Колумна: Еден ден сакам да бидам тренер по пливање

декември 1, 2017

Пишува: Марио Мицковски

Јас сум Марио Мицковски имам 17 години и живеам во Скопје. Учам во спортската гимназија Методи Митевски Брицо во Скопје и сега сум втора година. Јас учам во ова училиште затоа што многу го сакам спортот, сакам да спортувам и сакам да гледам спортски натпревари на телевизија, а најубаво е во живо затоа што може многу гласно да се навива. Сакам да одам на училиште затоа што таму ми е убаво, слушам на часови, се дружиме со децата на одмор и одиме заедно да купуваме доручек. Најдобри другари во училиште ми се Аце и Сербес секогаш кога ќе им речам ми прават друштво, се дружиме за одмор, а одиме заедно и до автобуска станица.

Ги сакам сите спортови, фудбал, баскет, но најмногу го сакам пливањето. Одам на тренинзи преку Специјална олимпијада Македонија во базенот „Борис Трајковски” три пати неделно. Раци ми е тренер и другар. Најголем успех имам постигнато кога освоив златен медал во пливање на 25 метри и сребрен на 50 метри на Летните олимписки игри на Специјална олимпијада кои беа во Лос Анџелес пред 2 години. Тогаш бев многу горд на себе, на сите им ги покажав медалите. Истата година од град Скопје бев избран за најуспешен спортист меѓу лицата со посебни потреби. Освоив и златен медал на интернационалните спортски игри „Оаза” во Босна и Херцеговина. За жал бев одбиен кога аплицирав во Министерството за образование за стипендија за спортските успеси. Затоа треба и за лицата со посебни потреби да има стипендии за постигнати спортски успеси како што ги имаат типичните лица.

Живееме со мајка ми и брат ми Лео во куќа во Бутел 1, летно време е супер има многу деца на улица играме фудбал на блиското игралиште, а понекогаш и кошарка. Летно време мајка ми колата ја остава надвор, а во гаража ја ставаме пинг понг масата и со брат ми и децата од улица играме пинг понг. Брат ми е најдобар. Летото го сакам најмногу затоа што одиме на море, но исто така затоа што секое лето одиме со татко ми и Лео на викендичка (Близу Самоков), таму има река и ловиме риби и јас имам своја трска. Еден ден фатив повеќе рипчиња од тато и Лео. Секој ден одиме на риболов.

Ги сакам средбите со другарите од нашето здружение Трисомија 21, и они се деца со Даунов синдром. Заедно си ги славевме родендените, играме карти макао, боиме честитки за 8-ми март, правиме мартинки со нашите мајки. Имавме и претстави во кои бевме глумци. Едната претстава се викаше „Во светот на бајките“, а другата „Пинокио“. Јас бев Пинокио, Илина беше штурчето и ме караше и сите други другари имаа своја улога. Бевме многу среќни кога публиката ни аплаудираше. Со здружението оваа есен бевме во Галичник каде многу се забавувавме, пеевме, игравме и јававме на коњи, беше супер.Освен пливањето многу ја сакам музиката, сакам да пеам и сакам да танцувам. Ги сакам песните од Тоше, а и народни песни, а сакам мајка ми да ме запише да учам да танцувам. Би сакал сам со другари да одам во кафичи, во кино. Дома и помагам на мајка ми, таа ми дозволува и јас да косам тревата во дворот, често и правам кафе, а задолжен сум и за фрлање ѓубре. Лео кога ја чисти нашата соба јас сум задолжен да си го средам моето биро и креветот. Јас ќе тренирам уште повеќе за да постигнувам подобро време и имам желба да освојувам нови златни медали. Еден ден сакам да бидам и тренер по пливање.

Тажен сум и се лутам кога некој ми вика и ме кара или ако ми кажуваат зборови како „ментален“.
Текстот го напишав заедно со мојата мајка Јамболка Димитрова која е и моја најголема поддршка.