август 17, 2020

Повик за ангажирање експерт за изработка на анализа на податоци за баратели на бесплатна правна помош

 

Општи информации

 

Во рамки на оперативниот грант „ИПА/2019/413-342 – Оперативен грант „Основите прво – Активен придонес во владеење на правото” “, финансиран од Европската унија, Хелсиншкиот комитет за човекови права обезбедува бесплатна правна помош на маргинализирани и ранливи категории граѓани, согласно Законот за бесплатна правна помош од 2019 година. Преку процесот на давање бесплатна правна помош, Хелсиншкиот комитет во 2020 година овозможи системско следење на примената на законот, како и примената на системот на бесплатна правна помош.

Хелсиншкиот комитет во рамки на грантот овозможи креирање на база на податоци за евидентирање и систематизирање на социо-демографските карактеристики[1] на барателите на бесплатна правна помош и ефективноста и ефикасноста на институциите што се дел од системот. Датабазата користи надворешен софтверски систем, координиран од тимот правни советнички на Хелсиншкиот комитет, а податоците се прибираат и користат согласно Законот за заштита на личните податоци.

Датабазата претставува алатка за собирање податоци за сервисите на бесплатна правна помош што се основа за статистичка анализа и овозможува придонес за креирање конкретни предлози за јавни политики.

 

За таа цел, Хелсиншкиот комитет има потреба од експерт/ка што ќе изработи анализа на датабазата за барателите на бесплатна правна помош. Конкретната анализа треба да содржи:

  • теоретска рамка на системот за бесплатна правна помош, односно, приказ на релевантната законска рамка, достапните податоци од засегнатите институции, научна литература, истражувачките прикази и документите за јавни политики;
  • квантитативна обработка на податоците од датабазата и нивно графичко претставување.
  • толкување на квантитативните податоци што ќе ги сумира недостатоците на системот на бесплатна правна помош;
  • квалитативна анализа за трендовите утврдени во анализата,
  • препораки за подобрување на системот за бесплатна правна помош.

 

Структура на анализата

Анализата треба да претставува холистичка, сеопфатна и систематична обработка на податоците од датабазата за барателите на бесплатна правна помош и врз основа на таа обработка да даде препораки за подобрување на системот за бесплатна правна помош.

 

Избор на експерт

На овој повик имаат право да учествуваат сите физички (индивидуално или во тим) и правни лица што ги исполнуваат следниве критериуми:

  • завршено високо образование (предност ќе имаат кандидатите со положен правосуден испит);
  • најмалку четири години работно искуство во областа на давање бесплатна правна помош на маргинализираните и ранливи категории граѓани, за што кандидатите треба да достават најмалку две референци;
  • познавање на релевантната теоретска и законска рамка во областа на бесплатната правна помош (листа на слични публикации);
  • искуство во подготовка на методологии за истражувања и/или анализи;
  • искуство во спроведување истражувања и/или анализи.

 

Работни задачи:

  • Изработка на методологија за анализата;
  • Истражување на домашната правна регулатива;
  • Обработка на податоците достапни во датабазата;
  • Графичко претставување на обработените податоци од квантитативната анализа;
  • Подготовка на нацрт-анализа;
  • Подготовка на финална анализа;
  • Комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

Етички напомени

Експертот се обврзува коректно да ги наведува изворите на податоците во истражувањето. Во случаи на плагијаризам, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе го раскине склучениот договор и ќе бара поврат на средствата уплатени за анализата.

 

Спроведување на активностите

За спроведување на активностите од овој повик е предвиден надоместок во вкупен износ од 1200 евра во денарска противвредност. Исплаќањето ќе се врши на две еднакви рати и тоa: 50 проценти по склучување на договорот и 50 проценти по одобрување на финалната верзија на анализата која е предмет на овој повик. Износот на надоместокот останува ист без разлика дали кандидатот се пријавува сам или во тим.

 

Финалната анализата треба да биде изготвена заклучно со ноември 2020 година.

Хелсиншкиот комитет ќе потпише договор со експертот каде што ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски. Исплатата на надоместокот ќе се врши директно на ангажираното лице.

Начин на пријавување

За пријавување на овој повик кандидатите треба да достават:

  • професионална биографија со најмалку две вклучени референци за работа во областа на бесплатната правна помош. Доколку заедно се пријавуваат повеќе од еден кандидат, потребно е да се достави персонална биографија и референци за секој посебно. Индивидуалните биографии не треба да надминуваат две страници (А4 формат), не сметајќи ги референците; и
  • предлог на разработена методологија за спроведување на анализата. Предлог-методологијата не треба да надминува три страници (А4 формат, фонт 12, проред 1.15) и треба да содржи јасна методологија по чекори.

 

Документите за пријавување задолжително да се достават во еден pdf. формат документ на е-маил адресата helkom@mhc.org.mk најдоцна до 31.08.2020 година со назнака „Анализа на податоци за баратели на бесплатна правна помош“. По доставување на пријавите, тимот на Хелсиншкиот комитет ќе ги оценува во неколку чекори: проверка дали се доставени потребните документи; евалуација на персоналните биографии и референците; и евалуација на предлог-методологијата.

 

За дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведената имејл адреса, како и на телефонскиот број +389 2/3119-073.

 

Овој повик може да се преземе во пдф формат подолу

 

  • [1] Лични податоци за барателот на бесплатна правна помош (име и презиме, општина, населено место, возраст, пол, род, родов идентитет, сексуална ориентација, етничка припадност, образование, верско или религиско уверување, здравствена состојба, политичка припадност, брачен статус и друго);
  • Правен проблем на барателот;
  • Даден правен совет;
  • Датум на поднесување на барањето за бесплатна правна помош;
  • Датум на поднесување допис до надлежната институција;
  • Период на чекање одговор од институцијата;
  • Датум на поднесување на барањето за секундарна правна помош до Министерството за правда;
  • Период на чекање одговор на барање за секундарна правна помош од Министерството за правда;
  • Информација дали барањето за секундарна правна помош е одобрено или одбиено.

 

Документи