ноември 25, 2014

Тестирање ситуација: Метод за докажување дискриминација

Еден од методите што доведоа до промена во некои од европските земји при докажувањето на директната дискриминација, а со тоа и промена во законодавството за прифаќање на овој начин на докажување како законски допуштено доказно средство во судските постапки за утврдување на дискриминација, претставува тестирањето на ситуација. Овој метод се користи и за спроведување на истражувања чиишто резултати понатаму се користат за застапување или лобирање за промена на дискриминаторски практики или, пак, промена на законодавството, за зголемување на свесноста во јавноста околу постоењето на определена дискриминациска практика, како и за набљудување и документирање на состојбата со дискриминацијата воопшто.

Тргнувајќи од позитивните ефекти на употребата на овој метод во другите држави и земајќи го предвид фактот дека во нашата држава тестирањето ситуација не е употребено како доказно средство во судски постапки, се наметна потребата за создавање на оваа методологија. Целта на оваа методологија е да им даде насока на здруженијата на граѓани и на стручната јавност што претставува методот на тестирање ситуација, како ефикасно да се спроведе за да може понатаму да се користи како доказно средство, но не само во судското застапување туку и во процесот на лобирање и застапување на одредени групи пред надлежните институции. Освен општа методологија за употреба и спроведување на методот на тестирање ситуација, овој документ дава осврт и на домашното и на европското законодавство во делот на заштитата од дискриминација, одлуките на Европскиот суд за човекови права и Судот на правдата на Европската унија, што се однесуваат на случаи на директна и индиректна дискриминација и користените методи за докажување на дискриминацијата, земајќи предвид дека нашата држава е земја-кандидат за членство во Европската унија, поради што е обврзана да го усогласи своето законодавство со правниот систем на Европската Унија што, исто така, предвидува забрана на дискриминација.

Документи