Повик за подготовка на анализа за утврдување на последиците од коронавирусот врз пазарот на труд во РСМ
Повик за пријавување за подготовка на анализа со истражување на репрезентативен примерок за утврдување на последиците од коронавирусот врз пазарот на труд во Република Северна Македонија
Општи информации
Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамките на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија“, финансиран од Фондот за добро владеење на Британија, објавува повик за изработка на истражување на репрезентативен примерок и анализа врз основ на обработените податоци. Целта на проектот е да се зголеми продуктивноста на работниците во Македонија преку подобрување на законската рамка за работните односи. Проектот обезбедува правни анализи кои од една страна нудат сеопфатен преглед на сегашната состојба, а од друга страна даваат препораки за унапредување на законската рамка во согласност со меѓународните стандарди. Проектниот тим исто така врши мониторинг на инспекцискиот надзор и постојано ја информира јавноста за состојбата со работничките права со што активно придонесува кон кревањето на јавната свест за пристапот до услуги за заштита на работничките права. Проектот непрекинато обезбедува и правна помош за жртвите на прекршување на работничките права со цел да се подобри пристапот до правда на работниците.
Конкретната анализа треба да содржи:
- истражување на репрезентативен примерок за утврдување на последиците од коронавирусот врз пазарот на труд во Република Северна Македонија и да биде заснована на податоците кои ќе се соберат од репрезентативниот примерок.
- анализата треба да биде поткрепена со релевантната законска рамка, уредбите на Владата, меѓународното и компаративното право, достапните податоци од засегнатите институции, научна литература, истражувачките прикази и документите за јавни политики. Секаде каде тоа е возможно, авторите треба да го запазат пристапот на визуелно презентирање на наодите и мерките преку примена на графикони и инфографици.
Области кои треба да бидат опфатени со анализата на јавните политики
Анализата треба да претставува холистички, сеопфатен и систематичен осврт на последиците од мерките преземени заради справување со коронавирусот врз пазарот на труд во Република Северна Македонија. Анализата на регулативата и праксата пред, за време на и по здравствената криза, се очекува да обезбеди податоци и докази од кои ќе се процени влијанието на кризата врз пазарот на труд. Се очекува целиот процес да биде организиран во следните фази: 1. методологија по чекори; 2. подготовка на анкетен прашалник за репрезентативниот примерок; 3. динамика; и 4. интерпретација на податоци. Од проценката ќе произлезат конкретни препораки за справување со последиците и унапредување на законската рамка во согласност со меѓународните стандарди во следната област:
Област: Истражување и анализа на репрезентативен примерок за утврдување на последиците од мерките за справување со коронавирусот врз пазарот на труд во Република Северна Македонија
- Анализа на мерките донесени заради справување со коронавирусот и релевантната национална правна регулатива (Закони и Уредби);
- Утврдување на директните и индиректните последици со кои се соочиле и сѐ уште се соочуваат работниците во приватниот и јавниот сектор;
- Број на работници кои останале без работа, добиле значителни намалувања на платите или на друг начин се соочиле со грубо прекршување на нивните работнички права во периодот пред, за време на и по вонредната состојба;
- Проценка на стандардите за безбедност и здравје при работа во Република Северна Македонија за време на и во врска со пандемијата предизвикана од COVID-19;
- Проценка на влијанието на владините мерки и ефектот на владините мерки за заштита на работниците;
- Степен на задоволство помеѓу работниците во однос на институционалното справување со кризата;
- Анализа на националната и избрана меѓународна правна регулатива, реакции на кризата и споредба на ефекти;
- Кратка анализа на регулативата на Меѓународната организација на трудот во справувањето со кризата;
- Кратка анализа на меѓународните стандарди и директивите на Европската Унија во поглед на пазарот на труд и справување со кризата;
- Препораки за ефикасно справување со последиците од здравствената криза врз пазарот на трудот и унапредување на македонското законодавство;
- Препораки за гарантирање на квалитетот на спроведување;
- Споредба помеѓу утврденото позитивно законодавство, мерките и препораките за унапредување на работничките права по завршувањето на кризата.
Анализата треба да даде податоци од кои точно ќе можат да се утврдат последиците од здравствената криза и мерките за справување со неа врз пазарот на трудот. Откако ќе се утврдат последиците, од анализата се очекува да даде препораки за ефикасно справување со последиците од здравствената криза врз пазарот на трудот и унапредување на македонското законодавство. Од истражувањето се очекува да има интерсекциски пристап, односно да се истражи како кризата влијаела на работници со различни карактеристики со посебен осврт на родовата димензија. На пример, анализата треба да даде сеопфатни одговор како здравствената криза влијаела врз работниците со попреченост, вработените кои се во социјален ризик и работниците од руралните средини.
Авторите се обврзуваат да направат истражување на репрезентативен примерок, без разлика дали тоа ќе биде направено од страна на самиот истражувачки тим или од надворешни експерти кои тимот ќе ги исплати од вкупниот износ што ќе го добие. Некои од дополнителните алатки кои можат да се користат за собирање на податоци се: интервјуа, телефоноски јавувања, фокус групи, анкети, како и соработка со граѓански организации, синдикати, организации на работодавачи и институции кои работат во полето на работничките права.
Онлајн јавни дебати/конференции
Истражувачите ќе имаат обврска наодите од истражувањето и документите за јавните политики поддржани со докази да ги презентираат на онлајн јавни дебати/конференции со сите засегнати страни. Присуството на засегнатите страни, како што се работниците, синдикатите, Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, Агенцијата за вработување, работодавачите, организациите на работодавачи и здруженијата на граѓани ќе биде обезбедено од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Насоки за формирање на тимовите
Право да учествуваат на овој повик имаат сите физички и правни лица. Тимови треба да бидат составени од најмалку 3 членови – 1 главен експерт и 2 истражувачи.
Кандидатите за позицијата главен експерт треба да ги исполнуваат следните критериуми:
- Работно искуство во областа на истражувањата, работничките права, минималните стандарди за работа, безбедноста и здравјето при работа и/или условите за работа и квалитетот на спроведување на политиките;
- Познавање на трудовата проблематика што ќе се проверува со публикации поврзани со тематиката;
- Познавање на меѓународните стандарди за работнички права, а особено регулативата на Меѓународната организација на трудот и директивите на Европската Унија поврзани со работничките права и обврски;
- Работно искуство од најмалку 5 години во подготовка на методологии за истражувања/анализи;
- Работно искуство од најмалку 5 години во спроведување на истражувања/анализи;
Работни задачи:
- Изработка на методологија за истражувањето/анализата;
- Изработка на прашалници за алатките кои ќе се користат за собирање на податоци;
- Спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци;
- Одржување на состаноци со државни институции;
- Обработка на податоци;
- Истражување на домашната и меѓународната правна регулатива;
- Подготовка на истражувањето/анализата;
- Презентација на истражувањето/анализата на јавни дебати;
- Комуникација со истражувачите и државните институции;
- Комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Кандидатите за позицијата истржувач треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
- Учество во изработка на анализи;
- Искуство од најмалку три години во спроведување на алатките кои се користат за собирање на податоци;
- Искуство во изготвување на студии на случаи за трудовата легислатива;
Како предност ќе се смета работно искуство во областа на работнички права, недискриминација, маргинализирани групи, социјална инклузија и кохезија и директен контакт во пружањето правна помош во случаи поврзани со повреда на работнички права. Работното искуство се докажува со доставување референци.
Работни задачи:
- Подготовка на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер;
- Спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци за да се измери квалитетот на спроведување на мерките;
- Комуникација и собирање информации од институции, синдикати, организации на работодавачи и граѓански организации кои директно работат и се вклучени во тематиката;
- Организирање и спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци;
- Анализа на податоците од алатките кои ќе се користат за собирање на податоци;
- Комуникација со главниот експерт кој ќе го подготвува истражувањето/анализата;
- Подготовка на студии на случаи;
- Комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
При предложување на тимовите се очекува јасно дефинирање на нивните улоги при подготовка на истражувањето и документите за јавна политика, како и нивно презентирање во јавноста.
Етички напомени
Истражувачите се обврзуваат коректно да ги наведуваат изворите на податоците во истражувањето. Во случаи на плагијаризам, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ги раскине склучените договори и ќе бара поврат на средствата уплатени за истражувањето.
Спроведување на активностите
За спроведување на активностите од овој повик се предвидени надоместоци во вкупен износ од 593 300 денари по курс на фунтата одреден од страна на донаторот за месецот во кој се врши плаќањето. Исплаќањето ќе се врши во квартални периоди и на неколку рати, од кои првата откако ќе се одобри план за работа од страна на проектниот тим, а последната по завршувањето на финалната анализа. Сите останати активности поврзани со спроведувањето на анализата (како на пример патни трошоци, спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци и слично) се вклучени во вкупниот износ и паѓаат на товар на спроведувачите (автор(к)ите).
Финалната анализа треба да биде изготвена до 31.01.2021 година.
Предлог временска рамка на активностите во проектот:
15 јули 2020 година | Избор на кандидатите и потпишување на договорите
|
јули-септември 2020 година | Спроведување на алатките кои се користат за собирање на податоци
|
октомври 2020 година | Изработка на анализата
|
ноември 2020 година | Доставување на првичната верзија до Хелсиншкиот комитет за човекови права
|
декември 2020 година | Доставување на втора верзија до Хелсиншкиот комитет за човекови права
|
јануари 2021 година | Доставување на финална верзија до Хелсиншкиот комитет за човекови права
|
почеток на 2021 година | Организирано учество на конференции/јавни дебати поврзани со проблематиката
|
Хелсиншкиот комитет со истражувачите/организациите ќе потпише договор во кој ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски. Исплатата на надоместоците ќе се врши директно на ангажираните лица.
Начин на пријавување и избор
За пријавување за учество тимовите треба да достават:
- Професионална биографија со вклучени референци за претходни истражувања на сите членови на тимот со јасно дефинирани улоги согласно правилата од овој повик. Индивидуалните биографии без листи на публикации не треба да надминуваат две страници (А4 формат) не сметајќи ги референците.
- Предлог на разработена методологија за спроведување на истражувањето и подготовка на документите за јавни политики. Предлог-методологијата не треба да надминува три страници (А4 формат, фонт 12 проред 1.15) и треба да содржи јасна методологија по чекори; подготовка на анкетен прашалник за репрезентативниот примерок; динамика и план за интерпретација на податоци.
- Предлог на акционен план. Предлог-акциониот план не треба да надминува една страница (А4 формат, фонт 12 проред 1.15).
- Предлог апликација и опис на предложените анализа и истражување. Овој предлог не треба да надминува три страници (А4 формат, фонт 12 проред 1.15).
Документите за пријавување задолжително да се достават во еден pdf. формат документ на е-маил адресата helkom@mhc.org.mk и Vildan.Drpljanin@mhc.org.mk најдоцна до 21 јуни 2020 година со назнака „Анализа на последиците на здравствената криза врз пазарот на труд“. За дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведените меил адреси, како и телефонските броеви +389 2/3119-073 и +389 71 594 553. Изборот на авторите ќе се врши врз основа на искуството, понудената методологија, акциониот план и апликацијата од страна на кандидатите.
Овој повик може да се преземе пдф формат подолу: