Ќе измислиме ли вакцина за вирусот наречен лажни вести?
За лажните вести зборуваме многу. И често. Тие се топ тема на сите традиционални медиуми, на мноштво дебати, проекти… Но, како дојдовме до темата за лажните вести да стане толку популарна и неизбежен дел од комуникацијата со јавноста на секоја демократска институција на национално или глобално ниво?
Дезинформациите, но и другите типови на лажни вести (,,мис-информации’’ и ,,мал-информации’’) одат рака под рака со паниката и стравот. Всушност, токму една од главните цели на дезинформациите е намерно да ги атакува или дискредитира институциите со што ќе се предизвика нивна недоверба кај граѓаните. Тоа, за нарачателите или креаторите на лажни вести, е наједноставниот и најплодниот начин за да можат да ги пласираат своите информации и вистини, односно да ја уверат јавноста во својата страна на приказната.
Дигитализацијата, која во својата суштина е позитивен процес на заокружување на глобализацијата, во комбинација со потрагата по кликови, побрза заработувачка, како и различните интереси и аспирации на локално, регионално и глобално ниво, во изминативе години го окупираа информативниот простор. Масовната употреба на интернетот и социјалните медиуми од страна на граѓаните, како и брзиот развој на „паметните“ телефони само ја катализираа ваквата состојба, овозможувајќи канали за молскавично распространување на пораките, а со тоа и брзо ширење на кредибилните информации, но и на лажните вести и полуинформациите.
Голем дел од дискурсот за „лажни вести“ се однесува на дезинформациите и мис-информациите . Мис-информацијата претставува информација која е лажна, но лицето кое ја шири верува дека е точна. Дезинформацијата е исто така информација што е лажна, но главната разлика е во тоа што лицето кое ја шири знае дека таа е лажна. Во вториот случај зборуваме за тенденциозна, намерна лага и цели кон намерно дезинформирана јавност од страна на злонамерни причинители.
Третата категорија се нарекува мал-информација. Таа претставува информација која се заснова на одредена вистинитост, но се користи да нанесе штета на некоја личност, организација или земја. Важно е да се разликуваат пораките што се вистинити од оние што се лажни, но и оние што се создадени, произведени или дистрибуирани од „агенти“ кои имаат намера да наштетат наместо да служат на јавниот интерес.
Целта и намерата на секој од трите облици на лажните вести е негативна и има далекусежни последици врз демократскиот развој на светот. Сепак, важно е да се направи дистинкција на овие три подвидови на лажни вести поради причините, техниките и третманот кои варираат во различни случаи. И пред сè, заради градењето на механизми и капацитети за правилно справување со секој вид или народски кажано, да се произведе ефикасен антивирус или вакцина за вирусот наречен лажни вести.
Затоа сме должни да истакнеме дека лажните вести и сензационализмот кој го создаваат постои уште од појавата на човештвото. Но, брзината со која тие денес можат да се рашират низ целата планета е неверојатна, вклучително и штетата која за кратко време може да ја предизвикаат.
Затоа е важна борбата со лажните вести. Но, таа не може да ја водат самите граѓани или, пак, властите без поддршката од медиумите, граѓанскиот сектор, технолошките компании и слично. Тоа е спрега во која мора сите да бидеме вклучени и несебично да го дадеме својот придонес. Властите преку активната и особено дигиталната транспарентност и отвореност. Медиумите преку целосно почитување на новинарските стандарди и саморегулација. Социјалните медиуми преку детектирање и справување со лажните профили, образовните институции со подигнување на целосно дигитално и медиумски функционално описменети млади генерации. Граѓаните и граѓанскиот сектор преку подигање на јавната свест и подигање на личниот граѓански степен на критичко размислување и проверка на мноштвото информации кои секоја секунда ни се сервираат во оваа дигитална ера…
Сепак, главниот проблем и предизвик е што лажните вести докажано ја поткопуваат демократијата и пазарната економија, два столба без кои не можеме да живееме во слободни општества на граѓани чии права и слободи се гарантирани уште од нивното раѓање, со право на избор и почитување на индивидуата како примарна наспроти колективот и државната моќ.
Колку и да може да се чини потребно ограничувањето на одредени наши слободи и права во справувањето со лажните вести, сепак истовремено секој од нас мора да разбере колку се навистина важни слободата, демократија и човековите права и што претставуваат тие како цивилизациска придобивка. Или како што вели една позната поговорка: „Слободата е како воздухот. Кога ја имаме, не ја ни чувствуваме дека постои. Но, ако ја снема, тогаш сфаќаме колку ни е всушност неопходна“.
Затоа, доколку сакаме да продолжиме да градиме граѓански општества, кои во средиште ја ставаат индивидуата со сите нејзини права, потреби и еднаквост, мораме сите да вложиме големи напори, човечки и финансиски ресурси со цел побрзо да создадеме двовалентна „вакцина“ насочена против лажните вести и говорот на омраза.
Од сите нас зависи!