февруари 23, 2021

Криминал, безбедност и права на жртвите – извештај на Агенцијата за фундаментални права

Овој извештај на Агенцијата за фундаментални права ги презентира резултатите од  првото истражување спроведено во целата Европска унија,  кое има за цел да собере споредливи податоци за искуствата на луѓето и одговорите кон одредени видови криминал. Анкетата опфати 35.000 луѓе од ЕУ, Велика Британија и Северна Македонија. Истражувањето ја потенцира и реафирмира заложбата да се обезбеди посебна поддршка и заштита на најранливите жртви, вклучително и на жртвите на криминал од омраза, кои се соочуваат со посебен предизвик при поминување низ кривичната постапка и справување со последиците од криминалот.

Во извештајот се нагласува дека криминалот им штети на индивидуалните жртви, на нивните најблиски, како и на општеството во целина. Неговите ефекти се повеќеслојни, предизвикувајќи физичка, психолошка и материјална повреда. Стравот од криминал може да биде скоро подеднакво штетен, и честопати го менува начинот на живеење на луѓето. Криминалот ги поткопува индивидуалните права на жртвите, вклучително и нивните основни права, како што се правото на живот и човечкото достоинство. Повелбата за основните права на ЕУ ги обврзува државите да ги штитат овие права. Повелбата и Директивата за правата на жртвите, исто така, им даваат на жртвите право на отштета и на третман без дискриминација.

Како што покажуваат податоците од истражувањето,  физичкото насилство е загрижувачки присутно низ целата ЕУ. Во согласност со Директивата за правата на жртвите, земјите-членки треба да ги зголемат своите напори да обезбедат пристап до правда за сите жртви на криминал, вклучително и за најранливите, преку обезбедување на жртвите со соодветни информации, поддршка и заштита и преку овозможување на нивното учество во кривична постапка. Стапката на физичко насилство што го доживуваат младите е многу поголема отколку во другите возрасни групи. Ова бара акција на земјите-членки на ЕУ за да се обезбеди информираност на младите за нивните права и за тоа каде да се обратат откако ќе доживеат физичко насилство. Во оваа возрасна група, искуства на насилство може да се појават во училиштето или во терцијарното образование, каде се инволвирани врсници на жртвите. Поради ова, важно е да се усвојат таргетирани мерки за посебни контексти.

FRA препорачува земјите-членки на ЕУ да развијат насочени мерки за спречување на физичко насилство врз лица со попреченост, етнички малцинства и лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци, транс и интерсексуалци, кои доживуваат повисоки стапки на физичко насилство и вознемирување од другите групи. Покрај физичкото насилство, овие групи се подложни на дела од омраза, што е нагласено во целните истражувања на специфични групи, што може негативно да влијае врз чувството на безбедност на припадниците на овие групи.

Луѓето со сериозен здравствен проблем или попреченост, оние родени надвор од земјата или оние кои потекнуваат од етничко малцинство и ЛГБТИ луѓето, доживуваат вознемирување со повисоки стапки од просечните. Тоа може делумно да се должи на изложеноста на овие групи на вознемирување мотивирано од омраза. Во врска со ова, Рамковната одлука за расизам и ксенофобија од 2008 година делумно ја препознава потребата да се заштитат групи на лица или членови на таква група  (дефинирани според раса, боја, религија, национално или етничко потекло)  од поттикнување на насилство и омраза. Сепак, според податоците од истражувањето, други групи кои се изложени на високо ниво на вознемирување, како што се лицата со сериозен здравствен проблем или попреченост и ЛГБТИ лица, немаат исто ниво на заштита од можни злосторства мотивирани од омраза.

Годишната програма за работа на Европската комисија во 2021 година предвидува понатамошен законодавен развој на ниво на ЕУ во оваа област. Тоа се однесува на нова иницијатива за проширување на списокот на злосторства во ЕУ со сите форми на злосторства од омраза и говор на омраза, без оглед дали е поради раса, религија, пол, сексуалност или други основи.

Податоците покажуваат дека вознемирувањето исто така има родова димензија, имајќи предвид дека жените доживуваат непропорционално сексуално возменирување од страна на непознати лица, извршители на овие инциденти во големо мнозинство се мажи и тие често се случуваат на јавен простор.

Со оглед на доказите презентирани во овој и во неколку други извештаи на FRA за влијанието од  вознемирувањето мотивирано од омраза врз различни групи во општеството, земјите-членки на ЕУ треба да осигурат дека тие целосно ја применуваат заштитата обезбедена со Директивата за правата на жртвите на ЕУ, која  сите жртви на кривично дело од омраза ги третира подеднакво, без оглед на атрибутот на кој се повикуваат сторителите. Ова би било во согласност со принципот на недискриминација, според кој кривично-правните мерки треба да ги опфаќаат подеднакво сите основи на дискриминација содржани во член 21 од Повелбата за основните права на Европската унија. Исто така, ова би било во согласност со плановите на Комисијата да го прошири списокот на злосторства во ЕУ, со сите форми на злосторство од омраза и говор на омраза.

Вознемирувањето честопати се извршува со дискриминирачки мотив поврзан со личните карактеристики на жртвата (на пример, раса, етничка припадност, националност, религија, пол, возраст, јазик, попреченост, сексуална ориентација или сексуален идентитет). На нападите со пристрасна мотивација може да се реферира како на криминал со дискриминаторски мотив или едноставно како на дела од омраза. Директивата за права на жртвите ја нагласува потребата од осврнување на специфичната природа на делата од омраза. Целта е да се процени дали ранливоста на жртвата подразбира и потреба од специфична поддршка, како и посебни мерки за да се избедне двојна виктимизација, заплашување или одмазда. Извештајот нагласува дека при проценувањето на ранливоста на жртвата, полицијата мора да обрне внимание на овие мотиви.

Во ситуација кога луѓето поминуваат сѐ повеќе време во дигиталниот свет, расте бројот на жртви и на онлајн омразата. Земјите-членки мораат да обезбедат соодветни мерки во согласност со Директивата за правата на жртвите  во чекор со развојот на настаните во дигиталниот свет, за да им понудат на сите жртви иста заштита – и на интернет и офлајн.

Целиот извештај на англиски јазик е достапен тука