септември 16, 2020

Заслепена правда: до заробена држава во Северна Македонија – судство, јавно обвинителство и полиција

Демократијата во Северна Македонија беше под сериозен удар речиси цела деценија, а одликите на заробената држава и денес остануваат видливи во судството, јавното обвинителство и во полицијата. Неопходна е деконструкција на „заробената држава“ за да можат да се разберат постојните институционални слабости, но и за да се развијат стратегии за рано детектирање, превенција и соодветно санкционирање на ваквите злоупотреби.

Публикацијата „Заслепена правда: до заробена држава во Северна Македонија – судство, јавно обвинителство и полиција„ преку практични примери и случаи од реалниот живот ги прикажува конкретните манифестации на ваквата заробеност и последиците од неа. Истражувањето презентирано во оваа публикација идентификува неколку начини на кои се вршело политичко влијание врз правосудниот систем во услови на заробена држава и како постојните системски слабости во областа на владеењето на правото биле искористени за интересите на владејачката партија.

Детектираните шеми или механизми, опишани во пет експертски анализи и шест истражувачки стории, покажуваат како партијата на власт го спровела „заробувањето на државата“ и како системските слабости во судството го овозможиле процесот на заробување:

  1. Клиентелистички односи меѓу судството и политичките елити
  2. ­Злоупотреба на Информацискиот систем за автоматско управување со судските предмети
  3. Култура на апсолутна неказнивост на политичарите во екот на политичката корупција
  4. Злоупотреба на амнестијата
  5. Отсуство на одговорност за јавните обвинители
  6. Политички притисок и влијание врз полицијата во иницијалните фази од кривичната постапка
  7. Злоупотреба на мерката притвор
  8. Злоупотреба на институциите за прогон на граѓанските организации – сценарио за десоросоизација
  9. Отсуство на јасни долгорочни реформи во судството, јавното обвинителство, полицијата и во тајните служби

Целосниот текст на публикацијата „Заслепена правда: до заробена држава во Северна Македонија – судство, јавно обвинителство и полиција„ можете да го најдете тука: https://fosm.mk/wp-content/uploads/2020/07/zaslepena-pravda-za-web.pdf

Истражувањето презентирано во оваа публикација е поддржано од Институтот за европски политики при Отвореното општество, Европскиот институт при Отвореното општество и Фондацијата Отворено општество – Македонија, а го спроведе Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) Македонија, заедно со Коалицијата „Сите за правично судење“, Институтот за човекови права, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Документи