февруари 10, 2020

Оглас за проектен координатор/ка и правен советник/советничка

Назив на работно место: Проектен координатор/ка и правен/правна советник/советничка

Краен рок за пријавување: најдоцна до 20 февруари 2020 година, 23:59 часот (GMT+1)

Електронска адреса за поднесување на апликацијата: helkom@mhc.org.mk

Апликациите задолжително гласат на име „Оглас за проектен координатор/ка и правен/правна советник/советничка“ и сите документи се поднесуваат во pdf. формат

 

ОГЛАС ЗА ПРОЕКТЕН КООРДИНАТОР/КА И ПРАВЕН/ПРАВНА СОВЕТНИК/СОВЕТНИЧКА

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија објавува оглас за вработување на проектен координатор/ка и правен/правна советник/советничка )

 

Опис и работни задачи, избраното лице:

  • Управува со текот на имплементацијата на активностите на проектот во кој е ангажиран/а;
  • Учествува во процесите на давање бесплатна правна помош;
  • Го надгледува текот на водењето на постапките во кои е ангажиран;
  • Ги следи сите фактори кои може да влијаат во исходот на случаите како промена на позитивното законодавство, промена на политиките на определени институции и слично;
  • Ја организира и ја надгледува работата на проектниот асистент/ка и останатите лица ангажирани во имплементацијата на проектот;
  • Дава иницијативи и мапира нови донатори за проекти поврзани со владеење на правото и кривичната правда;
  • Ги подготвува дописите и соопштенијата до јавноста и презема активности поврзани со медиуми и социјални мрежи, а во врска со неговите/нејзините активности;
  • Одржува комуникација со донаторот и му стои на располагање за било какви информации во врска со имплементација на проектите;
  • Ги изготвува извештаите до донаторот на проектите;
  • Дава насоки за организирање настани, конференции и прес-конференции;
  • Дава правни совети и мислења;
  • Постапува во случаите за кои се води стратешко застапување;
  • Посебно е задолжен/а за пружањето длабинска експертиза во однос на законодавството и практиката во кривичната сфера;
  • Учествува во застапување и комуницира со институции;
  • Учествува во подготовка на месечни и годишни извештаи, анализи и други публикации.

Услови што се бараат за вршење на работата / потребни квалификации:

  • Дипломиран/а правник/чка со завршено четиригодишно високо образование на правни студии (т.н „стара програма”) или дипломиран правник со стекнати 240 кредити согласно ЕКТС;
  • Најмалку три години работно искуство во правосудството, водењето проекти во областа на правосудството и/или заштитата на човековите права и слободи;
  • Напредно познавање и користење на устен и пишан работен англиски јазик;
  • Компјутерски вештини;
  • Напредни организациски и комуникациски вештини.

Како предност ќе се смета:

  • Искуство во областите владеење на правото, правосудство и кривична правда;
  • Искуство во подготвување апликации до Европскиот суд за човекови права;
  • Завршени постдипломски студии;
  • Познавање на уште еден странски јазик;
  • Развиено чувство за работа со ранливи и маргинализирани заедници.

Рок и потребни документи за аплицирање:

Заинтересираните кандидати за работната позиција потребно е да достават кратка биографија (CV) на македонски јазик и мотивационо писмо. Во кратката биографијa потребно е да бидат наведени референци и контакт податоци од две лица од претходни работни места. Апликациите се доставуваат на следната електронска адреса: helkom@mhc.org.mk најдоцна до 20.02.2020 година до 23:59 часот (GMT+1).

Постапка за избор на кандидат/ка:

Комисијата за избор на кандидат/ка ќе ги разгледа примените апликации. Ненавремените и нецелосните апликации нема да бидат земени предвид. Комисијата ќе изработи ранг листа од примените апликации во зависност од степенот на исполнување на квалификациите опишани во овој оглас. Најдоцна до 25.02.2020, најквалификуваните кандидат/ки ќе бидат известени дека ги исполнуваат условите за влез во втората фаза на изборот.

Во зависност од добиените апликации и потребите на канцеларијата, Хелсиншкиот комитет го задржува правото да спроведе тестирање како посебна фаза при изборот, за што благовремено ќе ги извести кандидатите. Тестирањето се спроведува писмено преку документ со три прашања, кој кандидатите го пополнуваат и во рок од два часа, одговорените прашања ги праќаат електронски на наведената адреса, за полагањето не е потребно физичко присуство во канцелариите на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Последната фаза е усно интервју. Согласно резултатите од интервјуто ќе биде избран кандидат/ка кому ќе му/и биде понудена работната позиција. За сите фази се составува финална ранг листа врз основа на која, доколку избраниот кандидат ја одбие понудената работна позиција, се одлучува за наредниот најдобар избор се додека не се избере соодветен кандидат/ка.

Договор за вработување:

Со избраниот кандидат/ка Хелсиншкиот комитет ќе склучи договор за вработување на определено време, со пробен период од 3 месеци. Работното време ќе изнесува 40 часа неделно и ќе биде рамномерно распределено во пет работни дена (од понеделник до петок). Почетокот на дневното работно време е од 9.00 до 9.30 часот, додека завршетокот е од 17.00 до 17.30 часот во зависност од пристигнувањето на работното место. Взаемните права и обврски во договорот ќе бидат уредени во согласност со Законот за работните односи. Месечната нето плата е 30 000,00 денари, а таа може да расте во зависност од ангажманот во организацијата. Работното место е во седиштето на Хелсиншкиот комитет за човекови права на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83а во Скопје.

За сите дополнителни информации можете да се обратите на еден од бесплатните телефонски броеви +389 (0)2 3119 073, +389 (0)2 3290 469 и/или +389 (0)72 278 436, а лице за контакт е Сања Барлаковска Велков.

Документи