Затворските услови во Северна Македонија – трн во око на патот кон ЕУ

октомври 16, 2021

линк до оригиналната сторија

Последниот извештај до Владата на Северна Македонија по посетата на затворите во земјава од страна на Комитетот за превенција на тортура и нехуман третман, констатира дека има подобрувања во затворскиот третман во земјава. Меѓу тие подобрувања се реновирање на крило на истражниот оддел на Затворот Скопје, како и затворање на три проблематични крила во Идризово. Но, долгогодишните проблеми со условите за престој, пренатрупаноста во затворите, корупцијата меѓу вработените и недоволната медицинска заштита на затворениците и притворените, и понатаму опстојуваат- Пишува: Мирослава Бурнс

Во затворот Скопје, според извештајот, затворениците се во своите ќелии 23 часа дневно со само еден час дневно на воздух, а им се одбиваат и контакти со децата. Комитетот забележува дека на секој затвореник треба да му се овозможат 4 квадратни метри за престој.
На пример, во затворот Идризово, капацитетот не е ревидиран меѓу 2019 и 2020 година и покрај затворањето на три поголеми крила за сместување. Комитетот за превенција на тортура препорачува официјалниот капацитет на секој затвор да се пресметува на начин што на секој затвореник ќе му се овозможат 4 квадратни метри во ќелија, а во самица тој простор да е шест квадратни метри и невклучувајќи го тоалетот. Комитетот би сакал да добие копија од капацитетот на секој затвор, стои во извештајот.
Комитетот по шести пат им посочува на властите во Северна Македонија дека мора да се придржуваат до законите кога станува збор за дозволата на затворениците да им се дозволува престој надвор, на свеж воздух. За таа цел, се вели дека треба секој затвореник надвор да поминува барем два часа дневно.
Директорот на затворот Скопје, Филип Андов за „Вистиномер“ вели дека се преземаат низа мерки во контекст на вработените и обука на затворската полиција, како и за подобрување на третманот на затворениците и условите во затворските ќелии.
Сите препораки ги имаме запазено и се држиме по тие секој затвореник има секојдневно воздух прошетка, има питка вода за пиење чиста, по распоред на куќниот ред се тушираат, храната покалорична се дава редовно, а на некои им се одобрува и од надвор… тие што се во притвор судот им одобрува и од надвор да им пристигнува храна. Домскиот лекар е запазен, од Здравствен дом Скопје, каде што друг е работодавач, но излегуваат во пресрет. Амбулантите се одобрени, имаме донација од ЕКГ апарат, стерилизатори, забарска столица. Се вршат контроли, кој ќе побара преглед му се дава преглед. Психијатар немаме во моментот, но на две недели доаѓа еднаш. Се подобруваат условите во установата Скопје за сите забелешки кои се нотирани, изјави директорот Андов за „Вистиномер“.
Запрашан што е потребно во затворите во земјава, за Комитетот за превенција на тортура воопшто да нема забелешки во своите извештаи, тој вели дека потребна е коректна работа, добра контрола при вработувањата и да се обезбеди лекар за сите здравствени услуги кои ги бараат затворениците.
Да не се праќаат во болниците или брза помош да доаѓа, туку да имаме наш лекар и после 16 часот, а не како сега домскиот лекар е вработен до 16 часот а после тоа да немаме лекар. Во моментот секој притвореник има право да оди надвор на прошетка и воздух по еден час дневно. Имаме осум игралишта или дворски места каде што смее да шетаат. Според капацитетот на притворското место, пресметано е дека секоја соба до затемнување може да се задржи најмногу до еден час надвор. Како што опаѓа бројот на притвореници, се зголемува и бројот на минутите надвор. Сега има 232 притвореници, а капацитетот е 203 места. Се препраќаат секојдневно, некои им станува пресудата правосилна, па се преместуваат во други затвори, жива материја е во прашање. Посети им се овозможени, согласно тоа што го обезбедил судот. Судот на кого ќе му даде посета, ние ја процесуираме. Немаме ние право како затвор Скопје да даваме посети, туку ние само спроведуваме судски наредби. Во врска со корупцијата на затворскиот персонал се бориме против тоа, најстрого и најдрастично санкционираме корупција или внесување на недозволени работи на затворската полиција или било кој вработен во затворот. Имаме поведенено и неколку дисциплински постапки за таа работа, вели директорот Андов. 
И Управата за извршување санкции ги засилила вонредните надзори во затворите. Дополнително, со асистенција на МВР и на припадниците на затворската полиција од други КПУ извршен е претрес во КПД Идризово во затвореното одделение на установата. Со цел намалување на коруптивните дејства во Затвор Скопје засилени се контролите за влез или излез од установата, а наскоро ќе има единечна точка преку која ќе се следи видеонадзорот во установата, контролата на пратки и посетители од страна на посебно обучени припадници на затворската полиција, се наведува во одговорот на македонските власти на забелешките на Комитетот.
Директорот на затворот Идризово, Јовица Стојановиќ за „Вистиномер“ вели дека моментално проблематично со пренатрупаноста е во одделот „амбуланта“, каде што е оставена луфта до изградба на нови објекти.
Пренатрупеноста е уште присутна, но со изградба на КПД Идризово ќе се елиминира таа пренатрупаност зашто се предвидуваат 500 нови кревети и 412 за притвореници, вели тој.
Во врска со корупцијата на персоналот, тој побарал секој кој има таков податок да го пријави.
Сакаме да знаеме кој го прави тоа еднаш засекогаш, зашто јас сум исклучиво против таква работа. Не е така едноставно, барав помош од сите институции и преземеаме мерки тоа да го исконтролираме колку што можеме, додава директорот.
Хелсиншкиот комитет за човекови права активно дејствува во полето на унапредување на состојбите и условите во установите за лишување од слобода и унапредување на правата на лицата лишени од слобода. Оттаму за „Вистиномер“ велат дека во текот на 2020 и 2021 година заеднички со Македонското здружение на млади правници спровеле мониторинг посети во сите казнено-поправни установи и во воспитно поправниот дом.
За состојбите и условите имаме изготвено два извештаи со наоди, заклучоци и препораки од страна на мониторинг тимот. Едниот извештај, односно првиот од редовните посети на установите, е објавен во февруари 2021 година, вели правната советничка во Хелсиншкиот комитет, Ина Џугуманова.
Во овој извештај генералните препораки на Хелсиншкиот комитет за човекови права, за периодот од 1 август до 1 октомври 2020 година, се итно да се преземат мерки од страна на Министерството за здравство за да се овозможи  непречен пристап до здравствена заштита на сите осудени лица. Се преопрачува и да се обезбедат хигиенски пакети за осудените лица во сите установи и подобрување на хигиената во Затворот Тетово, Затворот Битола и Затворот Куманово, а со цел спречување ширење на ковид-19.

Во случај на ограничување на физички контакти на осудените лица со надворешниот свет, Управата за извршување на санкции треба и натаму да продолжи со изнаоѓање на алтернативни начини за контакт на осудените лица со нивните блиски. Да се обезбедат простории за самоизолација на лицата кои ќе покажат симптоми на ковид 19 во рамките на секоја казнено-поправна и воспитно-поправна установа. Просториите треба да се во согласност со меѓународните стандарди. Треба да се евидентираат сите пријави за тортура, малтретирање и нечовечко постапување кон осудените лица, без разлика дали е тоа од страна на вработените лица во установата или меѓу осудените лица, стои во препораките на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Исто така, тие препорачуваат ангажирање соодветен кадар во установите во поглед на ресоцијализацијата и развивање и имплементирање на соодветни програми за ресоцијализација, да се даде пристап  до образование, особено за децата лишени од слобода (оваа година била спроведена настава само за основно образование во Затворот Охрид и ВПД Тетово, кое функционираше во рамки на Затворот Охрид). Како недостаток нотиран е и проблемот со водоснабдувањето во Затворот Куманово, имајќи го предвид фактот дека водата е основно човеково право, а немањето пристап до вода, особено во услови на пандемија, претставува живеење во нехумани услови за осудените лица. Како и во светската пракса на хумано постапување и подготовка за ресоцијализација по издржувањето на казната затвор, се бара и осудените лица работно да се ангажираат и да развијат работни вештини кои ќе им бидат од корист по истекот на издржување на казната затвор.