Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – април 2020
мај 12, 2020
СОДРЖИНА
ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
- Работничките и работниците се една од најзагрозените категории при справувањето со коронавирусот
ДИСКРИМИНАЦИЈА
- Здравствените работнички непрекинато работат во болница и дома
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
- Teкстилните работнички не се доволно заштитени од потенцијална зараза со коронависрусот на работните места
РОДОВА ЕДНАКВОСТ
- Заштита на жртвите на семејно насилство во услови на пандемија
ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
- Инклузивно образование
- Движење на лицата со попреченост за време на полициски час
ГОВОР НА ОМРАЗА
- Говор на омраза за време на пандемија
ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ
Во контекст на глобалното ширење на коронавирусот и со цел успешно справување со пандемијата во државата, Претседателот на Република Северна Македонија на 16 април 2020 година ја продолжи вонредната ситуација во државата. Според Претседателот, одлуката се должи на тоа дека „постојната вонредна состојба завршува денеска поради истекот на рокот од 30 дена за кој беше утврдена и нема да биде формално-правно продолжена бидејќи за тоа нема уставен основ. Затоа, јас, денеска, врз основа на нов образложен предлог од Владата, а во ситуацијата кога Собранието не работи, ќе донесам нова одлука за утврдување на постоење на вонредна ситуација за период од 30 дена на целата територија на државата. Но, ова решение не ја намалува одговорноста на сите релевантни политички фактори во државата јасно и јавно да ги кажат своите ставови по ова прашање, затоа што на средината на мај ќе ги имаме истите правни дилеми пред себе.“
Во месец април 2020 година, Хелсиншкиот комитет продолжи со мониторингот на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23. Имајќи го предвид горенаведеното и следејќи го развојот на настаните, Хелсиншкиот комитет упати апел за почитување на човековите права преку навремено и транспарентно информирање на јавноста со точни информации со цел зголемен јавен надзор врз извршните власти за време на вонредната состојба.
Во врска со ова прашање, беше поднесена иницијатива за составување на Собранието на Република Северна Македонија за потврда на одлуките за вонредна состојба во државата кое наиде на различни мислења од страна на политичките партии. Фокусот на овој месечен извештај е влијанието на мерките на Владата на Република Северна Македонија и вонредната состојба врз ситуацијата со човековите права. Согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социо-економската криза како резултат на пандемијата ‒ особено заштитата на работничките права и активните мерки за превенирање и санкционирање на семејното насилство.
Исто така, во текот на месец април Европската комисија донесе пакет-мерки за поддршка на Западен Балкан за справување со КОВИД-19, како и предлог-мерки за нормализирање на ситуацијата во земјите кои треба да бидат потврдени во мај на Самитот ЕУ‒Западен Балкан. Мерките се однесуваат на финансиска поддршка на економскиот сектор на земјите, поддршка на здравствениот систем за справување со пандемијата, како и пакет-мерки за реактивирање на економските активности во државите. Во предлогот на Комисијата се става јасен акцент за продолжување на реформите во фундаменталните области – особено функционирање на демократските институции и владеење на правото. Во таа насока, се укажува на важноста дека сите мерки на извршната власт за време на вонредната состојба да бидат пропорционални и да ги имаат предвид фундаменталните принципи и вредности за почитување на човековите права.
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
РАБОТНИЧКИТЕ И РАБОТНИЦИТЕ СЕ ЕДНА ОД НАЈЗАГРОЗЕНИТЕ КАТЕГОРИИ ПРИ СПРАВУВАЊЕТО СО КОРОНАВИРУСОТ
Работниците беа први на удар по прогласувањето на вонредната состојба на територијата на целата држава поради справувањето со последиците од коронавирусот. Во април, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше 85 пријави за прекршувања на работничките права, кои опфатија приближно 920 работници.
Голем број работници пријавија дека одредени работодавачи и покрај сите препораки и мерки, ја злоупотребиле вонредната состојба и им ги откажале договорите за вработување на цели групи вработени лица. Поголемиот дел од работниците воопшто не добиле писмено известување за тоа, туку работодавачите едноставно ги одјавиле од Агенцијата за вработување. Комитетот регистрираше 18 пријави за приближно 77 работници кои биле отпуштени од работа во текот на овој месец, но далеку позагрижувачки е бројот од 265 работници кои биле принудени да потпишат спогодби за раскинување на договорите за вработување. На овој начин, ним им беше оневозможен каков било пристап до заштитен механизам и тие останаа да се борат за „гола“ егзистенција на маргините на општеството. Уште еден удар за нив е неможноста да остварат паричен надоместок во случај на невработеност поради тоа што работниот однос им престанал спогодбено.
Како реакција на ова, а со оглед на тоа што првичните владини мерки не успеаја да ги заштитат работниците, Хелсиншкиот комитет, заедно со десетина синдикати и други организации, достави сет од барања до Владата со соодветни конкретни предлози за реализирање на секое од нив. Комитетот побара правото на паричен надоместок за невработени лица во кризава да можат да го остварат и лица на кои работниот однос им престанал со сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината.
Неусогласености при спроведувањето на владините мерки од страна на институциите
Во текот на овој месец, остварувањето на паричниот надоместок во случај на невработеност им било попречено и на дел од работниците на коишто им следувало. Работниците нѐ известија дека при обидот да го остварат правото на паричен надоместок, наишле на одредени проблеми и неусогласености. Со цел значително да се олесни остварувањето на правата на најпогодените граѓани од вонредната состојба, Хелсиншкиот комитет побара Агенцијата за вработување да разработи, донесе и објави конкретни насоки за спроведување на донесените владини мерки. Комитетот ја потенцираше потребата од воспоставување уедначена пракса за одлучување и јасно утврдување на начинот и условите во кои граѓаните ќе можат да ги остварат своите права.
Во втората половина од месецот, покрај тоа што се намалуваа пријавите за отпуштања од работа, растеше бројот на пријави од работници на кои платата не им била исплатена или им била намалена дури и за 50 проценти, незаконски повикувајќи се на институтот „виша сила“. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бурно и будно реагираше со јасно видување дека одлуките на Владата со кои целосно се забрани работата на правните субјекти во одредени дејности, а поради спречување на ширењето на коронавирусот, не претставуваат виша сила.
Оттука, Хелсиншкиот комитет во сетот барања, заедно со ССМ, побара Владата да донесе уредба со која ќе уреди дека платите на работниците нема да можат да се намалуваат повеќе од 20 % за време на кризата, како што е дефинирано со Општиот колективен договор (ОКД) за приватниот сектор. Во овој случај, ОКД за приватниот сектор содржи одредби кои предвидуваат поповолни права за работниците од Законот за работните односи и тие треба да се применуваат.[1] Хелсиншкиот комитет регистрираше 599 работници на кои не им била исплатена или им била намалена платата овој месец. Со неисплаќањето на платите и придонесите последниве два месеци, огромен број работници и нивните семејства беа оставени без здравствено осигурување, во еден од најкритичните моменти за здравјето на луѓето во нашата држава.
Непочитување на мерките од страна на работодавачите
Голем дел од работодавачите не ги почитуваа мерките и препораките на Владата и на Министерството за здравство за превенција и заштита од коронавирусот. Особено незаштитени и загрозени беа работниците во првата борбена линија против вирусот, работниците во супермаркетите, продавачите и продавачките. Занемарувајќи ги трудовите правила за заштита и безбедност при работа, работодавачите не им обезбедија соодветна заштитна опрема, па тие ги остваруваа своите работни задачи изложувајќи се на сериозен ризик за своето здравје и живот. Притоа, тие не добија зголемување на платите соодветно на зголемениот ризик на работното место.
Дел од работниците побараа информации за спроведување на мерките донесени од Владата, особено во однос на мерката за ослободување од работа на еден родител на дете до десетгодишна возраст. На 10 март 2020 година, Владата донесе мерка со која го прекина воспитнообразовниот процес и наставата во сите детски градинки и основните училишта. Истовремено, Владата одлучи дека за спроведување на оваа мерка, еден од родителите чии деца до десетгодишна возраст посетуваат настава во градинка или основно училиште, ќе биде ослободен од обврската да ги извршува работните задачи. Вработена во јавниот сектор, чиј сопруг е невработен, побара правна помош од Хелсиншкиот комитет. Семејното насилство од страна на сопругот, со кое таа и нејзините деца се соочувале во минатото, придонело до разделување на партнерите кои во моментов не живеат заедно, но, законски, сè уште се во брак. Ваквата ситуација претставувала проблем за работничката, поради тоа што претпоставените побарале да достави потврда дека нејзиниот сопруг е во работен однос, за таа да може да биде ослободена од работните обврски. Нејзиниот сопруг како лице, сторител на семејно насилство, не само што е неподобен да се грижи, чува и да ги воспитува нивните деца туку претставува и закана за нивното здравје и безбедност. Користејќи ги овие аргументи, Хелсиншкиот комитет ѝ овозможи правна помош на работничката при подготвување на известувањето до работодавачот, кој потоа ја ослободи од работните обврски.
Со оглед на тоа што во пракса се јавуваат различни и покомплексни ситуации, како оваа, Комитетот препорачува при имплементирање на оваа мерка, како во овој пример, да се постапува во најдобар интерес на децата, особено оние кои се или биле жртви на некаков вид семејно насилство.
Уште две категории лица остануваат незаштитени во оваа кризна ситуација: прекарните работници (хонорарците, фриленсерите и слично) и работниците со договори за вработување на определено време. Првите остануваат надвор дури и од (претпоставената) заштита која на останатите работници им ја нуди Законот за работните односи. Хелсиншкиот комитет побара да се обезбеди заштита и соодветна финансиска поддршка во кризниот период за оваа категорија на загрозени работници, кои немаат речиси никакво социјално, ниту здравствено осигурување. Втората група работници се изигрувани од несовесните работодавачи кои одлучуваат дека повеќе немаат потреба од нив, па по истекот на определеното време за кои се склучени, не им ги продолжуваат договорите за вработување. Во овој период тоа е значителен удар за егзистенцијата на една од најранливите категории работници. Во својата улога на гласник на студентите и Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје побара донесување на привремена економска мерка, во вид на вонредни социјални стипендии. УСС побара оваа мерка да важи за студенти кои потекнуваат од семејства со низок доход, како и за студентите кои ќе приложат доказ дека еден или повеќе од членовите на семејството останале без работно место како последица од вонредната состојба.
Конечно, Хелсиншкиот комитет во претходно спомнатите барања побара да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на март. Владата на Република Северна Македонија, не само што немаше слух за ова барање туку сосема спротивно, значително ја влоши ситуацијата со повторно менување на уредбата. На 29.4.2020 година, министерката за финансии, Нина Ангеловска, соопшти дека ќе им биде дозволено на фирмите кои користат државна финансиска поддршка за исплата на плати да отпуштат до 15 % од нивните вработени. Хелсиншкиот комитет, заедно со повеќе синдикати и здруженија на граѓан(к)и кои се борат и залагаат за работничките права и за достоинствен живот на работниците, најостро се спротивстави и ја осуди таквата најава на министерката за финансии и Владата на Република Северна Македонија. Доколку ова се реализира, тоа ќе значи десетици илјади нови невработени во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија. Апсолутно е недозволиво Влада која се нарекува социјалдемократска и која треба да се грижи пред сè за сиромашните и работниците да најавува вакви мерки, особено на два дена пред Први мај, Меѓународниот ден на трудот. Не смее да се заборави дека средствата од кои се финансираат овие мерки доаѓаат од даночните обврзници, односно се пари на сите граѓани на оваа држава, па затоа треба да се трошат за доброто на сите, а не само за доброто на одредени групи моќници. Ваквата промена е особено сомнителна поради тоа што Владата веќе еднаш претходно ја смени оваа Уредба, скратувајќи го рокот за неотпуштање работници од септември, на јули, односно за два месеци.
Првичните мерки на Владата како одговор на најголемата економска криза, која на глобално ниво сè повеќе зема замав, покажаа дека нашата земја нема да биде исклучок од предвидувањата дека поради несоодветните реакции на државите – половина милијарда луѓе во светот ќе западнат во сиромаштија. Поради сето ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја потенцира неопходноста од прифаќање на поднесените барања и нивно спроведување. Воедно, Комитетот го поздравува подобрувањето и ажурноста на работењето на Државниот инспекторат за труд како примарен столб на заштита на работничките права и го повикува да бара одговорност од работодавачите кои не ги почитуваат или ги прекршуваат препораките на Владата.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЧКИ НЕПРЕКИНАТО РАБОТАТ ВО БОЛНИЦА И ДОМА
Жените на глобално ниво сочинуваат над 70 проценти од здравствените работници, вклучувајќи ги и оние кои се вработени во установите за нега. Тие се на првата борбена линија во борбата против КОВИД 19. Како резултат на пандемијата, тие се соочуваат со двојно оптоварување: подолги смени на работното место и дополнителна грижа во рамките на домот.
Меѓународната организација на трудот потсетува дека за речиси 100 милиони здравствени работнички низ светот балансирањето на работните и домашните обврски секогаш претставувало предизвик, а оваа криза само ја потврди долгогодишната борба со родовата нееднаквост.
Во нормални услови, жените вршат неплатена домашна работа во времетраење од 4 часа и 25 минути, додека мажите 1 час и 23 минути. Поради пандемијата, училиштата, градинките и другите установи за грижа се затворија, па како резултат на тоа, времето потрошено во домашна неплатена работа драстично се зголеми. Жените во самоизолација ги преземаат најголемиот број домашни обврски како: пазарење, готвење, одржување хигиена, грижење за членовите на семејството и слично.
Некои влади преземаа мерки за поддршка на работниците, особено за оние кои работат во службите за итни случаи, кои немаат можност да работат од дома. Здравствените работнички не можат истовремено да се борат со пандемијата на КОВИД 19 и да ги вршат домашните обврски, како грижа за нивното семејство. Потребни се мерки за нивна помош и поддршка, но истовремено потребно е и долгорочно решение за овој проблем.
Заклучок: Од Меѓународната организација на трудот истакнуваат и дека ваквите последици на кризата со коронавирусот најмногу ги погодуваат здравствените работнички кои живеат во едночлено домаќинство. Тие најчесто немаат друга опција, освен откако ќе се вратат од работа, сами да се грижат за своите деца и за постарите членови на семејството, што дополнително го зголемува ризикот да ги заразат со коронавирусот.
Препорака: Оваа пандемија уште еднаш нè потсети за важноста на платената и неплатената домашна работа, а доколку сакаме да излеземе од оваа криза со поправично општество, потребно ќе биде жените да бидат максимално вклучени во креирањето на политиките по КОВИД-19.
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ НЕ СЕ ДОВОЛНО ЗАШТИТЕНИ ОД ПОТЕНЦИЈАЛНА ЗАРАЗА СО КОРОНАВИРУСОТ НА РАБОТНИТЕ МЕСТА
Во април Хелсиншкиот комитет доби зголемен број пријави од текстилни работнички, вработени во конфекции во повеќе градови во земјата за непочитување на уредбата за организирање на работниот процес и превоз на работници за време на полициски час од страна на работодавачите. Имено, од пријавите на текстилните работнички може да се види дека работничките се превезуваат во несоодветни автобуси за време на полицискиот час од и до работа. Капацитетот на автобусите е далеку помал од бројот на работнички кои се превезуваат со нив, па практично е невозможно да се одржува препорачаната социјална дистанца од 2 метри. Дополнително, текстилните работнички пријавуваат дека самиот работен процес во конфекциите е организиран на начин на кој не се почитува препорачаната дистанца во извршување на работните задачи и често работодавачите не им обезбедуваат на текстилните работнички задолжителна заштитна опрема при работа. Воедно, во месец април Хелсиншкиот комитет доби пријави дека во дел од конфекциите во кои работат текстилните работнички не се врши задолжително дезинфицирање на погоните и на опремата.
Препорака: Апелираме Државниот инспекторат за труд да го зголеми бројот на инспекциски надзори по службена должност во текстилните конфекции, особено во оние кои работат за време на полициските часови, со цел да се обезбеди доследно и континуирано почитување на уредбата за организирање на работниот процес и превоз на работниците, а со тоа да се обезбедат здрави и безбедни услови за работа на текстилните работнички.
РОДОВА ЕДНАКВОСТ
ЗАШТИТА НА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА
Рестриктивните мерки кои секојдневно се усвојуваат од страна на Владата на Република Северна Македонија за заштита од КОВИД-19, како и препораките за самоизолација како еден од најдобрите начини на превенција, можат сериозно да придонесат за зголемување на ризикот од семејно насилство. Во периоди на криза од овој вид, може да дојде до зголемување на степенот на семејно насилство, што не мора да значи зголемување на бројот на случаи, туку и дека постои сериозна опасност постоечкото насилство да се интензивира. Стресот предизвикан од општата ситуација во земјата, но и на глобално ниво, може да биде фактор кој ќе придонесе за зголемување на ризикот од насилничко однесување.
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, во периодот од 12 март до 12 април 2020 година, евидентирани биле 79 кривични дела за сторено семејно насилство, што претставува бројка за 28 % помала во споредба со истиот период минатата година. На неделно ниво единствен пораст бил забележан само во првата седмица од месец април, додека во текот на останатите седмици случаите на семејно насилство биле во стагнација.[3] Споредбено со многу земји во Европа, но и на глобално ниво, каде порастот на семејното насилство од самиот почеток на изолацијата достигна над 25 %,[4] имаме причина да веруваме дека податоците го потврдуваат долгогодишниот проблем на непријавување од страна на жртвите, но и несоодветниот начин на евидентирање на кривичните дела и водење на родово разделена статистика. Друга причина за ваквата бројка е и несоодветниот начин на квалификација на случаите на семејно насилство кои многу често се третираат како прекршоци против јавниот ред и мир наместо како кривични дела. Во оваа насока говорат и информациите од МВР според кои дел од жртвите кои поднеле пријава до полицијата подоцна ја повлекле истата, поради што регистирано е намалување на бројот на кривични дела и прекршоци за семејно насилство во овој период.[5]
Хелсиншкиот комитет за човекови права од самиот почеток на пандемијата апелираше институциите соодветно и навремено да постапуваат на пријави на семејното и родово базираното насилство, со цел да не дојде до нивен пораст и фатални последици. Она што е особено важно во овој период е да се овозможи поддршка и охрабрување на жртвите за да го пријават насилството, бидејќи искуството на терен укажува на фактот дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето на насилството од страна на жртвите.
Имајќи предвид дека жените и децата жртви на семејно насилство како посебна ранлива категорија беа целосно изоставени од иницијалните мерки и препораки на Владата, Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со останатите членки на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство достави официјално барање до Владата[6] со предлог-мерки со чие донесување би се овозможила нивна соодветна заштита согласно со новонастанатите услови. Покрај предложените мерки чие итно донесување ќе овозможи заштита на жртвите во периодот на криза, воедно ќе го подготви системот на заштита за постапување при случаи на семејно насилство по завршување на кризата. Во барањето конкретно се посочени ризиците кои се специфични за семејното насилство и се даваат итни предлог-мерки за справување со насилството и со неговите последици.
Набрзо по доставување на барањето, Владата донесе уредба со која жените жртви и нивните деца кои го напуштаат домот поради закана и директен ризик од насилство, во текот на полицискиот час непречено можат да се движат до најблиската полициска станица или пак, доколку им е потребна здравствена помош, до најблиската здравствена установа, односно нема да имаат потреба од посебна дозвола за движење за овие потреби. Меѓутоа, освен мерката за непречено пријавување и за време на полицискиот час, државата не направи никакви напори во изнаоѓање на креативни решенија за превенција од насилство, ниту за олеснување на пријавувањето.
Жртвите на семејно насилство кои имаат потреба од помош и заштита можат да се јават на Националната бесплатна мобилна СОС-линија за жртви на семејно насилство, меѓутоа и останатите граѓани во случај кога постои сознание за загрозување на нечиј живот и здравје, како последица на родово базирано насилство и семејно насилство, се должни да пријават во најблиската полициска станица или надлежниот центар за социјална работа. Службата за бесплатна правна помош при Хелсиншкиот комитет е на располагање на жртвите секој работен ден, телефонски и преку електронска пошта.
ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
ИНКЛУЗИВНО ОБРАЗОВАНИЕ
Имајќи предвид дека децата со посебни образовни потреби, а особено децата со попреченост, во време на пандемија се соочуваат со дополнителни предизвици, онлајн-платформите за образование кои го заменија редовното образование со почетокот на изолацијата ги исклучуваа најголемиот дел од нив. Нивното образование во овој период беше целосно препуштено на нивните родители и волјата на некои од образовните асистенти. По изминат скоро цел месец, дури на крајот на месец април беше промовирана онлајн-платформата за поддршка при учењето и развојот на децата со попреченост, која треба да обезбеди дополнителна поддршка, индивидуализиран пристап и модифицирани часови за децата да можат да продолжат со образовниот процес и во домашни услови.
Имајќи предвид дека новиот Закон за основно образование кој беше донесен во август 2019 година, а со кој основното образование беше институционално, кадровски и содржински организирано да овозможи инклузија на сите деца во редовното образование, ги потсетуваме одговорните институции дека треба во најскоро време да пристапат кон донесување на подзаконските акти со цел да се обезбеди соодветна имплементација на Законот и инклузија децата со посебни образовни потреби во образовниот процес од секој аспект.
ДВИЖЕЊЕ НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИ ЧАС
Со почетокот на спроведување на продолжен полициски час за време на викендите, но и за време на работните денови, имајќи предвид дека за голем дел од лицата со попреченост движењето претставува терапевтска активност и дел од воспоставена рутина, беше донесена уредба со која беа одредени посебни термини во текот на денот во кои лицата со попреченост ќе можат слободно да се движат. Лицата со попреченост можат да излегуваат со придружник, а за оваа цел не беа задолжени да вадат посебна дозвола за движење, туку единствено со себе да имаат наод или решение кое ја докажува попреченоста.
ГОВОР НА ОМРАЗА
ГОВОР НА ОМРАЗА ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА
Овој извештај се однесува за април 2020 година. Во тој временски период, Хелсиншкиот комитет за човекови права продолжи да нотира значително голем број на пријави поврзани со говор на омраза на социјалните медиуми, односно вкупно 112 верификувани пријави. Најголем број од случаите кои беа регистрирани во април се однесуваа на ситуацијата со пандемијата со коронавирусот, продолжената вонредна ситуација и задолжителниот карантин за време на викендите. Реакциите на социјалните медиуми, слично како и за март 2020 година, се однесуваа на полицискиот час, како и реакција на јавноста поврзана со мерките кои се преземаат од страна на Владата.
Тренд на говор на омраза, април 2020 година
Како што може да се утврди од табелата за трендот на говор на омраза на социјалните медиуми за април 2020 година, најголем број пријави се забележани во екот на пандемијата и зголемениот број на заболени граѓани (во пораст од 8 до 22 април). Интересно за овој временски период е зголемениот говор на омраза пред христијанскиот празник Велигден и почетокот на рамазанските пости. Покрај јасните препораки на Владата за почитување на мерките за спечување на ширењето на КОВИД-19, дел од религиските лидери имаа спротивни ставови и препораки во тој период.
Говор на омраза на социјалните медиуми за април 2020 година
Најголем број од пријавите (или 61 %), слично како во март, повторно се однесуваат на две категории и тоа етничка припадност и политичка припадност. Сепак, со воведувањето на категоријата говор на омраза врз основ на здравствена состојба, Хелсиншкиот комитет беше во можност да го унапреди сопствениот систем за следење. Во април, по основ на здравствена состојба беа утврдени 11 % од вкупниот број пријави. По подолг период по ревидирањето на методологијата за следење на говорот на омраза, верификувани се пријави по основ на социјално потекло, како и религија и религиско уверување. Како што нагласивме погоре, зголемениот број повторно се должи на продолжената вонредна состојба во државата за спречување на ширењето на коронавирусот. Исто така, беше забележана активна негативна дискусија помеѓу поддржувачи на партиите на власт и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата, како и иницијативата на група пратеници за свикување на Собранието на Република Северна Македонија за потврдување на одлуката на Претседателот на државата за продолжување на вонредната ситуација.
Хелсиншкиот комитет и во овој извештај уште еднаш изразува загриженост за драстичното зголемување на говорот на омраза, особено во новонастанатиот контекст со продолжувањето на вонредната ситуација во државата. Ова е особено важно во отсуство на функционално Собрание и можност за ефикасен надзор врз работата на извршната власт во време на вонредна ситуација. Соодветно на ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува граѓаните да пријавуваат говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.
[1] „Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.“ – Член 12 став 3 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19).
[2] Оваа одлука е објавена во Службен весник на РС Македонија бр.95 од 8.4.2010 година, а истата стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник.
[3] https://www.dw.com/mk/%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%B2%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%BA%D0%B0%D0%B7%D0%BD%D0%B8-%D1%81%D0%B5-%D0%BA%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82-%D0%B7%D0%B0%D0%B4-%D0%B1%D1%80%D0%BE%D1%98%D0%BA%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B2%D1%80/a-53288014?maca=maz-rss-maz-pol_makedonija_timemk-4727-xml-mrss&fbclid=IwAR272uqonXnZkNIXgPS5K-CYSIOaCcNBsPvdYOl8kHtbwuM9JHzYibOXsEY
[4] https://www.unwomen.org/-/media/headquarters/attachments/sections/library/publications/2020/policy-brief-the-impact-of-covid-19-on-women-en.pdf?la=en&vs=1406
[5] https://kanal5.com.mk/-restriktivnite-merki-gi-zgolemija-i-brojot-na-semejno-nasilstvo-vo-makedonija/a419964
[6] https://mhc.org.mk/news/baranje-do-vlada-na-rsm-za-dopolnuvanje-na-odlukata-za-zabrana-za-dvizhenje-na-graganite-vo-celata-teritorija-na-drzhavata/