март 21, 2022

Светски ден на лицата со Даунов синдром: Што значи инклузија?

,,Целосно и ефективно учество и инклузија во општеството’’ е еден од основните принципи на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, но, за жал, реалноста во која живеат луѓето со Даунов синдром сѐ уште е далеку од ова важно начело. Последниот случај кој ја разбранува нашата јавност е оној на малата Ембла Адеми, девојчето со Даунов синдром кое доживеа груба сегрегација во нејзиното училиште во Гостивар. Овој пример го разоткри недостигот на разбирање на инклузијата и што значи фунцкионирање во пракса на инклузивните системи. Покрај отсуството на сензибилизација кај граѓаните, во случајов родителите кои со петиција побараа физичко отстранување на Ембла од училницата, особено сериозно е што и самата установа, која има законска обврска да организира инклузивен образовен процес, подлегнала на барањата и извршила дискриминација врз девојчето.

Ова не е прв ваков случај во нашата земја, а поради ниската свест за овие прашања, нема да биде ни последен. Токму затоа е важно препораките кои ги даде Комисијата за заштита и спречување од дискриминација за случајот на Ембла да стигнат до сите образовни институции, до сите надлежни лица, но и до секој поединец во општеството, кое по инерција ги исклучува различните и ја стигматизира попреченоста кај децата и возрасните.

Поради сето ова, на годинешниов Ден на лицата со Даунов синдром, а со цел ниедно дете повторно да не доживее сегрегација и нехумен однос во училиште, ги нагласуваме овие клучни препораки:  секое дете има право на пристап до образовниот процес врз еднаква основа со другите; училиштата мора да спречуваат какви било форми на исклучување и сегрегација од воспитно-образовниот процес и соодветно да ја приспособат училишната структура за да овозможат инклузија; секој родител и наставник да се запознае со принципите и задолжителната примена на Концепцијата за инклузивно образование и законската забрана за повикување, поттикнување и давање инструкции за дискриминација.

Апелираме до медиумите и до сите чинители континуирано да работат на зголемување на јавната свест за придобивките од инклузијата, која не само што значи  подобрување на квалитетот на живот за луѓето со попреченост, туку го подобрува и целото општество.