мај 11, 2021

Извештај на Европскиот комитет за спречување на тортура за посетата на РСМ во декември 2019

Извештај до Владата на Северна Македонија за посетата на Северна Македонија спроведена од Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување  (2 до 10 декември 2019 година)

Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување објави извештај од посетата спроведена од 2 до 10 декември 2019 година, во кој го опишува постојаниот неуспех на властите во Северна Македонија да се справат со одредени фундаментални и долгогодишни недостатоци на затворскиот систем. Тоа пред сѐ се однесува на недостигот од професионален пристап во управувањето со сложени ситуации, слабиот менаџмент и перформанси на персоналот, нeдоволен персонал, слаб квалитет на здравствена заштита на затворениците, недостаток на соодветен режим, насилство меѓу затвореници, лоши материјални услови и ендемска корупција на персоналот, особено во затворот Идризово.

Комитетот за спречување на тортура нотира пораст на полициската бруталност, што упатува на потребата од зајакнување на ефективноста на надворешните механизми за гонење на кривични дела на тортура и нечовечко постапување од страна на полициски службеници и припадници на затворската полиција. Делегацијата примила голем број обвинувања за физичко малтретирање (како шлаканици, боксови, клоци и удари со гумени палки) од страна на полициски службеници и припадници на затворската полиција, а меѓу претставките имало и голем број на поплаки од страна на малолетните лица во Затвор Охрид.

Во поглед на материјалните услови во казнено поправните установи, Комитетот особено ја изразува својата загриженост во врска со недостатокот на трајно воодоснабдување во Затвор Куманово како и несоодветен пристап до природна светлина, слаба вентилација и отсуство на електрични приклучоци во ќелиите во Затвор Скопје. Комитетот нотира дека овие недостатоци (како и оние забележани во затворите во Штип и Охрид)  мора да се отстранат, а како решение на овие долгогодишни проблеми, Комитетот предлага изградба на целосно нови објекти.

Неодамнешното пренесување на одговорноста за здравствената заштита на затворениците на Министерството за здравство, според Комитетот допрва треба да даде позитивени резултати. Засега, наодите од делегацијата го потенцираат хроничниот недостиг од здравствен персонал (особено во затворот Идризово), проблемот со пристап до лекар, недостигот од медицинската опрема во затворските амбуланти, недостигот од надзор врз дистрибуцијата на лекови од страна на немедицински персонал, тешкотии при организирање на пристап до специјалистичка нега (особено за затвореници кои страдаат од ментално нарушување) и слично. Оттука, Министерството за здравство треба итно да ги процени потребите за здравствен персонал во затворите и да обезбеди соодветна обука за здравствените работници кои работат во овие установи.

За време на посетата во 2019 година, за разлика од подобрувањата забележани во 2010 и 2014 година, делегацијата на CPT добила многу претставки за физичко малтретирање од страна на полициски службеници. Наводното малтретирање се состоело од шлаканици, тупаници, клоци и удари со палки или други предмети, и се случувало за време на приведување или пак во полициска станица заради добивање на признание за сторено дело. Извештајот издвојува голем број на индивидуални случаи, во кои наводното нечовечко постапување е поткрепено со медицински докази.

Понатаму, Комитетот истакнува дека повеќето препораки кои се дадени во извештајот од 2014 година во врска со условите во психијатриските установи, не се имплементирани од страна на државата. Имено, во психијатриската установа Демир Хисар, делегацијата повторно добила сознанија од страна на пациенти, кои ги информирале претставниците дека биле врзувани за кревет со метални ланци и катанци. Дополнително, како значаен недостаток се нагласува и дека голем број на пациенти кои се хоспитализирани во психијатриските установи со нивна согласност, не им било дозволено самостојно да ја напуштат установата, што де факто претставува лишување од слобода. Од друга страна, Комитетот забележува дека сериозно загрижува фактот што во психијатриската установа Демир Хисар, пациентите кои се хоспитализирани без нивна согласност не се посетувани од страна на судија, па така во голем број на случаи, судот некогаш со недели или месеци не донел одлука за потребата од нивна хоспитализација.

Целиот извештај на Комитетот е достапен тука