Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – март 2021
април 15, 2021
СОДРЖИНА
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Владата ги стави профитот и интересите на работодавачите пред достоинството и одморот на работникот – неделниот одмор за работниците се одложува за следната година
Неопходна е превентивна култура за безбедност и здравје при работа
ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ
Седумгодишна истрага за малтретирање од страна на полициски службеници
РОДОВА ЕДНАКВОСТ
Осмомартовски марш „Држава што не постапува е држава што силува!“
ГОВОР НА ОМРАЗА
Говор на омраза на етничка основа останува доминантен, се интензивира и хомофобичниот говор
МАРТ 2021
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Во март 2021 година нотирани се 25 пријави, со кои се опфатени исто толку работници
Владата ги стави профитот и интересите на работодавачите пред достоинството и одморот на работникот – неделниот одмор за работниците се одложува за следната година
Во јануари годинава, Министерството за труд и социјална политика го презентираше Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за работните односи, кој го воведе концептот недела – неработен ден. Целта на предлог-законот беше да создаде законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела, а со тоа да се елиминираат можните злоупотреби во однос на обезбедувањето на користење на ова право. Предлог-законот изречно наведува дека недела е неработен ден и е ден на неделен одмор. Работната група за подготовка на текстот утврди исклучоци од ова правило за одредени таксативно наброени дејности, каде работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата.
Процесот за донесување на овие измени наиде на пречки поради несогласувања со Министерството за економија. Ставот на министерот за економија, Крешник Бектеши, е дека за некои од дејностите, како што се трговските и туристичките центри, не треба да важи законското решение:
,,Имајќи го предвид трендот на изградба на трговски центри, инвестициите кои се прават во таа дејност и приливот на странски туристи во викендите, посебно од соседните држави, мислам дека многу внимателно треба се разгледа ова прашање и трговските центри да работат и во недела.’’
Министерот за економија на второ место ја става потребата за неделен одмор на сите работници како дел од поширокиот концепт на достоинствена работа, притоа ставајќи ги профитот и конзумеристичката култура пред принципите на правичност, безбедност и почитување на човековото достоинство на работникот.
Владините претставници во неколку наврати нагласуваа дека концептот недела – неработен ден е приоритет и дел од политиките на оваа Влада, што треба да придонесат кон зголемување на социјалната рамноправност и заштитата на работничките права. Сепак, под притисок на Министерството за економија, на 26 март на седницата на Комисијата за јавно-приватен дијалог, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, соопштија дека измените на законот во овој дел ќе бидат со одложена примена, од 1 јануари 2022 година.
Неопходна е превентивна култура за безбедност и здравје при работа
Минатиот месец, работничка во детска градинка во Скопје нè информираше дека сама ги извршува работните задачи предвидени за работното место садомијач, спротивно на Актот за систематизација на работните места кај работодавачот. Имајќи го предвид бројот на деца кои дневно посетуваат настава во градинката, нејзините работни задачи се од толкав обем, што неизбежно предизвикуваат негативни последици по нејзиното физичко и ментално здравје.
Работодавачот не одговори позитивно на нејзините барања и покрај тоа што работничката ја искористи законската можност за остварување на своите права кај работодавачот. Поради тоа, застапувајќи ги интересите на работничката и потребата од заштита на нејзиното здравје, побаравме Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор кај работодавачот. Државен инспектор за безбедност и здравје при работа при извршување на надзорот констатирал неправилности од страна на работодавачот и со решение го задолжил да ги отстрани. Работничката нè извести дека работодавачот постапил по задолженијата и вработил уште едно лице на работното место садомијач.
Во оваа насока, уште еднаш потсетуваме дека работодавачите не смеат да ја занемаруваат својата обврска за континуирано дополнување на веќе воспоставените мерки за спречување и контролирање на штетите и ризиците при работа. Притоа, неопходно е развивање и применување нови стратегии и решенија за заштита на работниците, кои ги земаат предвид специфичните услови во кои тие работат и факторите кои влијаат врз нивната работна средина. Овие решенија треба да се засноваат на колективното знаење, искуството и добрите практики во оваа област. Иако постојат ефективни правни инструменти, методологии и мерки за заштита на безбедноста и здравјето при работа, неопходно е зголемување на општата свест за значењето на соодветната примена на овие алатки.
Ризикот по здравјето на работниците е дотолку посериозен во отсуство на национална превентивна култура за безбедност и здравје при работа. Меѓународната организација на трудот го дефинира овој концепт како култура во која се почитува правото на безбедна и здрава работна околина на сите нивоа и каде што владите, работодавачите и работниците активно учествуваат во обезбедување безбедна и здрава работна средина преку систем на дефинирани права, одговорности и должности, а на принципот на превенција му се дава најголем приоритет.
ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ
Седумгодишна истрага за малтретирање од страна на полициски службеници
Во 2014 година, во скопската Стара чаршија, момче од Скопје без никаква причина беше брутално нападнато од страна на полициски службеници, со употреба на прекумерна и несразмерна сила и средства за присилба. Претепаното момче случајот го пријави во Хелсиншкиот комитет за човекови права. Настанот истовремено беше пријавен во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, а неколку месеци подоцна, беше поднесена и кривична пријава до надлежното обвинителство. Одделот не успеа да утврди на каков начин момчето ги стекнало повредите, поради што донесе одлука со која констатираше дека не може да ги усвои, но не може ниту да ги отфрли наводите во претставката.
Седум години подоцна, Основното јавно обвинителство – Скопје донесе решение со кое ја отфрла кривичната пријава како неоснована, со сторени низа пропусти во текот на водењето на истрагата. Имено, обвинителството не можело да утврди на каков начин момчето се здобило со повредите, а не можело ни да утврди кој кого нападнал, односно дали момчето ги нападнало полициските службеници или тие него. Значајно е да се напомене и дека обвинителството пропуштило да преземе низа други дејствија за правилно утврдување на фактичката состојба, како сослушување на очевидците на настанот, поради што сметало дека употребата на сила и средствата за присилба биле сразмерно и оправдано употребени во случајот.
Со правна помош од Хелсиншкиот комитет, оштетениот поднесе жалба на ваквата одлука до Вишото јавно обвинителство, кое во рок од еден месец донесе одлука со која ја уважи жалбата, а предметот го врати на повторно одлучување, со образложение дека Основното јавно обвинителство не ги презело сите процесни дејствија за утврдување на битните факти во случајот.
Иако Вишото јавно обвинителство донесе навремена, правилна и законита одлука, Комитетот со загриженост истакнува дека седумгодишното водење на постапка од страна на Основното јавно обвинителство за случај на полициска бруталност претставува неефективно водење на истрага и постапување во неразумен рок, со пречекорување на сите законски рокови во кои обвинителството е обврзано да донесе одлука.
Праксата на Европскиот суд за човекови права[1] (ЕСЧП) предвидува дека постапките на полициска бруталност мора да бидат водени експедитивно, а имајќи предвид дека доказите како што се лекарските извештаи, изјавите на сведоци, изјавата на оштетениот итн. може да ја изгубат својата вредност или пак поради истек на долг временски период да не може да бидат прибавени. Навременоста е од суштинска важност, особено кога се работи за делотворност на лекарските прегледи и корисноста и веродостојноста на сведочењето на сведоците, како што наложува и праксата на ЕСЧП. Недозволиво е надлежните институции неоправдано да ги одолговлекуваат овие постапки и да го успорат или целосно да го оневозможат пристапот до правда на жртвите на полициска бруталност, поради што Комитетот активно ќе продолжи да го следи постапувањето на обвинителството по овој предмет.
РОДОВА ЕДНАКВОСТ
Осмомартовски марш „Држава што не постапува е држава што силува!“
На Меѓународниот ден на жената 8 март, во Скопје по петти пат се одржа Маршот за женски права, во организација на Платформата за родова еднаквост, чија членка е и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Овогодинешниот марш се одржа под паролата „Држава што не постапува е држава што силува!“, инспирирана од случувањата кои ја одбележаа изминатата година во полето на родовата еднаквост. Маршот претставуваше кулминација на неколку неделните реакции на Платформата за родова еднаквост, поради бавната реакција на институциите во поглед на случаите на родово базирано насилство во земјата. На овој марш му претходеа неколку настани и активности кои ги спроведоа активистките од Платформата за родова еднаквост, вклучувајќи две прес конференции (една пред Министерството за внатрешни работи[2] и една пред Основното јавно обвинителство[3]), на кои беа доставени и изнесени барањата на Платформата во врска со непостапувањето на наведените институции. Дел од активностите на Платформата вклучија и изработка на неколку видеа за подигнување на свеста за причините за непријавување на родово базираното насилство[4] и (не)постапувањето на полицијата во случаите на насилство[5], како и за повикување на граѓаните/ките да земат учество на маршот[6].
На маршот беше нагласено дека е неопходно да се обезбедат поврзани институции, јасни правила и професионалци, кои ќе стават крај на насилството врз жените и родово базираното насилство, како и навремени, квалитетни услуги и поддршка за жените и девојките жртви на насилство. Повторно беше побарано неодложно постапување од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство по сите конкретни барања:
- Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело, во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство;
- Кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени;
- Сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик;
- Професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.
Маршот започна пред Министерството за внатрешни работи, а заврши во Паркот Жена Борец, каде со неколку завршни обраќања и краток перформанс беше означен крајот на овогодинешниот марш за женски права.
ГОВОР НА ОМРАЗА
Говорот на омраза на етничка основа останува доминантен, се интензивира и хомофобичниот говор
Хелсиншкиот комитет за човекови права во март 2021 година нотираше висок број случаи со говор на омраза на социјалните медиуми, при што како основ повторно доминираше етничката припадност (40%). Загрижувачки е што хомофобичниот говор на омраза се интензивираше како средство за навреда и понижување на поединци. Нападите врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет сочинуваат 32% од вкупниот број на пријави.
Комитетот овој месец верификуваше вкупно 77 пријави. Пријавите за говор на омраза врз основ на етничка припдадност се во постојан пораст од почетокот на пандемијата. Негативната реторика беше посебно изразена во контекст на дебатата за воведување на графа за етничко изјаснување во личните карти и подготовката на државата за спроведување на пописот. По одлуката на Владата за заострување на мерките за заштита од КОВИД – 19, односно продолжувањето на ограничувањето на движење од 20.00 до 05.00 часот, социјалните мрежи беа исполнети со препукување и размена на негативни коментари од аспект на поддршката/несогласувањето со ефективните мерки.
По објавувањето на видео записот на овогодинешниот претставник на Република Северна Македонија на Евровизија, авторот/претставникот се соочи со јавна кампања на социјалните медиуми, која беше крајно негативна и навредлива и содржеше говор на омраза врз основ на неколку категории – етничка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет.
Говор на омраза на социјалните медиуми за март, 2021 година
Тренд на говор на омраза, март 2021 година
Хелсиншкиот комитет повторно напоменува дека немањето судска пракса, отсуството на казнивост и слабиот капацитет на надлежните институции во процесирањето на вакви дела, водат кон нормализирање на говорот на омраза во јавниот дискурс. Можеме да констатираме дека и покрај искажаниот интерес на некои институции, како Академијата за судии и јавни обвинители и Министерството за внатрешни работи, постои огромна потреба од подготовка на сеопфатна Стратегија (како дел од владината програма за борба со дезинформациите и лажните вести) и конкретен Акциски план за превенција и борба со говорот на омраза. Нашиот мониторинг во континуитет ја докажува тесната корелација помеѓу говорот на омраза и делата од омраза и затоа има потреба од итна реакција од страна на надлежните институции.
Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: https://www.govornaomraza.mk/reports/.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
[1] Михејев против Русија, жалба бр. 77617/01, 26 January 2006 г. (Mikheyev v. Russia, Application no. 77617/01, 26 јануари 2006)
[2] Соопштение од прес конференција на Платформата за родова еднаквост пред МВР. Достапно на : https://mhc.org.mk/news/barame-itno-prezemanje-na-merki-za-raschistuvanje-na-sluchajot-javna-soba-i-zashtita-na-zhrtvite-na-rodovo-zasnovano-nasilstvo/
[3] Соопштение од прес конференција на Платформата за родова еднаквост пред ЈО. Достапно на: https://mhc.org.mk/news/javnoto-obvinitelstvo-itno-da-go-raschisti-sluchajot-javna-soba-i-da-zapochne-profesionalno-da-raboti-na-sluchaite-na-rodovo-zasnovano-nasilstvo/
[4] Видео ,,Зошто не пријавив’’. Достапно на: https://www.youtube.com/watch?v=qILTKDYkhg0
[5] Видео ,,Што прави МВР’’. Достапно на: https://www.youtube.com/watch?v=PlzJLwRCMFs
[6] Видео ,,На Осми март марширам’’. Достапно на: https://www.youtube.com/watch?v=3p5mhgPKle0