Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово – март, 2018 година
април 12, 2018
Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување и нерегуларната миграција, за периодот 01.03.2018 – 31.03.2018 година.
Гевгелија
Состојбата во ПТЦ Винојуг, Гевгелија е релативно мирна и стабилна во текот на март, 2018 година. Симптоматично е дека ниту една група на бегалци не е донесена во кампот во текот на цел месец, (со исклучок на последниот ден) поради што има недостаток на официјални статистики за тоа колкав број на бегалци/мигранти поминале низ Република Македонија.
Просторни капацитети и услови
На почетокот на месецот во кампот се затекнати 47 бегалци со различно потекло.
Во кампот се одржуваат редовни координативни состаноци помеѓу организациите и институциите на терен. На почетокот на месецот, хигиеничарите одбиваа да ги извршуваат своите должности поради неисплатени плати.
По предлог на Центарот за управување со кризи, започна обновување на приемниот шатор кој се наоѓа непосредно до кампот, во кој беа сместувани бегалците кои доаѓаа од Грција. Воедно, во кампот е извршена дезинфекција поради присуство на шуга кај едно лице.
Легис повремено одржува работилници со бегалците присутни во кампот, но за време на викенд тие немаат никакви активности.
На 21.03.2018 година, во кампот беше организирана посета од страна на околу 50 ученици од основното училиште „Крсте Мисирков“, во рамките на меѓународниот проект Humanity has no borders: Reach out and lend a helping hand.
Бегалците имаат можност со придружба на персонал од кампот да остварат прошетка во кампот.
Во првата половина од месецот во кампот немаше интернет конекција. Во втората половина таа беше обезбедена од страна на УНХЦР.
Институционално постапување
Околу 40 бегалци кои во текот на претходниот месец поднесоа барање за азил, постепено и во неколку наврати се пренесени кон Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Така на 06.03.2018 година, три семејства од нив со полициско возило се пренесени кон Скопје, на 08.03.2018 година се пренесени уште 10 лица, а наредниот ден и последната група од 15 баратели на азил е пренесена во Скопје, со полициско комбе на граничната полиција. По нивното заминување во кампот останаа присутни 6 бегалци со потекло од Авганистан.
На 28.03.2018 четиричлено семејство со потекло од Авганистан е пренесено кон Грција по свое барање. Со полициско возило се пренесени до „камен 59“ на граничната линија каде што биле пресретнати од страна на грчки полициски службеници и пренесени во полициска станица.
Од мешаните патролни тимови, забележани се странските полициски сили на Чешка и Хрватска, а во текот на месецот е пристигнат и нов тим на полициски службеници од Унгарија.
Симптоматично е што во текот на целиот месец, полицијата нема донесено во кампот ниту една група бегалци. Се претпоставува дека бегалците кои се затекнати по илегални патишта веднаш се депортирани кон Грција, без притоа да бидат донесени во кампот. Ваквото постапување го доведува во прашање почитувањето на нивните права, односно нејасно е дали им е укажана медицинска помош, правна помош околу можноста за побарување азил или основна хуманитарна помош. Според податоците кои ги води ИОМ, од 01ви до 20ти март, 2018 година низ Република Македонија поминале вкупно 263 бегалците/мигранти во двете насоки односно од Грција во Македонија и од Србија во Македонија.
Првата група е донесена на 28.03.2018 година, односно донесени се 8 бегалци со потекло од Иран кои 10 дена престојувале во кампот Табановце, а до Гевгелија дошле со автобус. По испрашувањето од страна на полицијата, тие се задржани за привремен престој во кампот и им е обезбедена соодветна облека. Со тоа, бројот на бегалци стигна до 10 од кои 2ца со потекло од Авганистан и 8 со потекло од Иран. На 31.03.2018 година пак, во кампот се донесени двајца бегалци со потекло од Мароко на возраст од 28 и 30 години. Од страна на Црвен крст им е укажана првична помош, по што се сместени во кампот. Истиот ден, по полноќ во кампот се донесени и четворица бегалци со потекло од Сирија и едно малолетно лице (17 години) со потекло од Либија. Покрај нивната видлива измореност, тие се во добра состојба. На малолетното лице му е назначен старател од страна на МТСП и сите лица се сместени во кампот. Со тоа, бројот на бегалци во кампот се зголеми на 17.
Куманово
На почетокот на месецот во кампот се затекнати 46 бегалци со потекло од Алжир, Авганистан, Иран, Сирија, Пакистан, Турција, Ирак и Индија. Во текот на месецот, бројот достигна најмногу 62 бегалци, но потоа постепено се намалуваше. Бројот на жени и деца меѓу нив е релативно мал. Правците на движење се различни односно затекнати се бегалци кои доаѓаат од Грција, но и бегалци кои доброволно или присилно се враќаат од Србија.
Просторни капацитети и услови
Како и претходниот месец, и овој месец започна без интернет конекција во кампот. Истата беше воспоставена во средината на месецот.
Во кампот редовно се одржуваат координативни состаноци помеѓу организациите и институциите на терен, организирани од МТСП или претставниците на ЦУК. На состаноците се дискутира за проблемите и состојбата со бегалците.
На бегалците кои се привремено сместени во кампот, а на кои им е дијагностицирана одредена здравствена состојба, редовно им се обезбедува потребната терапија.
На 09.03.2018 година во кампот е одржана работилница од страна на Легис, како дел од Ерасмус плус програмата.
Институционално постапување
На 20.03.2018 година во кампот пристигнаа 3 бегалци од кои двајца со потекло од Мароко и еден со потекло од Пакистан. Според кажувањата на Пакистанецот, тој се договорил со криумчари од Грција да го пренесат до Германија за што им платил 4.000 евра. Меѓутоа, не само што не го однеле до договорената дестинација туку кога стигнале до Србија, му ги одзеле парите, го држеле како заложник и контактирале со неговата фамилија, барајќи уште пари за да го пуштат жив. Успеал да им избега и да го пријави случајот во полицијата, по што се вратил во Македонија. На 23.03.2018 пак, во кампот е пристигнато пет-члено семејство со потекло од Иран, маж и жена со две ќерки и еден син. Според нив, биле измамени од страна на криумчар, кој им ги одзел парите и ги напуштил по пат.
На 26.03.2018 година, кампот го напуштија двете семејства кои беа сместени, односно едно пет-членото семејство пристигнато пред 3 дена и три-члено семејство (маж, жена и 11 месечно бебе), сите со потекло од Иран. На свое барање се сите пренесени кон Грција. Со тоа, во кампот не останаа ни жени, ни деца. Во текот на ноќта помеѓу 30ти и 31ви, во кампот се пристигнати 4 семејства со потекло од Ирак со вкупно 20 членови од курдска етничка припадност, и тоа 5 мажи, 6 жени и 9 деца (4 машки и 5 женски).
Од страна на ИОМ се водат две постапки за враќање на бегалците во матичната земја односно еден бегалец за враќање во Иран и еден во Мароко. Исто така, две лица кои се сместени во кампот, се во постапка за семејно обединување.
Во текот на 31.03.2018 година, во кампот им беше обезбедена храна и хуманитарна помош на 8 бегалци со потекло од Сирија и еден со потекло од Авганистан кои биле депортирани од Србија. Според нивното барање, веднаш се пренесени кон Грција, без да се задржуваат во кампот.
Нерегуларна миграција
Во текот на март, 2018, Министерството за внатрешни работи во своите билтени регистрирало само еден кривично-правен настан поврзан со мигрантите. На 18.03.2018 година, на автопатот Гевгелија- Скопје при обид за контрола на патничко возило полицијата пронашла 6 бегалци со потекло од Пакистан. Возачот успеал да избега, а полицијата ги пронашла неговите документи во возилото, при што се води постапка за негово пронаоѓање.
„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“