јули 20, 2021

Усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција: Демнењето сѐ уште не е препознаено како кривично дело

Марија и Кирил се запознале на социјалната мрежа Фејсбук. По кратка комуникација, се договориле да се сретнат во парк. По средбата Кирил ѝ испратил неколку пораки на Марија за да се видат повторно, но Марија не била заинтересирана и отворено му го соопштила тоа. Кирил иницијално го прифатил нејзиниот одговор, но продолжил да ѝ пишува и да ѝ се јавува, со цел да ја разубеди да се видат повторно. Марија останала на истиот став, но Кирил бил упорен. Во наредниот период, Кирил секој ден ѝ пишувал на сите социјални мрежи и пробувал телефонски да ја контактира. Откако не успеал да стапи во контакт со неа, Марија започнала да го забележува во близина на нејзиното работно место и домот, но и на други места каде што таа најчесто се движи. Бидејќи ова траело веќе две месеци и Марија се чувствувала вознемирена од неговото постојано присуство, решила случајот да го пријави во полиција. Полициските службеници одбиле да ѝ ја примат пријавата со образложение дека нема никаков основ за покренување на постапка, затоа што не постоеле директни закани упатени кон неа.[*]

Демнење претставува дејство на следење, прогонување или на друг начин мешање во личниот живот на друг, или со него воспоставување или настојување да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психичко злоставување, вознемирување или застрашување и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице.

ИАКО ДЕМНЕЊЕТО Е ДЕФИНИРАНО ВО НОВИОТ ЗАКОН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИ И СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, ТОА СÈ УШТЕ НЕ Е ПРЕПОЗНАЕНО КАКО КРИВИЧНО ДЕЛО ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК.

УСОГЛАСУВАЊЕТО НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК СО ИСТАНБУЛСКАТА КОНВЕНЦИЈА И СО ЗАКОНОТ Е ОБВРСКА НА НАШАТА ДРЖАВА.

 

 

[*]   Ликовите и настаните во случаите се фиктивни. Сите сличности со постоечки лица и настани е случајна.