мај 27, 2019

Заклучоци од конференцијата „Поглавјето 23: македонското сидро или едро“

Реформите во Поглавјето 23 – правосудство и темелни права ќе бидат ветер во едрата на патот кон членство во Европската Унија, доколку успешно се спроведат, или ќе бидат сидро коешто ќе го забави целиот процес. Ова беше заклучокот од конференцијата „Поглавјето 23: македонското сидро или едро“, организирана од Институтот за европска политика и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На конференцијата претставниците на граѓанскиот сектор, на владините институции и експерти разговараа за имплементацијата и за текот на реформите во Поглавјето 23. Тоа е едно од поглавјата во процесот на преговори со Европската Унија коешто се отвора прво, а се затвора последно, па затоа и се смета дека е едно од најважните.

Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, на отворањето на настанот рече дека оваа конференција претставува можност да се види до каде се реформите во земјава.

Министерката за правда, Рената Дескоска, истакна дека реформите во правосудството се едро на целокупниот процес на евроинтеграција.

„Процесите коишто ги правиме се позитивно оценети од Европската комисија и тука би сакала да укажам на изјавата од Јоханес Хан, којшто нашата држава ја презентираше како успешна приказна за реформи. Круна на целокупната работа беше донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и изборот на новата антикорупциска комисија, што покажува дека навистина имавме искрена и добра волја во креирањето на законската рамка. Оваа искреност се одразува во секојдневните активности на ДКСК, каде што гледаме посветено работење коешто ги дава своите резултати“, изјави министерката Дескоска.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, Никола Попоски, рече дека не ни треба Прибе или кој било друг да ни каже дека законите не се во ред и дека имаме тешкотии во примената.

„Доколку продолжиме со печатење на безброј закони за да бидеме поблиску до реформите на ЕУ, тогаш нема да имаме ефикасни реформи. Секогаш усвојуваме закони под некаков притисок и под рок“, рече Попоски и додаде дека кон менување на законите треба да се пристапи само кога тоа е апсолутно потребно.

„Во однос на самиот процес на пристапување, од наша страна треба да научиме дека во процес во кој не преговараме треба да се учи од грешките на другите. Само со кредибилна перспектива и членство може да се надминат проблемите. Ако ние во 2009 имавме препорака, нема логика сега да не го добиеме тоа. Не би требало да има изговор од страна на Советот да не ги започне преговорите со Македонија. Ако проблемот беше името, сега и тука нема спор“, заклучи Попоски.

Шефот на техничкиот преговарачки тим на Владата, Бојан Маричиќ, потенцираше дека оценките на Европската комисија покажуваат дека се спроведуваат реформи во земјата.

„Имаме реформиран судски пакет, имаме Државна комисија за спречување на корупцијата којашто работи, направени се реформи во поглед на разузнавањето и јавната администрација“, рече Маричиќ.

Тој рече дека би било идеално во јуни или во јули да добиеме позитивен политички сигнал, а Европската комисија да ја разработи преговарачката рамка за Поглавјата 23 и 24.

Александар Јовановски од Хелсиншкиот комитет побара повеќе да се презентира Поглавјето 23 во јавноста и граѓаните повеќе да се информираат за неговото значење. Тој додаде дека Македонија пред Европската комисија и пред земјите членки на ЕУ излегува со чисто политичко досие по уставните измени и по одржаните претседателски избори.

Фросина Тасевска, раководителка на Секторот за ЕУ во Министерството за правда, рече дека Стратегијата за правосудство и предложените законски измени биле потребни за исполнување на препораките од Прибе и од ЕК и дека следува нивна практична примена.

Владимир Ѓоргиев од ДКСК рече дека Европската комисија бара институциите што се борат проактивно против корупцијата да имаат политичка независност, функционална независност, како и финансиска независност.

Зоран Билбилоски, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, кажа дека во напорите за што поголема заштита на човековите права треба да се истакне и новата надлежност на Народниот правобранител – да биде надворешен механизам за контрола на работата на полицијата и затворската полиција.

Целта на овој настан беше да се поттикне дебата за прашањата од Поглавјето 23 помеѓу сите засегнати актери.

Конференцијата беше организирана во рамките на проектот „Мрежа 23 – вмрежување за влијание (NETWIT 23)“. Целта на проектот е да придонесе за зголемување на влијанието на граѓанското општество во создавањето на политиките во областа на Поглавјето 23 – правосудство и темелни права во контекст на европската интеграција. Проектот е имплементиран од Институтот за европска политика – Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а е финансиран од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и Балканскиот фонд за демократија.