Анализа на состојбата со говор на омраза во Република Македонија
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија го спроведe проектот „Интернет-платформа за мапирање и следење на говорот на омраза во јавниот простор и медиумите“. Дел од активностите на овој проект што Хелсиншкиот комитет треба да ги спроведе се однесуваат на набљудување, бележење и известување за говор на омраза во јавниот простор и медиумите во реално време.
-Бележење говор на омраза, на локално и централно ниво, преку волонтери на платформата www.govornaomraza.mk;
-Кампања за промоција на платформата; и
-Анализа и препораки за превенција од говорот на омраза и борба со него.
Последната активност или анализата овозможува преглед на состојбите во Република Македонија и пристапот до правда за жртвите на говор на омраза. За потребите на анализата беше составен правно-политички истражувачки тим кој ги анализираше собраните податоци и воедно обрна внимание на меѓународното и националното законодавство, како и потребата за нивно консолидирање во оваа област. Согласно методологијата, користени се квалитативни и квантитативни методи за собирање податоци и мултидисциплинарен пристап со цел да се одговори на поставените тези-прашања:
1.Дали Република Македонија има јасна и дефинирана правна рамка за говор на омраза?
2.Дали граѓаните имаат пристап до ефикасни и ефективни механизми за заштита од говор на омраза?
СОДРЖИНА НА ПОГЛАВЈА
Поглавје 1: Првото поглавје се осврнува на меѓународното законодавство и дефинирањето на терминот говор на омраза преку примери на судската практика на Европскиот суд за човекови права. Опфатени се и методите со кои се овозможува согледување на разликата помеѓу говорот на омраза и слободното изразување, преку кои може појасно да се направи дистинкција, особено во судски постапки за говор на омраза.
Поглавје 2: Второто поглавје прикажува краток историски осврт на говорот на омраза третиран во Кривичниот законик на Република Македонија и севкупниот опфат на законодавството и институциите што треба да овозможат соодветна заштита на граѓаните од говорот на омраза.
Поглавје 3: Третото поглавје се однесува на процена на говорот на омраза во Република Македонија и функционалноста на законите и механизмите за заштита од говор на омраза. Во ова поглавје се анализирани прибраните податоци од прашалниците доставени до судови и институции, како и податоци од говорот на омраза од платформата. Воедно, ова поглавје ги обработува и одговорите на поставените тези и заклучоци за состојбите во Република Македонија.
Заклучоци и препораки: Согласно констатираните состојби, правно-политичкиот тим изработи заклучоци и препораки за превенција и справување со говорот на омраза во Република Македонија. Препораките се однесуваат на потребата од подобрување на националната законска рамка, санкциите и пристапот до правда преку судскиот систем и независни механизми за заштита од говор на омраза.
Анализата, заклучоците и препораките ќе бидат доставени до сите релевантни институции и тела со цел да се обрне поголемо внимание на феноменот, како и можните превентивни мерки што државата треба да ги преземе со цел намалување или искоренување на овој општествен проблем.