Corner Соопштенија

Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура 26 Јуни 2014

Денес, 26 јуни, сe одбележува меѓународниот ден за поддршка на жртвите од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување. Воедно, оваа година се одбележуваат и 30 години од усвојувањето на Конвенцијата против тортура на Обединетите нации, како и 20 години од нејзиното спроведување во Република Македонија. Конвенцијата ги обврзува државите да спроведат нулта толеранција кон актите на тортура, да го сузбијат феноменот на неказнување на државните службеници и да обезбедат поддршка за жртвите од тортура. Правото на заштита од тортура е апсолутно и не може да биде одземено или ограничено под ниту една околност. 

Заштитата од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување е една од главните области во која Хелсиншкиот комитет делува преку алармирање на јавноста, обезбедување на бесплатна правна помош за жртвите и набљудување на судски постапки во кои како обвинети се јавуваат службени лица. Во изминатите 12 месеци до Комитетот беа поднесени десет претставки од граѓани кои се пожалиле на малтретирање, психичка и физичка тортура од страна на полицијата. Иако надлежните институции беа известени за сите кривично-правни настани, само еден случај заврши со судска разрешница. Случајот на Зухер Ибраимов, осудено лице кое по напад од полицаец во КПУ „Идризово“ ја изгуби слезинката и еден бубрег, беше карактеризиран како „тешка телесна повреда“, наместо како „тортура“. Обвинетиот полицаец по поминати три месеци во домашен притвор беше вратен на работа до моментот кога неговата шест месечна затворска казна беше зголемена на една и пол година од страна на второстепениот суд. Во меѓувреме г. Ибраимов беше вратен на отслужување на затворската казна во услови за живот кои претставуваат опасност за дополнително влошување на неговата здравствена состојба.

Останатите инциденти останаа без разрешница, со контра кривична пријава од страна на полицијата или со повлекување под притисок на жртвите во постапката. Меѓу овие инциденти се и полициското малтретирање на Роми во населбата „Топанско поле“ кога неколку граѓани беа нападнати и приведени и покрај тоа што не сториле кривично дело. Припадници на специјалната единица „Алфа“ оваа година без причина нападна помладо момче, а во друг инцидент без причина тепан и омаловажуван беше малолетник, припадник на ромската заедница. И покрај тоа што се работи за тортура над малолетник, ниту Јавното обвинителство, ниту МВР не поведе службена постапка. Овие примери укажуваат на опстојување на феноменот на неказнивост и солидаризирање на јавното обвинителство и судството со полицијата.

Хелсиншкиот комитет се приклучува кон одбележувањето на овој меѓународен ден и упатува апел до властите конечно да го препознаат постоењето на тортурата и да развијат политики за заштита од овој варварски чин. Ги повикуваме надзорните механизми како што се Комисијата за заштита на слободите и правата на граѓанинот при Собранието, Секторот за внатрешна контрола при МВР и особено Народниот правобранител да заземат про-активна улога во заштитата од тортура и да делуваат по допрен глас и на сопствена иницијатива. Примерот со глувото дете незаконски сместено во Заводот Бања Банско за кое јавноста дознава по неколку месеци од неговото измачување е показател не само за негрижата на државата кон оваа ранлива група туку и дека тортурата во затворените институции се уште претставува реалност. Зачудува фактот што досега е побаран единствено инспекциски надзор од страна на Министерството за труд и социјална политика наместо кривична одговорност за сторителите на овој суров чин.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo