Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 18.07.2016 – 24.07.2016 година

јули 26, 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 18.07.2016 – 24.07.2016 година.

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот изнесува 129 бегалци. Во текот на седмицата, бројката се промени неколку пати, бидејќи неколку семејства се вратени во Грција по нивна желба, а неколку пристигнаа и се задржаа во кампот.

Во кампот е пуштена во употреба пералната/сушалната за алишта и бегалците имаат можност да ја користат.

Забележан е недостаток на хигиенски средства во заедничките тоалети.

Институционално постапување

Поради неизвесната иднина, бегалците во кампот се во тешка психичка состојба, лесно се појавуваат недоразбирања и се забележани психички проблеми кај некои од нив.

На почетокот од седмицата, 4 бегалци кои подолго време престојуваат во кампот (еден од Ирак и тројца од Сирија), го напуштија кампот. За кратко време тие беа фатени од страна на полицијата и директно пренесени на грчка територија.

Жена од Авганистан, која пред околу две недели пристигна во кампот со своите две деца, со интервенција на Црвен Крст е пренесена во болница во Скопје поради нејзината ризична бременост.

Во близина на село Прдејци, Гевгелија, од страна на полицијата е затекната жена со потекло од Сирија која патувала со нејзините три деца. Таа била фатена во обид да замине со комбе управувано од криумчари, при што го испуштила нејзиниот 5 годишен син. Жената е згрижена во кампот, а полицијата трага по нејзиниот син кој сè уште не е пронајден.

При крајот на седмицата, четиричлено семејство од Сирија кое подолго време престојува во кампот, по своја волја е пренесено на грчка територија. Причината е нивната безизлезна и неизвесна ситуација во кампот односно во државата.

На 24.07.2016 во близина на граничниот премин Богородица, од страна на граничната полиција е затекната група од 85 бегалци кои веднаш биле вратени на грчка територија. Од групата, издвоени се две семејства со потекло од Авганистан кои имаа потреба од медицинска помош. Едното семејство е згрижено поради бременоста на жената во четврти месев, а другото поради бремената жена во осми месец.

Куманово

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот изнесува околу 70 кои се регистрирани. Бројот на нерегистрирани бегалци е променлив, бидејќи тие кратко се задржуваат во кампот, по што го напуштаат.

Институционално постапување

На почетокот на седмицата, во кампот пристигнаа 8 нови бегалци меѓу кои, 21 годишна жена со три деца, еден маж со две малолетни деца и двајца полнолетни мажи. Во текот на седмицата, пристигнаа 5 бегалци со потекло од Авганистан и 2 бегалци со потекло од Алжир, кои беа на кратко згрижени во кампот, а потоа им беше укажано да го напуштат кампот од надлежните институции.

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија

Бројот на бегалци кои се сместени во Прифатниот центар за баратели на азил- Визбегово изнесува 43, додека бројката на бегалци во Прифатниот центар за странци – Гази Баба е непознат. Во Безбедносната куќа се моментално згрижени 11 бегалци.

Нерегуларна миграција

Во текот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи регистрираше два кривично- правни настани поврзани со криумчарење мигранти. Така, на 19.07.2016 година, во близина на село Ваксинце, Куманово е сопрено возило со  6 бегалци, од кои 5 со потекло од Шри Ланка и еден од Пакистан. Меѓу нив е затекнато и едно малолетно лица. Осомничениот успеал да побегне од местото на настанот. Бегалците се сместени во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, а малолетното лице во Безбедната куќа.

На 22.07.2016, помеѓу кумановските села Лојане и Ваксинце, на отворен простор е затекната група од 31 бегалец, со потекло од Сирија, Пакистан, Авганистан и Мароко.

На 20.07.2016 година, Министерството за внатрешни работи извести за спроведената оперативна акција „Којот“ при што е разбиена организирана криминална група на подрачјето на Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје. Организираната група се товари за повеќе кривични дела, меѓу кои злосторничко здружување, разбојништва, лажно претставување, неовластена трговија со наркотични дроги и психотропни супстанции, криумчарење мигранти и злоупотреба на службена положба. Од оперативните истраги, МВР соопшти дека групата организирала криумчарење на околу 559 мигранти во изминатата година. Најсимптоматично е тоа што во криминалната група се вклучени голем број полициски службеници, кои вршеле кривични дела со злоупотреба на нивната службена положба, во и надвор од работно време. Со оваа оперативна акција се потврдија наводите на бегалците кои во повеќе наврати укажуваа дека полициски службеници се вклучени во криумчарските групи.