Кривична одговорност за фирмите кои користеле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени
јули 29, 2020
Силно ги осудуваме сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени. Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано и апелираме на следново:
- Управата за јавни приходи, без одложување и во најкус можен рок согласно своите законски овластувања да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати во месеците за кои ја земале поддршката или исплатиле помалку плата за овие месеци.
- Управата за јавни приходи, во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства.
- Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик.
- Владата на Република Северна Македонија како носител на мерката и исплатувач на државната финансиска поддршка јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.
- Во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби.
- Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
- Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
- Независен академски синдикат (НАкС)
- Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
- Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
- Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
- Хелсиншки комитет за човекови права
- Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
- Левичарско движење „Солидарност“
- ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена
- Субверзивен фронт