Повик за ангажман на обучувач/ка за работа со деца и лица со попреченост и нивните семејства

март 2, 2020

Нарачател: Хелсиншки комитет за човекови права


Проект
: Правно зајакнување во заедницата во процесот на деинституционализација

 

I. ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПРОЕКТОТ

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во август, 2019 година започна со спроведување на проектот “Правно зајакнување во заедницата во процесот на деинституционализација” со поддршка на УНИЦЕФ. Во периодот од Август 2016 година до Август 2019 Хелсиншкиот комитет за човекови права евидентираше 19 случаи на дискриминација врз основа на попреченост. И покрај тоа што пристапот до различни услуги во различни сфери треба да биде еднакво достапен за сите граѓани, фактичката состојба не укажува на тоа. Кога станува збор за децата со попреченост и нивните семејства, принципите на еднаквост и недискриминација, за жал не секогаш се земени предвид. Затоа, овој проект го адресира нееднаквиот пристап до услуги, обезбедување на директна помош, поддршка и обука на семејствата во дневните центри, во рамки на нивните локални заедници.

Децата со попреченост и нивните семејства секојдневно се соочуваат со дискриминација, но и други правни проблеми во различни области за кои не се секогаш информирани каде би можеле да ги адресираат или пак за механизмите на заштита кои им се на располагање. Од друга страна, лицата кои работат во одделите за бесплатна правна помош во рамките на Министерството за правда, не се соодветно обучени да постапуваат по случаи кои се однесуваат на лица со попреченост и нивните семејства. Оттука, една од активностите во рамки на овој проект опфаќа спроведување на обуки за службеници од одделите за бесплатна правна помош при Министерството за правда за работа со деца со попреченост и нивните семејства, кои воедно ќе добијат прирачници за идна употреба и пренесување на стекнатите знаења.

 

II. ПРЕДМЕТ НА АНГАЖМАНОТ

 Врз основ на горенаведеното, Хелсиншкиот комитет за човекови права има потреба од ангажирање на обучувач/ка за подготовка и спроведување на обуки за работа со деца и лица со попреченост и нивните семејства при давање на правна помош, кои се наменети за службениците од подрачните одделенија за бесплатна правна помош при Министерството за правда. Во рамки на оваа активност ќе бидат изработени и прирачници за работа со деца и лица со попреченост, наменети за сите даватели на бесплатна правна помош.

За оваа цел се предвидени 2 (две) еднодневни обуки, од кои првата обука ќе се одржи во Скопје, додека локацијата за втората ќе биде предмет на договор. Транспортот и патните трошоци за обуката надвор од Скопје ќе биде организиран и покриен од страна на Хелсиншкиот комитет.

Ангажманот на обучувачот/ката ќе ги вклучи следните активности:

  • Креирање на содржината на модулите за обуката во согласност со препораките на Проектната координаторка;
  • Испорачување на обуките (2 работни дена);
  • Учество во креирање на содржините за прирачник за примена на содржините од обуката, во соработка со проектниот тим во Хелсиншкиот комитет;
  • Подготвување на записник за испорачаните обуки.

Вкупниот надомест за ангажманот ќе изнесува 54.600 денари во бруто износ.

 

III. ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА АНГАЖМАНОТ

 Времетраењето на ангажманот ќе изнесува вкупно 6 (шест) работни денови во периодот од 10 до 31 март, 2020 година. Работните денови ќе бидат распределени според следното:

  • 2 дена за подготовка и известување
  • 2 дена за испорачување на обуките
  • 2 дена за учество во подготовка на прирачник.

 

IV. ПОТРЕБНИ КВАЛИФИКАЦИИ И НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Условите и кретериумите за пријавување се следните:

  • Завршени додипломски студии во областа на специјална едукација и рехабилитација;
  • Искуство од најмалку 10 години во директна работа со деца и лица со попреченост;
  • Искуство од најмалку 7 години во креирање и испорака на наставни програми и обуки, особено на професионалци во областа;
  • Познавање на домашните закони, но и меѓународните правни инструменти во областа на заштита на деца и лица со попреченост, со посбен фокус на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост;
  • Одлично познавање на англискиот јазик;
  • Искуство од соработка со организации и/или институции во областа на правото ќе се смета за предност.

Заинтересираните за овој повик потребно е да достават професионална биографија (CV) на македонски јазик на следната електронска адреса: helkom@mhc.org.mk, во копија bojana.jovanovska@mhc.org.mk, со назнака „Обучувач/ка за работа со деца и лица со попреченост“ најдоцна до 04.03.2020 година.

За сите дополнителни прашања можете да се обратите во канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија или на (2) 311 9073 и/или до наведените мејлови.

2