декември 3, 2023

Меѓународен ден на лица со попреченост: Обединети во акција за постигнување на одржлив развој

Денеска, 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел да се подигне свеста за правата на овие луѓе, подобро да се разберат проблемите и прашањата на попреченоста и да се мобилизира поддршка за достоинството, правата и благосостојбата на луѓето со попреченост. Годинава, темата на светско ниво гласи:  „Обединети во акција за спасувaње и постигнување на целите на одржлив развој за луѓето со попреченост и заедно со нив“.

Најсиромашните и најранливите во светот се и најтешко погодени во време на криза. Прелиминарните наоди од претстојниот извештај на ОН за попреченост, за 2023 година, покажуваат дека светот е уште многу далеку од исполнувањето на неколку цели на одржлив развој  за лицата со попреченост.

Потребна е суштинска промена во посветеноста, солидарноста, финансирањето и делувањето. Составен дел на оваа промена е да се вклучат гласовите, потребите и приоритетите на глобалната заедница на луѓето со попреченост во сета нивна различност.

Во нашето општество сведоци сме на дискриминација на лицата со попреченост во многу области од секојдневниот живот. И покрај заложбите за креирање на инклузивно општество, сè уште голем дел од луѓето со попреченост, но и нивните родители и другите што се грижат за нив, се соочуваат со неразбирање од околината,  нивните соседи, наставници, лекари, службеници во институции…Луѓето со попреченост  се соочуваат со инфраструктура што не дозволува пристап, како и со дискриминација во образовниот систем и на пазарот на труд.

Луѓето со попреченост не се бројки. Потребни ни се сензибилизирање на свеста на оние што кројат политики и поголемо влијание врз јавната перцепција, зголемување на видливоста и на медиумското присуство на темите поврзани со правата на луѓето со попреченост и значително повисока граѓанска свест за нивните вистински проблеми.

Следната 2024 година не’ очекуваат избори. Основниот граѓански суд во Скопје со пресуда од 31 март 2023 година, утврди дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата.

Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:

пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;

пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;

пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Апелациониот суд Скопје на 16.12.2022 година ја укина пресудата со која беше утврдена дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас, и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Овој процес започна на 1 февруари 2021 година со поднесената тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis) од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права.