Пировска во седиштето на ОН во Њујорк: Граѓанскиот сектор е партнер, но и коректив и критичар на власта
Во рамки на одбележувањето на значајниот јубилеј – 30 години од зачленувањето на Северна Македонија во Обединетите нации, меѓу другите настани, во седиштето на ОН во Њујорк, се одржа и тркалезна маса за превентивна дипломатија и политика на пријателство и граѓанското општество и солидарноста, со учество на видни дипломати и претставници на граѓанското општество од Македонија.
На панел дискусијата насловена „Граѓанското општество и солидарноста“ на која учествуваа Ивана Живковиќ, помошничка на генералниот секретар и директор за Европа на УНДП, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Вики Младенова, координатор на ЕРАЗМУС.
Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, посочи дека во изминативе 30 години на полето на човековите права во Северна Македонија е постигнато многу, но дека се’ уште постојат предизвици кои мора да се надминат. Таа нагласи дека во периодот после 2017 година граѓанскиот сектор има слободен простор за делување и работа, за разлика од претходно кога се соочуваше со сериозни опструкции.
„Во изминатиот период од пет години, забележителни се позитивните придвижувања во одредени области. Од аспект на законската регулатива не можеме да изразиме незадоволство, затоа што сите закони за кои се боревме со години и никако не можевме да издејствуваме да се донесат, сега се донесени. Пример за тоа е Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за прекинување на бременоста, ратификацијата на Истанбулската конвенција, реакциите на случаите „Јавна соба“ 1 и 2 поради кои се воведе ново кривично дело „демнење“ и други примери“, рече Пировска.
Граѓанскиот сектор, нагласи таа, е партнер, но и коректив и критичар на власта.
„Со оглед на општата атмосфера на непроменет менталитет кај администрацијата и генерално конзервативното гласачко тело, одржливоста на тој напредок е неизвесна. Тешко дека ќе има голем отпор ако има обиди да се поништи овој напредок и да се врати општеството чекори назад. Се’ уште наидуваме на сексистички говор, родово базиран говор на омраза, хомофобно однесување или говор од страна на членови на двете најголеми политички партии во државата. Ова ги става луѓето што работат на унапредување на човековите права во позиција да немаат силни и доверливи партнери во политиката. Балансот е особено нарушен со непостоењето на конструктивна опозиција во ова поле. Така што во наредниот период не’ очекува засилена борба за некои права за кои мислевме дека битката е извојувана“, посочи Пировска на трибината во седиштето на ОН во Њујорк.