октомври 21, 2020

МВР да го истражи последниот случај на полициска бруталност со елементи на реваншизам

Само неколку недели по случајот со претепаните Роми од страна на полициски службеници во Битола, граѓанската иницијатива АВАЈА вчера сподели информации со јавноста за нов случај во Битола со индикации за полициска бруталност, но и со елементи на реваншизам од страна на полициските службеници. Според АВАЈА, овојпат полицијата употребила прекумерна сила врз повозрасна Ромка и нејзиниот син:

,,Синот на жената бил излезен на пауза од работа за да јаде и не носел маска во моментот поради тоа што јадел, но полицаецот му пристапил за да го легитимира заради тоа што не носел маска на отворено и да го казни (ИАКО МЕРКИТЕ СЕУШТЕ НЕ СЕ УСВОЕНИ). Личната карта не била со него, па поради тоа неговата мајка рекла на полицаецот да ја земе нејзината лична карта. Полицаецот викнал засилување и синот бил приведен заедно со мајката бидејќи таа не сакала да го остави нејзиниот син сам. Откако се качиле во полициското комбе синот и жената биле НАСИЛНО ТЕПАНИ! Додека биле тепани полицаецот им викал “ѓуптини ајде сега снимајте, не ми можете ништо”! Повозрасната жена Ромка се наоѓа во загрижувачка животна состојба! Откако била претепана морала да интервенира и брзата помош! Жената болна од астма се нашла во состојба да не може да дише поради нападот!!! Жената е моментално под висок стрес и со загрозена здравствена состојба! Нејзиниот сопруг во текот на денот се обидел 3 пати да го пријави случајот во полициската станица, но немало кој да го прими. Во моментов сопругот на жената повторно ќе се обиде да го пријави случајот во полиција во Битола – очекуваме дека полицијата овојпат ќе го прими граѓанинот и ќе превземе соодветни дејствија!!! Воедно загрижувачка состојба е и тоа што имаме повторно обид за прекривање на случајот, со ненавремено постапување и општо непостапување од страна на другите полицајци што повикува на потреба од сериозни реформи во функционирањето на полицијата!’’-информираше Аваја.

Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници, преку заеднички проект ангажираа адвокат за овој случај. Жената и нејзиниот син не се задржани во притвор и во моментов се чувствуваат добро, но полицијата сè уште одбива да прими пријава.

Со оглед на загрижувачките индиции, бараме Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи целосно да го истражи овој случај и доколку се потврдат наодите, инволвираните полициски службеници да бидат соодветно дисциплински казнети и доколку има основ, против истите да биде поведена кривична постапка. Исто така, го повикуваме МВР да ги преземе сите превентивни мерки за спречување на непрофесионалниот однос, расното профилирање, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани, што очигледно е честа практика на полицијата.