март 1, 2019

Анализа на стандардите за работнички права и нивна примена во Република Северна Македонија

„Анализата на стандардите за работнички права и нивна примена во Република Северна Македонија“ е подготвена во рамките на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Македонија” финансиран од Фондот за добро владеење на Велика Британија. Анализата има за цел да ги идентификува основните правци на развој на националната регулатива, која се однесува на заштитата на правата на работниците, нивото на усогласеност на регулативата со прифатените меѓународни стандарди и отстапувањата на праксатa, како од позитивните закони, така и од меѓународните стандарди. Основните проблеми во примената на законодавството се прикажани преку вкрстување на генералната меѓународна нормативна рамка, во која се третираат заштитата на правата на работниците и минималните услови за работа, со основните законски решенија на национално ниво.

Од друга страна, проблемите се илустрирани со сумирањето на перцепциите на директните учесници во процесите на градење политики за заштита на работничките права, односно непосредна заштита на истите и директно се посочени промените кои треба да бидат направени. Анализата покажа дека има проблеми во соодветното транспонирање на стандардите и нормативните решенија на МОТ, Советот на Европа и ЕУ директивите, меѓутоа, дека главниот проблем се наоѓа во праксата и неисполнувањето на меѓународните обврски и законските решенија. Посебно внимание во анализата е посветено на актуелната институционална рамка за заштита на работничките права и улогата која треба да ја имаат различните носители на надлежности во оваа област. Оттука произлегува ставањето на акцентот на синдикатите и синдикалната активност, како клучни актери во процесот на формулирање на најсодветните нормативни решенија и во делот на искористувањето на постоечките законски можности. Самата заштитеност на работничките права придонесува за поголема продуктивност на работното место, што од друга страна е посакуван резултат од страна на работодавачите.

Имајќи го предвид ова, дадените препораки се однесуваат на соодветно прилагодување на законодавството со реалните потреби на работниците и работодавачите, по пат на пополнување на празнините на материјалната заштита, како и преку поедноставување и прецизирање на процедурите. Овие промени во праксата, би обезбедиле искористување на постоечките права и можности кои им стојат на располагање на работниците и работодавачите за нивна заштита преку подигање на капацитетите на самите институции, соодветното приближување на законодавството до работниците и учество на државата во создавањето услови за фактичка заштита на правата од работен однос гарантирани со меѓународните договори и националните закони.

Документи