март 20, 2024

ПОВИК ЗА АНГАЖИРАЊЕ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ЗА ОДРЖУВАЊЕ ДВОДНЕВНИ ОБУКИ ЗА ГОВОР НА ОМРАЗА

Општи информации

Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Зајакнување на националните заштитни механизми против говор на омраза во Република Северна Македонија” финансиран од страна на Европската Унија како дел од програмата EuropeAid/174503/DD/ACT/MK, согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. NDIZI-THE-NEAR/2022/441-698, oбјавува повик за ангажирање на јавен обвинител како експерт за одржување на четири дводневни обуки за зајакнување на капацитетите на судиите и јавните обвинители за постапување во случаи на говор на омраза.

Главната цел на проектот е да се зајакнат ефективните механизми за заштита на правата на граѓаните во Република Северна Македонија при практикување на слободата на изразување и борба против говорот на омраза во согласност со меѓународните и европските стандарди. Влијанието на акцијата е специјално дизајнирано да овозможи синергија помеѓу работата на секторот на граѓански организации и релевантните институции како заштитни механизми од говор на омраза, врз основа на собирање податоци и директен ангажман со избраните целни групи. Ова ќе се постигне преку отворен политички дијалог со цел да се обезбеди посветеност на Владата за понатамошно подобрување на целокупната ситуација преку оперативно и институционално зајакнување на капацитетите за справување со говорот на омраза во согласност со најдобрите европски практики.

Позиција

Експерт – јавен обвинител за одржување четири дводневни обуки за зајакнување на капацитетите на судиите и јавните обвинители за постапување во случаи на говор на омраза

Тема на обуките

Избраниот експерт ќе треба да одржи четири дводневни обуки за јавни обвинители и судии од четирите апелациони подрачја за препознавање, спречување и борба против говорот на омраза, за постапување во случаи на говор на омраза и собирањето докази, со посебен фокус на најдобрите практики на Европската Унија, особено на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Обуките ќе бидат спроведувани од три експерти избрани на јавен повик, еден јавен обвинител, еден судија и еден претставник на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.

Избор на експерт

На овој повик имаат право да учествуваат сите јавни обвинители што ги исполнуваат следниве критериуми:

  • Работно искуство како јавен обвинител од најмалку 5 (пет) години, особено со постапување во случаи на говор на омраза, дела од омраза, дискриминација или заштита на човекови права;
  • Минимум 5 (пет) обуки посетени во текот на работното искуство како јавен обвинител (или претходно) во областа на говорот на омраза, дела од омраза, дискриминација или заштита на човекови права; и
  • Минимум 3 (три) обуки во кои кандидатот бил обучувач.

Искуството се докажува по пат на приложена кратка биографија (CV) во кои се наведени обуките што се посетувани и обуките каде што кандидатот бил обучувач, којашто треба да содржи и краток опис на содржината на обуките.

Работни задачи

  • Подготвување на концепт и методологија за спроведување на обуките
  • Утврдување на целите на обуката
  • Подготовка на тестови за учесниците пред одржување на обуката за оценување на моменталните капацитети и тестови за евалуација
  • Подготовка на писмени материјали и вежби за проширување на знаењата
  • Постојана комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права за спроведување на сите задачи, вклучително и утврдување на роковите за нивно завршување

Спроведување на работните задачи

Времетраењето на ангажманот ќе започне на почетокот на април по склучување на договорот со ангажираното лице и ќе трае до завршување на активностите, односно до јуни 2024 година.

Дводневните обуки ќе бидат спроведени во периодот од април-мај 2024 година.

Хелсиншкиот комитет ќе потпише договор со надворешниот соработник каде што ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски.

Начин  на пријавување

За пријавување на овој повик кандидатите треба да достават:

  • професионална биографија (CV), вклучително со обуките што се посетувани и обуките каде што кандидатот бил обучувач, којашто треба да содржи и краток опис на содржината на обуките; и
  • финансиска понуда за спроведување на обуките

Документите за пријавување задолжително да се достават на имејл адресата natasha.petkovska@mhc.org.mk најдоцна до 31.03.2024 година со назнака „Избор на јавен обвинител за одржување дводневни обуки за говор на омраза“. По доставување на пријавите, тимот на Хелсиншкиот комитет ќе ги оценува во неколку чекори: проверка дали се доставени потребните документи; евалуација на персоналните биографии и евалуација на финансиските понуди.

За дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведената имејл адреса.

 

Скопје, 20.03.2024 година.

Оваа активност се спроведува со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на овој документ е единствена одговорност на Хелсиншкиот Комитет за човекови права, и под ниеден услов не ги рефлектира ставовите и позицијата на Европската унија.