декември 7, 2021

Нема квоти-нема жени?

Хелсиншкиот комитет за човекови права, со поддршка на фондацијата Kvinna till Kvinna, денеска организираше политички дијалог на тема ,,Нема квоти – нема жени?’’ посветен на политичкото учество на жените во Република Северна Македонија на локално ниво. Настанот се одржа во рамки на глобалната кампања 16 дена активизам против родово базираното насилство, период од годината во кој се дискутира за значајни теми од областа на родовата еднаквост. Како што посочи проектната координаторка, Бојана Јовановска, оваа тема ја наметнаа последните локални избори на кои бројот на кандидатки за градоначалнички беше поразителен. И покрај препораките од страна на ОДИХР на последните локални избори во 2017 година за потребата од стимулирање на политичкото учество на жените, особено во однос на кандидирањето за градоначалничка позиција, таа заклучи дека сепак се соочуваме со регрес во однос на учеството на жени. Во улога на модераторка на настанот беше Елена Петровска од Коалиција Маргини, која истакна дека мора да се вложува во политичката моќ на жените на различни начини, бидејќи постоечките бројки укажуваат на катастрофална тенденција, особено кај поголемите партии. Според неа, важно е да се утврди на што се должи ваквата состојба и што кажуваат истражувањата и меѓународните искуства, со цел да се формулираат конкретни препораки за делување во наредниот период.

На настанот се обрати извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска која посочи дека е поразително што жените сѐ уште немаат доволно поддршка за политичко учество, кое и натаму претставува ексклузивна територија на мажите. ,,Жените кај нас се сѐ уште економски зависни, ја немаат вистинската поддршка од политичките партии, ни охрабрување кое треба да го добијат од машките колеги, немаат поддршка од средината. Жените се сѐ уште двојни жртви кога се активни или јавни личности’’- истакна Пировска, посочувајќи дека нападите врз жени се секогаш со сексуална конотација и го вклучуваат нивниот изглед и приватен живот.

Неда Петковска од Реактор – истражување во акција, се осврна на анализите на нејзината организација од родов аспект, според кои бројот на жени – кандидатки и избрани е секогаш низок, особено кога станува збор за градоначалничките места. За тоа говори и фактот што од 1995 година до денеска, од 660 градоначалници, само 18 биле жени. Петковска посочи дека пред воведување на квотите, слична била состојбата и со составот на општинските совети и Советот на Град Скопје. Според неа, проблематично е што партиите, кои декларативно се залагаат за родова еднаквост и вклучување на овој принцип во креирањето на политиките, не водат со пример. На последните избори, коалицијата предводена од СДСМ имала само 7,25% жени-канфидати за градоначалник, а коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ 4,7%. ,,Во самите програми, родовата еднаквост станува како ,,токен’’, а не реална заложба’’- нагласи Петковска, додавајќи дека бројчаната застапеност на жените  без суштински промени за трансформација не значи ништо, бидејќи голем дел од партиите кои кандидираат жени се радикално десничарски партии.

,,Жените кај нас остануваат во политичка сенка на мажите, иако право на глас и на кандидирање имаат од 1946 година, а ова особено се однесува на жени од малцинствата’’- посочи во своето излагање Влора Речица од Институтот за демократија. Таа нагласи дека жените се соочуваат со различни типови на дискриминација на повеќе основи, економски се зависни (само 28% од жените во земјава поседуваат недвижен имот), подложени се на родово базирано насилство (1 од 5 жени до 50 години е жртва на физичко или сексуално насилство), а жените 2,6 пати повеќе извршуваат неплатена работа и нега споредено со мажите.

Различниот третман на жените се согледува и во Собранието, и покрај поголемата застапеност на жените во законодавната власт, која се случи благодарение на воведувањето на квотите. Во таа насока, Речица истакнува дека иако пратеничките се поактивни од нивните машки колеги, координаторите на пратеничките групи се мажи, а поголем број на жени се вклучени во работата на собраниските комисии кои се сметаат за ,,меки’’ (на пример, образование, социјална политика, култура и сл).  Сепак, поголем е проблемот во извршната власт, во која само 4 жени се министри, а лоша е состојбата и на пониските нивоа. Според Речица, важно е да се работи на внатрепартиската демократија, што би влијаело на подобрување на политичкото учество на жените.

На настанот учествуваше и Јана Белчева, независна советничка во Општина Центар, која говореше за своето лично искуство на инволвирање во политичкиот живот. ,,Одговорноста за општеството е подеднаква и кај мажите и кај жените и ние не смееме да дозволиме да седиме отстрана и да гледаме како се носат неодговорни одлуки кои го рушат достоинството на човекот и не се грижат за поранливите’’.  Локалната политика е најблиску до човекот и најмногу може да се помогне преку локално делување, смета Белчева, изјавувајќи дека разочарувањата се секојдневни, но идеализмот не смее да се предаде. Според неа, вклучувањето на жените во локалната политика е исклучително важно, затоа што нејзиното советничко искуство покажало дека жените секогаш размислуваат за просторот, ограничените ресурси и маргинализираните групи.

Меѓу препораките кои произлегоа од излагањата на учесничките и присутните се и следниве:

-Законски измени, вклучувајќи измени на Законот за работни односи за воведување на споделено родителско отсуство, новиот Закон за родова еднаквост, Закон за вознемирување на работното место.

-Политичките партии да обезбедат соодветна грижа и систем на поддршка за своите кандидатки, а не да ги дискриминираат уште при самата регрутација (жените врз основа на докажани достигнувања, а мажите само врз основа на потенцијал).

-Да се имаат предвид различните предизвици на жените од различни средини.

-Да се работи и на зајакнување на мажите за родова еднаквост, како и да се градат сојузништва во борбата за еднакви права и можности.

-Жените да се интегрираат во структурите на партиите. Клубовите на жени во политичките партии да бидат проактивни креатори на политики, а не да служат како хуманитарни/церемонијални тела на партиите.

-Работа со медиумите и промена на медиумскиот однос кон жените во политчкиот/јавниот живот.

– Потребно е понатамошно следење на заложбите за родова еднаквост кои се содржани во изборните програми на избраните градоначалнички и градоначалници.