март 12, 2020

Работничките права мора да бидат во фокусот на новата Влада

Работничките права мора да бидат во фокусот на новата Влада title

Бранимир Јовановиќ Институт за општествени и хуманистички науки, Скопје

Работничките и работниците во оваа држава произведуваат во просек околу 1130 евра месечно. Од тоа, за нив се околу 400 евра. Околу 140 евра одат за државата во вид на даноци, а дури 590 евра завршуваат кај сопствениците на фирмите во вид на добивка. Овие податоци се од Евростат и се однесуваат на 2017 година, но може да се претпостави дека истата слика преовладува и последните две години.

Со други зборови, од вкупната вредност која нашите работнички и работници ја генерираат, само 35% е надоместок за нивниот труд, што е едно од најниските нивоа во Европа. За споредба, во земјите од Европската унија, работниците во просек добиваат 47% од вредноста која ја произведуваат, а за сопствениците од фирмите остануваат 41%. Во државите кои важат за социјални, како Франција или Данска, соодносот е 52%-34% во корист на работниците. 

Кои се причините за ваквата состојба?

Според економската теорија, кога работниците имаат помалку права и нивната преговарачка моќ е помала, на сопствениците на фирмите им е овозможено да задржат за себе поголем дел од вредноста која се генерира. Токму ова е една од причините за ниското учество на надоместокот за работниците во вкупниот доход.

Според најновиот извештај на Меѓународната конфедерација на синдикатите, Македонија е оценета како земја во која систематски се кршат работничките права. Оваа оценка значи дека Владата и/или компаниите прават сериозни напори за сузбивање на колективниот глас на работниците. На ранг листата од извештајот, само Грција, Турција и Украина од европските држави се рангирани полошо од нас.

Како што е убаво документирано во студиите „Обезвреднување на трудот“ и „Обезвреднување на трудот – 2“, сите влади кои сме ги имале во изминатите три децении постојано ги крателе работничките права, во обид да им се додворат на инвеститорите, со посебен фокус на странските инвеститори. Таа логика, дека земјава нема алтернатива за развој освен да привлекува странски инвеститори, а дека тоа не може да го направи ако има високи работнички права и високи плати, се наметна како догма во пост-социјалистичкиот транзициски калабалак, а потоа постојано се одржуваше, под влијание на бизнис заедницата, која беше блиска до секоја власт.

Врвот беше достигнат за време на претходната влада, кога правата не само што беа дополнително скратени, туку власта се гордееше со тоа, па трошеше баснословни суми државни пари на реклами по „белосветските“ медиуми, во кои се претставувавме како рај за инвеститори, со евтин труд и ниски даноци.

Рај за инвеститорите – пекол за работниците

Рајот за инвеститорите беше всушност работнички пекол. Како што утврди една студија од 2017 година, кај многу странски компании кои добиваат државна помош се присутни сериозни индиции за кршење на работничките права. Не се само странските компании такви, ни домашните фирми не се многу подобри. Студијата на „Гласен текстилец“ за условите за работа во текстилната индустрија наоѓа дека дури 40% од работниците во таа дејност се вработени на определено време, 60% работат по 50 часа неделно и 70% од тие што работат прекувремено не се платени за тоа. Според извештајот на Македонското здружение за заштита при работа, во 2018 година дури 33 лица починале од повреди стекнати при работа. Ова е еднакво на 4,3 смртни случаи на 100.000 вработени, што е безмалку три пати повисоко од европскиот просек од 1,6.

Овие работи беа добро познати изминативе години и сегашната влада дојде на власт ветувајќи дека ќе биде поинаква по прашањето на работничките права, па дури и во својата Програма за работа вклучи бројни мерки за заштита на работниците. На пример, Програмата предвидува донесување нов закон за работни односи во насока на обезбедување вистинска заштита за работниците, воспоставување регистар за прекувремени работни часови, задолжителни колективните договори за сите фирми со над 20 вработени, олеснување на регистрирањето синдикати, ограничување на времетраењето на договорите за вработување на определено време, обврска договорите за вработување на определено време по 6 месеци да мораат да се трансформираат во вработување на неопределено време и слично.

За жал, ниту едно од овие ветувања не беше реализирано изминативе речиси три години, па покачувањето на минималната плата остана единствената директна мерка која оваа влада ја направи за работниците. Покачувањето на минималната плата за 50% секако е за пофалба и обезбеди подобар живот за повеќе од 100.000 работници, но приказната ќе беше поцелосна, а ефектите уште поизразени, ако и другите мерки поврзани со работничките права се реализираа.

Можеби и не изненадува што Владата не ги реализираше овие мерки, знаејќи дека вицепремиерот кој беше задолжен за економските прашања беше претставник на бизнис заедницата. Основни премиси во економската наука се дека бизнис заедницата првенствено се грижи за профитот на компаниите и дека профитот е инверзна функција од работничките права, па сосема логично е што еден вицепремиер кој доаѓа од бизнис заедница ќе биде против зголемување на работничките права.

За среќа, тој вицепремиер повеќе не е дел од Владата и да се надеваме дека политичарите конечно сфатија дека на бизнисмени и претставници на бизнис заедницата местото не им е во владата, особено откако на претходно споменатиот вицепремиер му беше утврден конфликт на интерес од страна на Државната комисија за спречување корупција.

Што треба да направи новата влада?

Новата влада, која ќе биде формирана по изборите, мора да надомести за сè што беше ветено, а не беше реализирано од страна на сегашната влада и ќе мора веднаш да започне сериозно да работи на полето на работничките права. Мора да донесе нов закон за работни односи, со кој ќе се зголемат работничките права и ќе се обезбеди поголема заштита на работниците.

Напорите не смеат да останат само на ова. Законот не смее да остане „мртво слово на хартија“, туку мора да се обезбеди негова доследна имплементација. За да се постигне тоа, мора да се осигура дека надележните државни институции, пред сè Државниот инспекторат за труд, ќе работат професионално. Според едно истражување на Хелсиншкиот комитет за човекови права, дури 64% од анкетираните работници изразиле целосно незадоволство од работата на Државниот инспекторат за труд. Иснпекторатот со години е сведен на институција која служи за задоволување на барањата на коалициските партнери за директорски места, се разбира, потпомогнато и од влијанијата на бизнис заедницата, на која не ѝ одговара Инспекторатот да работи професионално и да го штити Законот. Ова мора да се смени, мора сериозно да се инвестира во овој Инспекторат, да се постават квалитетни, стручни и одговорни луѓе на раководните позиции, но и да се инвестира во капацитетите на Инспекторатот. Во овој процес можат многу да помогнат и граѓанските организации кои работат во оваа област, затоа што тие имаат и директен контакт со работниците, но и затоа што ги знаат слабостите на Инспекторатот.

Од двата милиони луѓе кои живеат во оваа држава, 800.000 се работнички и работници. Тие не се инпути во производството, не се средство за генерирање профити, не се алатки кои треба да обезбедат продуктивност на фирмите. Тие се луѓе, од крв и месо, со чувства, со свои животни приказни, со свое достоинство. Редно време е сите да го сфатиме тоа и да почнеме да се однесуваме соодветно. Почнувајќи од власта.

Бранимир Јовановиќ е економски истражувач и професор по економија на Институтот за општествени и хуманистички науки, Скопје. Поле на интерес му се нееднаквоста, сиромаштијата, работничките права, социјалните политики, даноците, јавните финансии и други слични теми.