октомври 18, 2020

Кривичен популизам: краток преглед

Вики Младенова

Политичките категории кои ги опишуваат современите демократски општества, посебно со фокус на окцидентот, и покрај тоа што влечат корени од античките и потоа модерните општества, сепак доживуваат извесно времено прилагодување, а напати и первертирање на нивната содржина. Придавките на политичката организираност, во таа смисла, бележат поместувања; така, сега, на пример, се зборува за илиберални демократии и популистички режими, земајќи ги предвид политичките гестови или постапки кои апелираат на недемократско односно тоталитарно владеење. Така, анализата на современите политички динамики изобилува со места на комплицирање и отежната проценка за процесите кои се одвиваат и кои истовремено го обликуваат контекстот на одвивање како демократски или недемократски.

Еден поим кој може да се користи како аналитичка одредница, со оглед на неговиот капацитет да опфаќа и десни и леви политички организации, е токму популизмот. Современото толкување на популизмот, со должно внимание кон некои процеси во шпанско-говорниот свет, истовремено со бесценетите студии на Ернесто Лаклау и Шантал Муф, всушност, значително придонесува кон полесно распознавање на (не)демократските тенденции. Обидот да се употребат симболичките и материјалните акции кои упатуваат на разлика која во општеството се одржува преку т.н. „диференцијална логика“ го содржат ехото на демократската револуција, но дефинирањето на популизмот не завршува тука и нужно не успева постојано да го одбрани наследството на демократската револуција – тоа, сигурно не е случај со примерите на десниот популизам.

Десниот популизам сѐ повеќе се зацврстува во формалниот поим „илиберална демократија“, неслучајно бележејќи ја присутноста на десничарски партиски лидери, десничарски официјални реторики и оживување на авторитарните идеологии. Оттука, критичките огледи за современите демократии во Европа, нужно ја содржат анализата на истите низ призмата и критиката на десниот популизам. Оваа политичка симболичка рамка има капацитет да комбинира повеќе елементи и од формалната политика и од кодифицираниот систем на норми, со цел да го одржи т.н. „еквиваленцијален синџир“[1] помеѓу лидерот и народот, на начин на кој се создаваат силни колективни идентитети и истовремено нивни спротивставени политички елементи, кои нужно завршуваат на теренот на политичкото непријателство.

Политичкото непријателство во десно-популистичките режими или попрецизно во режимите на авторитарен популизам (Љубомир Данаилов Фрчкоски[2]), се раздробува во сите можни сфери на општествено живеење и ги зафаќа или, попрецизно, се зачнува во послабите социјални класи и ранливи групи – од кои што прави модели на исклученост, кои го носат знакот на неподобно политичко делување. Оваа сила на ширење, очудува со својот потенцијал да ги прилагодува и пластифицира крупните системи кои го поддржуваат животот во заедница. На пример, политичкото непријателство во авторитарните популистички режими достига до и го менува правниот систем, го турка кон податливи одговори на барањата на лидерот, пронижени низ еквиваленцијалниот синџир или народот и бара да казнува и на тој начин да ги означува политичките непријатели. Оттука, популизмот добива нова придавка и станува кривичен популизам (populismo penale). Кривичниот популизам, како што објаснува Луиџи Ферајоли[3], има за цел да го „деформира колективниот имагинариум за девијантните појави и за самата смисла на кривичното право“. Опасната платформа на субјективизација, што ја понудува кривичниот популизам, го насочува кривичното право кон сторителите, а не кон самите кривични дела; така што, идентитетот на сторителот е претходно кристализиран низ политичка постапка на одредување и означување политички непријатели, односно правото ја губи наводната неутрална вредност и се здобива со прогонувачки карактер. Многу често се прави успешна конјуктура помеѓу правото и одредени десни политички стратегии и тоа Ферајоли го нарекува типичен механизам на (десно-) популистичката демагогија: „се создава можен непријател, така што [на пример] на мигрантот (ако е со друга боја на кожата, уште подобро!), Ромите, муслиманите се упатува како на можни деликвенти, опасни субјекти, непријатели кои сомнежот ги изложува пред барањата за прогон и репресија“. Специфичниот политички резервоар на кривичниот популизам е злоупотребата на расните и класните идентитетски линии што го пресекуваат посакуваниот идентитет на означениот непријател во политичката арена, за потоа правно да го прогонуваат и неговото постоење да го овозможат преку криминализација. Контекстот во кој изворно пишува Ферајоли, Италија, неодамна за време на владеењето на Матео Салвини[4] особено, ја истакна јасно таа платформа на субјективизација на непријателот преку правниот прогон; таков беше случајот со Decreto Sicurezza кога низа права согласно меѓународните механизми за заштита кои претходно беа обезбедени за мигрантите во Италија беа отфрлени и дополнително помошта на отворено море од спасувачките бродови беше забранета и прогласена за кривично дело. Понатаму, во државата со најголема затвореничка популација per capita, оваа теза лесно се докажува; таков е на пример случајот со т.н. „војна против дрога“ (механизам користен од десни политичари како претседателите Ричард Никсон и Роналд Реган) кога масовно се притвораа сиромашни Афроамериканци и од затворскиот систем во американското општество се создаде контекст во полза на принудното ропство, сега посредувано од кривичното право и 13. амандман од американскиот Устав.

Покрај очигледните примери, и локалниот контекст на македонското општество бележи кривична субјективизација на политичкиот непријател, чии класа и раса се преземени како материјални означители за препознавање. Таков е на пример случајот од 2014 година, воден од Хелсиншкиот комитет за човекови права[5], на дискриминаторско ограничување на правото на слободно движење на гранични премини за некои граѓани Роми, при што третманот од страна на Министерството за внатрешни зборови соодветно беше посочен како „расно профилирање“. Во овој случај, јасно се согледува тоа што претходно беше објаснето како комбинација на заштитените карактеристики според антидискриминациското законодавство, на пример класата и расата како материјални означители на политичките непријатели, и тоа во прилог на правниот прогон, претходно поддржан од кривичниот популизам во општество во кое правните механизми на заштита (и посебно антидискриминациското законодавство) беа притиснати вдесно во политичката арена или како што објаснува Ферајоли: „[мутира] кривичната феноменологија, поддржана само од идеологија на исклучување што ги криминализира сиромашните, маргинализираните и пострашно различните – странецот, муслиманот, нелегалните мигранти, и тоа под знакот на една расистичка антропологија на нееднаквоста“.

Вики Младенова

[1] Види повеќе во поглавјето „Популизам, претставување и демократија“ кај Лаклау Ернесто. 2017. Популистички ум. Скопје: ФООМ

[2] Види повеќе кај Frckoski Ljubomir. 2014. Authoritarian Populism in Transitional Democracies of Western Balkans in South-East European Journal of Political Science, vol. II, n. 1-2

[3] Види повеќе кај Ferrajoli Luigi. 2008. L’illusione della sicurezza. Piacenza: Intervento al Festival del Diritto

[4] Повеќе за ставовите на проф. Луиџи Ферајоли околу кривичниот популизам на Матео Салвини види во интервјуто на Роберто Чикарели во Манифесто: https://bit.ly/3jvjLNJ

[5] За случаите на расно профилирање на Ромите на гранични премини, повеќе во двомесечните извештаи на Хелсиншкиот комитет за јули-август (https://bit.ly/3jpdUcU) и ноември-декември (https://bit.ly/2WY3U0T), 2014 година