октомври 13, 2023

Конференција за говорот на омраза во Република Северна Македонија

На 12 октомври се одржа Конференција за говорот на омраза во Република Северна Македонија, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот „Зајакнување на националните заштитни механизми против говор на омраза во Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, се осврна на долгогодишната работа на Комитетот во истражување и справување со феноменот говор на омраза. Само од јануари до септември оваа година на платформата www.govornaomraza.mk беа регистрирани 805 случаи на говор на омраза, од нив најголем број се однесуваат на говор на омраза врз основа на етничка припадност, а на второ место се пријавите врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. И покрај тоа што Хелсиншкиот комитет редовно пријавува случаи на говор на омраза до обвинителството, сепак отсуствуа соодветен одговор од страна на органите на прогонот.

На конференцијата беа презентирани наодите од два документи „Анализа на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза“ и „Анализа за утврдување на институционалниот јаз во однос на регистрирањето и обработката на говорот на омраза во Северна Македонија“, изработени од експертите проф. д-р Елена Михајлова Стратилати и јавниот обвинител Александар Маркоски.

Првата анализа ја испитува постоечката законска рамка која го регулира говорот на омраза и нејзината соодветност во ефективната борба со овој феномен, притоа надоврзувајќи се на постојните меѓународни договори на Обединетите нации и Советот на Европа и други релевантни инструменти за поставување стандарди користејќи ги наодите и препораките на телата за мониторинг на Советот на Европа како и пошироките меѓународни и европски стандарди за човекови права. Анализата исто така ги вклучува и извештаите на невладините организации активни во оваа област, како што се Хелсиншкиот комитет за човекови права и ИЛГА Европа. Воедно, анализата опфаќа компаративни примери од други држави во однос на законодавството за говор на омраза, особено во делот на справувањето со говорот на омраза на интернет.

Втората анализа се обидува да одговори на комплексното прашање околу градење на стратегијата – системски одговор за спречувањето и санкционирањето на говорот на омразата како на традиционалните медиуми, така и на „онлајн“ медиумите. Особено се разработуваат криминалистичките „приземни“ аспекти кои треба да бидат земени во обѕир при градењето на таа стратегија. Но, за да се создаде ефикасен одговор, претходно треба добро да се спознае феноменот и во неговиот квантитет. Авторот на анализата посочува дека во државата треба да најпрво да постои соодветна и поволна легислативна реалност која ќе ги овласти службените лица да ги регистрираат податоците до кои доаѓаат работејќи во оние државни органи кои имаат надлежности да се борат со говорот на омраза како појава. Потоа, согласно позитивните законски прописи за административно работење и архивирање секој државен орган има должност да се грижи за овие податоци и по потреба на државата да ги канализира во еден центар.

На конференцијата учествуваа и м-р Бојана Неткова – адвокат, која направи споредба во однос на формулирањето на говорот на омраза во регионот и Весна Бендевска членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која посочи на големиот пораст на пријавите за вознемирувачки говор до Комисијата.

Целосниот текст на анализите, сите наоди и препораките се достапни на линкот подолу.

Документи