октомври 18, 2020

Неколку погледи кон феминизмот денес во македонското општество

Румена Бужаровска

Во една прилика за време на моите часови по американска книжевност, додека зборувавме за прохибицијата во САД, џез ерата и загубената генерација на 1920-тите години, ги запрашав студентите во која ера би сакале да живеат. Не бев подготвена за нивната неромантизација на минатото, гледањето на Европа и нејзините уметнички движења како врвни времиња во кои можело да се живее, и одговорот на една студентка – „во иднината“ –  сосема ме восхити и ми ги отвори очите.

Имено, станав свесна за нешто што би требало да е очигледно, дека и јас како жена живеам во најдоброто можно време за мојот род. Генерации жени своите цели животи ги посветиле борејќи се против она што за мене означува основна и суштествена човечка нееднаквост одредена уште при раѓањето од иста мајка, од ист татко. Несомнено, сите овие борки биле свесни дека родовата еднаквост не може да се постигне во текот на нивниот животен век, како што и феминистките денес се свесни дека процесот е бавен и тежок, но тоа не ги спречило во своите намери. Благодарение на тоа, денешните времиња се најдобрите времиња за живот и раст на една жена – барем во западниот свет, кој го познавам и за којшто зборувам. И да – и покрај мрачните социо-економски статистики, и покрај фемицидот и сексуалните напади и вознемирувања, и покрај бедната застапеност на жените во јавната сфера, и покрај цутењето на родово базираниот говор на омраза – да се биде девојка или жена во Северна Македонија денес нуди многу повеќе можности од кога било во минатото.

Не сакам да ја намалам вредноста на разорните манифестации на родовата нееднаквост во македонското општество со тоа што ќе дадам оптимистички поглед на случувањата во земјава. Но, верувам дека како никогаш досега нашата средина искусува многу сериозно подигање на свеста за родовата нееднаквост и поминува низ уште посериозна борба за женски права. Причината за подемот на феминистичкото движење кое е двигател на оваа борба за промената на свеста и промената на состојбата ја наоѓам не само во негувањето на континуитетот на борбата за женските права, и од теориски и од практичен аспект. Главната причина ја пронаоѓам во подемот на технологијата која овозможи молскавично солидарно поврзување на жените во западниот свет и му даде живот на четвртиот бран феминизам. Овој бран, пак, беше посебно силен на територијата на Северна Македонија, со што стана регионално препознатлив поради различните движења и активистички иницијативи кои ги генерираше.

Така на пример, македонскиот пандан на глобалното движење #metoo се случи во јануари 2018 година, со што се покажа како една од првите регионални иницијативи. Движењето  #СегаКажувам или #TaniTregoj ги стави во фокус искуствата на сексуален напад и сексуално вознемирување од позиција на моќ, при што на површина излегоа стотици приказни од различни девојки и жени. Споделените приказни одиграа повеќекратна улога: од една страна, тие ги солидаризираа жените кои традиционално патријархатот ги насочува една против друга со цел да ги контролира. Понатаму, приказните ги изнесоа на површина болните проблеми на нашето општество кои досега се пикаа под тепих, како на пример дека меѓу најприсутните институции каде што се случува сексуално вознемирување и напад се училиштата и универзитетите. Следно, приказните овозможија жените да се ослободат од чувството на срам кое традиционално ги замолчува. Исто така, движењето генерираше ако ништо друго номинална поддршка на власта и министерствата, која иако не се исполни практично – не видовме подобрување, на пример, на родовиот баланс во политиката, ниту пак државата оформи стратегија за справување со насилството во училиштата и универзитетите, или на кое било друго место. Но, сепак, се случи институциите и власта јавно да го поддржат феминистичкото движење, што значи дека тоа станува битен фактор во политиката и не може никогаш повеќе да се занемарува или игнорира.

И други иницијативи ја издвојуваат Северна Македонија како земја која иако мала и со многу сериозни социо-економски проблеми нуди едно солидарно, силно и изградено феминистичко движење. Тука огромна улога игра фестивалот Прво па женско кој успеа да се издвои како еден од најсилните регионални фестивали со своето критичко преиспитување на родовите прашања од една страна, но и промоција на женските авторки и општо ставање во фокус на женските искуства и приказни. Како и Прво па женско, така и иницијативата за раскажување женски приказни ПичПрич (чие прво издание се случи на самиот фестивал) успева да привлече голема публика, со што ги прави женските прашања видливи и слушнати, и оневозможува понатамошно исфрлање на жените од јавната сфера. Посебно моќна е и феминистичката платформа Медуза која е континуирана активна и актуелна, и најуспешно делува меѓу младата популација и на социјалните мрежи. Конечно, солидарното и здружено феминистичко движење во земјава резултираше со најновата иницијатива која исто така делува на социјалните мрежи, #СоНеаСум – неформална група на повеќе од сто жени кои заеднички реагираат при појава на родово базиран говор на омраза во медиумите.

Ваквите движења ја издвојуваат Северна Македонија на регионалната мапа – но тука ќе застанам за да обрнам внимание на зборот „регион“, кој се чини дека ги исклучува двата соседа, Бугарија и Грција. Долгогодишниот политички антагонизам меѓу овие земји создаде и продолжува да создава економска и културна сиромаштија која се пренесува и во полето на човековите права. Така, феминистичките иницијативи меѓу овие држави, како и иницијативите, на пример, во културата, се ретки, речиси непостоечки, што конечно му штети на градењето и растењето на едно вистински солидарно и еднакво општество.