јули 7, 2023

Хелсиншки комитет со инцијатива до Уставен суд за измените во Законот за работни односи поврзани со „Бехтел и Енка“

Хелсиншкиот комитет за човекови права на 4 јули 2023 година, достави иницијатива до Уставниот суд на РСМ за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (ЗРО), поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Хелсиншкиот комитет смета дека ваквото законско решение претставува повреда на Уставот на Република Северна Македонија и овозможува целосно заобиколување на процедурите за носење на закони. Издигнувањето на одлуките на извршната власт на ниво на закон значи мешање на извршната во улогата на законодавната власт. Со користење на поимот национален стратешки интерес (без негово подетално дефинирање), како основ за утврдување на паралелни правила кои ќе важат само во одредени случаи, се овозможува постоење на напоредни законски решенија за работните односи, чија примена ќе зависи од проценката на одредени структури што не се јасно утврдени. Резултат на тоа е правна несигурност и нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Законските измени претставуваат експлоататорски решенија што ги уназадуваат работните односи во државата и ја оддалечуваат од тенденциите на Европската Унија и меѓународните конвенции. Со предложените измени драстично се ограничува и оневозможува остварувањето на работничките права. Станува збор за намалување на траењето на дневниот и неделниот одмор во стратешки проекти, но имајќи го предвид актуелниот повод за измените во законот, се работи за градежништвото, каде работата се извршува на отворено, во секакви временски услови и бара исклучителни физички напори. Воедно се работи за извршување работи и работни задачи каде што има највисок степен на ризик по безбедноста и здравјето при работа поради изложување на штетни материи и изложување на опасни активности за кои се потребни посебна психофизичка подготвеност и луцидност во извршувањето. Тоа е класична експлоатација на работната сила, која излегува од рамките на хуманизмот и хуманиот третман на човекот и граѓанинот што подразбира вреднување на човечкото суштество и човековата состојба.

Хелсиншкиот комитет ја поднесе оваа иницијатива заради сторена повреда на повеќе уставни и законски одредби, како и поради повреда на темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија:

  1. Одредби за начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење

Оспореното законско решение предвидува дека:

Министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика го пропишува начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон.

  • Овој начин на регулирање на начинот на исплата на плати директно создава правна несигурност бидејќи ниту еден работник во иднина нема да ја има гаранцијата дека правата од работен однос, вклучувајќи го тука и правото на плата, ќе може да ги остварува согласно закон и колективен договор, кога министер како член на извршната власт може да утврдува правила кои се поинакви од гаранциите кои ги нудат Уставот и законот. Тие гаранции мора и во иднина да се одржат и тука улогата на Уставниот суд е пресудна. Секое застранување од трасата на строго регулирани права од работен однос инстантно ги укинува сите гаранции кои Уставот и претходните законски решенија цврсто ги поставуваат.

         2. Времетраење на прекувремената работа

Законските измени предвидуваат исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работа на проекти од стратешко и национално значење:

По исклучок од членот 117 ставови (1), (2) и (7) од овој закон за работа на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, а заради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно со претходна дадена писмена согласност од страна на работникот.“

  • Ова доведува до правна несигурност бидејќи остава простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа без притоа да се утврди горна граница, и притоа сето тоа без веќе утврдената потреба од постоење на посебни околности во кои може да се утврди прекувремена работа подолга од 8 часа неделно или 190 часа на годишно ниво. Законот му овозможува на работодавач (кој без законска рамка е прогласен за носител на проект од стратешко национално значење) да утврдува и организира работни денови кои може да траат и до 12 часа по 6 дена во неделата што на ниво на цела година во која има 48 работни недели нѐ доведуваат до 1152 работни часа прекувремена работа, без организирање на смени. Ако се организира работата во смени, просторот за манипулација со прекувремената работа, без никакви ограничувања може да значи и работа и 7 дена во неделата. Всушност работникот теоретски и потенцијално знае колку треба да работи минимум, меѓутоа максимумот е неодредено и непредвидиливо поле кое има широк простор за интерпретација.
  1. Недела неработен ден

Законското решение додава нова одредба со која се предвидува исклучок од правилото за недела како неработен ден. Во смисла на измените и дополнувањата на оваа одредба, работите на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон се основ за утврдување на друг ден за неделен одмор кој е различен од недела.

  • Исто така, оспореното законско решение го урива претходното за недела како неработен ден, освен за одредени дејности. Се предизвикува неограничено и недефинирано проширување на било која дејност што без претходно утврдени критериуми би се дефинирала како работа од стратешко национално значење. Со ваква недефинирана форма се создава простор за широко толкување и злоупотреба на која буквално не може ни приближно да ѝ се предвидат границите. Работници од било која гранка односно дејност за кои не важат овие правила со актуелните законски решенија, преку дефинирање на одреден проект како проект од стратешко национално значење се ставени во позиција на промена на условите под кои ги извршуваат своите работни задачи, што доведува до правна несигурност во непредвидливи размери и дејности, а воедно би довела до нееднаквост на работниците во една иста дејност кај различни работодавачи, во зависност од вклученост во одреден проект на кој му е утврден карактер од стратешко национално значење.

Заедничкиот именител на секоја од овие измени е „стратешко и национално значење“, а правилата кои се предвидени во оспореното законско решение всушност се исклучоци од веќе поставените правила кои би важеле за проекти од национално стратешко значење. Вака поставениот стандард кој е услов за утврдување на поинакви правила во остварувањето на правата од работен однос доведува до нееднаков третман на работниците од исти гранки и од различни гранки, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од национално или стратешко значење доведува до правна несигурност и широко поле за злоупотреби.