Денес се одбележува меѓународниот ден на руралните жени кои се’ уште се маргинализирани и дискриминирани
Денеска, 15 Октомври се одбележува Меѓународниот ден на руралните жени со што се препознава нивната улога во унапредувањето на земјоделството, руралниот развој и искоренувањето на сиромаштијата. Годинава, темата на ОН за овој ден е: „Руралните жени ја одржуваат природата за нашата колективна иднина: градење климатска отпорност, зачувување на биолошката разновидност и грижа за земјиштето во насока на родова еднаквост и зајакнување на жените и девојките“. Оваа тема ја нагласува важноста на руралните жени како клучни чинители во промовирањето на еколошката одржливост и климатската отпорност, а истовремено ја нагласува потребата за родова еднаквост.
Жените од руралните средини сочинуваат приближно 22% од светската популација, но нивниот придонес е многу поголем од нивниот број. Тие се столбот на нивните заедници, имаат клучна улога во производството на храна, зачувувањето на природните ресурси и унапредувањето на здравјето на заедницата. И покрај тоа што се соочуваат со бројни предизвици, руралните жени се во првите редови кога се работи за подобрување на безбедноста на храната, подобрување на биолошката разновидност и справување со климатските промени.
И покрај нивниот незаменлив придонес, руралните жени се соочуваат со системски предизвици, повисоки стапки на сиромаштија, ограничен пристап до образование, здравствена заштита и социјални услуги, како и дискриминаторски практики што произлегуваат од традиционалните родови улоги.
Во многу земји, дискриминаторските политики на институциите, вклучувајќи ги и формалните и неформалните закони, ги спречуваат жените да поседуваат земја или да пристапат до кредити потребни за инвестирање во земјоделството. Оваа системска нееднаквост ја попречува нивната способност целосно да учествуваат во процесите на донесување одлуки кои влијаат на нивните заедници и егзистенција. Социјалните норми и традиционалните практики продолжуваат да ги ограничуваат улогите на жените ограничувајќи ја нивната социјална и економска мобилност.
Хелсиншкиот комитет за човекови права активно работи на спречувањето и заштитата од родова дискриминација, главно на зајакнување на маргинализираните заедници, нивно активно вклучување во борбата против дискриминација, зголемена доверба во антидискриминационите тела и сензибилизација против дискриминација на клучните чинители во јавноста во Република Северна Македонија.
Со директно вклучување на руралните жени кои најчесто се маргинализирани и нивно зајакнување за препознавање и заштита од дискриминација и континуираното едуцирање и информирање за превенција и заштита се придонесува да се воспостави родоват еднаквост и прекинување на дискриминаторските пракси и креирање на граѓанско општество слободно од стигма и дискриминација. Дополнително, Комитетот преземе активности за унапредување на пристапот до правда при нееднаков третман на руралните жени преку нивно правно зајакнување.
Меѓу активностите на Хелсиншкиот комитет е и зголемувањето на довербата во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација преку спроведување на заеднички активности за препознавање и заштита од дискриминација, како и јавни кампањи за сензибилизрање на носителите на одлуки, давателите на услуги и општата јавност.