декември 15, 2020

Матична евиденција и документација како услови за пристап до права : Истражувачка анализа на законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени и неговата примена со меѓународните и европски норми

Неевидентираноста на раѓање и/или на лично име во матична книга на родени водеше кон општествено исклучување на значаен број неевидентирани лица (од кои многумина беа Роми), на кои не им се издаваа лични документи, а без документи тие практично немаа пристап до јавни услуги од образовната, здравствената, социјалната, трудовата и други области и не можеа да ги остварат нивните права на образование, здравствена и социјална заштита, вработување и други човекови права. По искажани забелешки (вклучувајќи ги оние од органи и тела на меѓувладини организации) во однос на неадекватноста или недоволната успешност на напорите за разрешување на проблемите во сферата на матичната евиденција, преку теренски посети на мешани тимови, кои беа составени од претставници на државни органи и служби од разни сфери и од претставници на невладини организации (чии правници даваа бесплатна правна помош) и преку јавен повик до неевидентирани лица да се пријават од 1 април до 1 ноември 2018 година, беше утврден обемот на проблемот на неевидентираност во матична книга на родени (МКР) и непоседување лични документи. Постапувањата на службените лица по барањата за упис во матична книга на родени често беа бавни (што ги одолговлекуваше постапките) и арбитрарни (особено поради дискрецијата на службените лица во однос на оценување кои докази се нужни за докажување на сродството со лицето кое тврди дека е родител или времето и местото на раѓање на детето) и сиромашните лица немаа средства да ги покријат издатоците за прибавување документи и плаќање на административни такси, а измените и дополнувањата на Законот за матичната евиденција од 2016 година дополнително ја усложнија постапката со специфицирање на низа докази кои треба да се приложат кон барањето за упис во матична книга. Поради оценката дека проблемот на неевидентираност на околу 700 лица кои беа идентификувани со јавниот повик тешко може да се разреши со постоечките правни акти, беше подготвен предлог за закон што на посебен начин ја уредува матичната евиденција на тие лица.

Во февруари 2020 година беше донесен Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родените (ЗНЛМКР), кој ја уредува постапката за прибирање и евиденција на личните податоци за неевидентираните лица, условите за нивно запишување во посебна матична книга на родени и матична книга на умрени и издавање изводи од нив, издавање на идентификациона исправа и дополнителен упис на овие лица во матичната книга на родените, согласно со закон (член 1). Законот се применува на лица кои живеат и/или се родени на територијата на Република Северна Македонија, а не се запишани во матична книга на родени и немаат својство на странец со регулиран престој согласно со закон, а се евидентирани со јавен повик од 2018 година (член 4), со цел тие, преку добивање на извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа, да ги остварат правата на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно со закон (член 2).

Документи