декември 15, 2020

Образование на лицата со попреченост

Република Северна Македонија како членка на Организацијата на Обединетите Нации и држава која ја има ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во декември 2011 се обврза дека ќе ја прилагоди својата национална рамка за креирање инклузивен образовен систем и инклузивно општество за сите. Во фокусот на промените беа ставени децата со посебни образовни потреби, особено децата со попреченост.

Во Законот за ратификација на конвенцијата за правата на лица со инвалидност и факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на лица со инвалидност во член 1 е наведено

„Се ратификува Конвенцијата за правата на лица со инвалидност, усвоена од Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации, во Њујорк на 13 декември 2006 година, потпишана од Република Македонија на 30 март 2007 година и Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на лица со инвалидност усвоен од Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации на 13 декември 2006 година, потпишан од страна на Република Македонија на 29 јули 2009 година“.

За усогласување на националната рамка и воспоставување на механизми за почитување на недискриминација со одлука на Владата на седница одржана на 17 април 2018 година (Сл. весник бр. 69/2018 од 19.04.2018) формирано е Национално координативно тело за спроведување на Конвенцијата на правата на лицата со попреченост. Националното координативно тело е составено од вкупно 14 членови, претставници од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, министерства и организации на лица со попреченост. Формирањето на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата претставува обврска на државата согласно член 33 од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. Како национален механизам за имплементација на Конвенцијата, врши координација на министерствата и институциите под нивна надлежност за активностите кои треба да ги преземат и да ги почитуваат начелата и принципите од Конвенцијата на ООН. Исто така, Националното координативно тело соработува со лицата со попреченост и со нивните репрезентативни организации. Задача на Национално координативно тело е да предлага и доставува мислења за законски и подзаконски акти во согласност со начелата на Конвенцијата на ООН. Со својот делокруг на делување, телото директно придонесува за унапредување на човековите права на лицата со попреченост.

Документи