јули 27, 2016

Уставниот суд во стегата меѓу политичките интереси и човековите права

Во изминатите пет години, а особено од 2013 година до денес, Уставниот суд на Република Македонија бележи намален број на примени и завршени предмети, намален број на укинати и поништени одредби од закони и подзаконски акти, намалување на бројот на вработени и непроменети средства во годишниот буџет. Според годишните извештаи на Судот, бројот на примени предмети е во постојан пад и споредено со 2011 година кога примени биле 236, во 2015 година примени се 128 предмети (-46%). Споредбата за истите години по однос на завршени предмети е 231/150 (-35%); укинувачки/поништувачки одлуки 32/11 (-66%); и барања за заштита на слободи и права од граѓани 23/13 (-43%). Овие негативни индикатори укажуваат на невообичаено пасивизирање во работата на Судот, намалување на довербата кај граѓаните, наклонетост кон политиките на законодавната и извршната власт и негрижа на државата за развојот на бастионот на човековите права и унапредување на професионалноста на уставните судии и стручната служба.

Уставниот суд во текот на 2015 и 2016 година беше често критикуван од страна на стручната и општата јавност, а за неговата работа зачестено објавуваа и медиумите. Во услови кога е спорно дали целокупниот сегашен состав на Уставниот суд е од редот на истакнати правници, нивниот политички избор, непочитувањето на сопствената претходна пракса, затворањето на седниците за јавноста и неприфаќањето на мислења од Венецијанската комисија, се отворија основани сомненија дека Судот наместо орган кој треба ја штити уставноста и законитоста се претвори во институција која е потчинета на законодавната и извршната власт и политичките партии. Со тоа сериозно е нарушена независноста, непристрасноста, компетентноста и легитимноста на Уставниот суд. Проблемите во функционирањето на Судот се споменати и во извештаите за напредокот на Република Македонија на Европската комисија која забележува на составот на Судот, неговата пристрасност и пролонгирање на донесувањето на одлуки.

Хелсиншкиот комитет е една од ретките организации во Република Македонија која има долгогодишно и континуирано искуство во набљудување на судски постапки и седници. Покрај тоа, преку својата програма за бесплатна правна помош, Комитетот беше во можност да разгледува списи кои се составен дел на предметите разгледувани пред Уставниот суд. На овој начин, набљудувачите на Хелсиншкиот комитет беа во можност постапките за време на седниците на Судот да ги набљудуваат како од научно-правен така и од практичен аспект. Оваа анализа произлезе од набљудуваните 30 седници на Уставниот суд во периодот од 25 март 2015 година до 18 мај 2016 година.

Документи