
Ние, како претставници на граѓанското општество чијашто работа и застапување се насочени кон недискриминацијата, почитувањето на човековите права и инклузија на маргинализираните заедници, доставивме барање за средба до Министерката за образование и наука на којашто сакаме да ги истакнеме нашите барања:
1) двата предлог закона да се повлечат;
2) да се вратат во работна група која би се дополнила со стручни лица од областа на правото и човековите права за да се подготви текст кој ќе обезбеди гарантирање на сите права кои како држава сме ги гарантирале со потпишување и ратификување на меѓународните конвенции;
3) да бидеме вклучени во работната група или да бидеме консултирани пред текстот да биде испратен до Влада на разгледување и усвојување, со цел да утврдиме дали предлозите се усогласени со постоечките правно обврзувачки акти.
Мрежа за заштита од дискриминација
Мрежа Стела