декември 25, 2023

Говорот на омраза во пораст, најмногу случаи врз основа на етничка припадност и сексуална ориентација

Говорот на омраза  како малигна општествена појава е се’ повеќе присутен во јавниот дискурс во Република Северна Македонија беше кажано на јавниот настан го што на 22 декември, го организираше Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот „Унапредување на заштитните механизми за бесплатна правна помош и говор на омраза во Република Северна Македонија“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Говорот на омраза годинава е во пораст, а според бројот на регистрирани случаи на прво место се примерите врз основа на етничка припадност, а на второ место е говорот на омраза врз основа на сексуалната ориентација.

„Смрт за Шиптари“, „Смрт за каури“, „Голема Албанија“, „Чиста Македонија“, се најчесто употребуваните фрази од меѓусебниот говор на омраза на двете етнички заедници во земјава.

„Оваа година говорот на омраза е во пораст. Од јануари до крајот на ноември 2023 година, регистрирани се вкупно 1076 случаи на говор на омраза, од кои 585 се врз основа на етничка припадност, 280 се врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет,  по основ на национална припадност имало 234 случаи, по политичка припадност 132,  по пол и род 70 случаи и по основа на религија и религиско уверување 31 случај.

Годинава, Хелсиншки комитет поднесе 5 кривични пријави до обвинителство, 2 за говор на омраза врз основа на етничка припадност и 3 врз основа на сексуална оринтација.  За 4 од овие пријави немаме одговор од Обвинителството, една пријава против лидер на политичка партија  беше отфрлена и за неа е поднесена апликација до Европскиот суд за човекови права.  До Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беа поднесени 3 претставки, една за вознемирување врз осова на сексуална оринација од политичка партија Интегра, другата за коментари на Фејсбук за парадата на гордоста и последната за вознемирувачки коментари на Фејсбук врз основа на пол и род поврзано со фемицидот во Кочани“, соопшти Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет.

„Она што мене најмногу ме запрепастува во нашето општество е тоа што се заборава какви се’ настани, каде што имало насилство, биле всушност резултат на еден континуиран и сериозен говор на омраза. Многу пати потсетувам дека настаните во македонското Собрание и тие од 24 декември, но и оние од 27 април се директен резултат на претходно многу сериозен и драстичен говор на омраза. Меѓутоа она што не’ загрижува е фактот дека имаме премногу мал број на пресуди каде главните виновници, луѓе кои имаат многу големо влијание на широк дијапазон луѓе остануваат несанкционирани, истакна Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет и додаде дека не функционира правосудниот систем кога станува збор санкционирањето на говорот на омраза.

Игор Јадровски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација истакна дека заклучно со ноември, Комисијата постапувала по 497 претставки., од кои половина 246 се за вознемирувачки говор во медиуми, опфаќајќи ги и интернет порталите и социјалните мрежи, каде што е најмногу присутен вознемирувачкиот говор. Најмногу претставки Комисијата  има за основите сексуалната ориентација и етничката припадност.

Билјана Георгиевска од Советот на етика во медиумите истакна дека има значителен пораст на пријави и донесени одлуки од Комисијата за жалби при Советот , кои што се однесуваат на говор на омраза. Најмногу пријави имале во месец јуни, кој е посветен на правата на ЛГБТИ заедицата.

Јавниот обвинител ,Александар Марковски говореше за случаите од судската пракса на говор на омраза што е кривично дело, за разлика од вознемирувачкиот говор за кој може да има прекршочни санкции.

Учесниците се согласија дека е неопходно да има подобра законска регулатива за сузбивање на говорот на омраза на интернет, подобри препораки за одговорно однесување на избрани клучни чинители кои играат важна улога во општеството и меѓуинституционална соработка во борбата против говорот на омраза.