Мониторинг на спроведувањето на Стратегијата за развој на пробациска служба во Република Северна Македонија (2021 – 2025)
Овој документ е изработен во рамки на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка преку ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, финансиран од Европската Унија. За целите на проектот беше склучен Меморандум за соработка меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници, Македонското пенолошко друштво, Здружението за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанции ИЗБОР и Управата за извршување на санкции.
Општа цел на проектот е намалување на рецидивизмот и ранливоста на осудените лица по нивното отпуштање на слобода, преку зајакнување на политиките и сервисите за нивна ресоцијализација, реинтеграција и постпенална грижа во согласност со најдобрите меѓународни и европски стандарди.
Специфични цели кон кои се стреми проектот:
- Да се подобрат квалитетот и достапноста на услугите за пенална и постпенална заштита со цел ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, претходно осудени лица, како и лица кон кои се извршуваат пробациски работи;
- Да се зголемат капацитетот и меѓуинституционалната соработка помеѓу казненопоправните установи, судовите, пробациските службеници, центрите за социјална работа и други даватели на услуги за ресоцијализација, пробација и постпенална заштита;
- Да се подобрат правната рамка и политиките за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, претходно осудени лица, како и лица кон кои се извршуваат пробациски работи врз основа на истражување и најдобри практики.
Целите на проектот ќе бидат остварени преку меѓусебно поврзан збир од три компоненти: Обезбедување на услуги што вклучува активности за воспоставување на национална служба за поддршка за ресоцијализација и рехабилитација на затворениците во партнерство меѓу ГО и УИС, која ќе обезбеди поддршка пред и после ослободувањето (правна, психосоцијална, кариерна и третман на зависност). Преку ова компонента со проектот ќе се пилотира програма за олеснување на вработувањето на поранешните затвореници, во соработка со Агенцијата за вработување и со бизнис-секторот.
Компонентата Градење капацитети и вмрежување предвидува развој на наставна програма и материјали за обука, спроведување на програма за обука за судии, затворски советници, пробациски службеници, социјални работници и даватели на услуги, организирање регионални работилници за дефинирање на условите за интеринституционална соработка и воспоставување и обезбедување поддршка на три локални меѓуинституционални тимови за координирана постпенална поддршка. Следењето на развојот на пробациската служба во РСМ 2021 – 2025 е дел од третата компонента Рамка за истражување и политика, во која, исто така, ќе се даде поддршка за изготвување на два СОП, организирање конференции и изготвување документи за политики.