јули 5, 2023

Како до независно судство?

Скандалите во Судскиот совет и сè почестите критики на меѓународната заедница за правосудството беа тема на дебатата што на 4 јуни, ја организираше Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), со наслов „Како до независно судство?“. Изминатиот период, Платформата на граѓански организации за борба против корупција и Блупринт групата за реформи во правосудството во неколку наврати реагираа за работењето на Судскиот совет.

Миша Поповиќ, раководител во Институтот за демократија, кој ја модерираше дебатата, рече дека треба да се отвори дискусија и да се засили  притисокот на медиумите врз правосудството, поттикнато од две скорешни состојби – работата на Судскиот совет и објавувањето на проценката на ризици од корупција на ОБСЕ, што укажува на сериозни ризици од корупција во судската работа.

„Резултатите од истражувањето покажуваат дека постојат две групи кои влијаат врз работата на судиите. Првата група се колегите на судиите, во хоризонтала и непосредно надредените судии. Втората група се политичарите, Судскиот совет и бизнис елитите“, рече Поповиќ.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочи дека е едно од можните решенија е формирање на посебна независна комисија која ќе ја контролира работата на Судскиот совет. Исто така, укажа на последните случувања во Судскиот совет.

„Ниту една власт во Северна Македонија не успеа да се воздржи од влијанија врз правосудниот ситем и токму тоа доведе до тоа да постои една силна матрица која што дури ни на самите судии не им дава да веруваат на системот чиј дел се самите тие. Што останува за граѓаните кога гледаат дека токму највисокиот орган, оној кој треба да претставува чувар на професионалноста, чесноста и одговорноста на судиите, се дрзнува со една дури дегутантна лагодност, да го прекршува законот, не на една седница, туку на две-три седници, да си избира нов претседател кој сакајќи да ги покаже своите високи морални квлитети изјавува дека верува во господ и смета дека тоа е најважно нешто што треба да го знае народот. Она што е страшно во државата е дека и јавната администарција и судството никогаш не сфатија дека треба да им служат на граѓаните, дека треба да работат за да ја испорачаат правдата на граѓаните. Кај нас постоела, постои и ќе постои уште долго време свеста дека тој што му помогнал на судијата да дојде на судиското столче, е тој кон кој тие теба да покажат своето „благодарам“ и ќе постапат на начин на кој и одговара на моменталната политичка структура. Судиите и самите не покренуваат судски постапки кога се незадоволни од изборите или унапредувањата, се плашат да зборуваат за тоа што се случува во правосудството, а при тоа се навредуваат кога ние што го следиме ќе излеземе со констатација дека судството е корумпирано, дека постојат судии избрани по партиска линија. Би им порачала да не се навредуваат, туку да излезат и да ги употребат правните средства што им стојат на располагање“, истакна Пировска.

Не  треба да се заборави дека ниту една власт нема да ги тргне шепите од правосудството затоа што тоа е многу моќно орудие за одржување на власта, за плаќање на долговите кон коалиционите партнери, за удоволување на барањата на партиското членство кое секогаш има високи апетити.

Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, оцени дека поради отсутството на каква било активност која што би придонела кон долгорочни и одржливи решенија за да се подобрат состојбите во правосудството, фактички само се калемат проблемите еден на друг, „се заплеткуваме во многу голем јазол од кој што сега е многу тешко да се отплеткаме без да биде направена макар колатерална штета во тој процес. Пример за тоа  се случувањата во Судскиот совет“, рече тој.

Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.