Едукација
Хелсиншкиот комитет за човекови права има богата традиција во неформална едукација на млади, особено преку организација на таканаречената „Школа за човекови права“. Школата се има одржано 37 пати досега и е наменета за средношколци и/или студенти од Македонија со изразен интерес за полето на работа на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Школите за човекови права имаат за цел да ги прошират видиците на младите луѓе и да ја развијат нивната свест за различните малцински групи во општеството, како и за стереотипите, предрасудите и дискриминацијата. Во текот на предавањата, вежбите и дискусиите, учесниците на школите се охрабрени да размислуваат критички и активно да се ангажираат со смислување на конкретни решенија и оформување на ставови во врска со темите кои се дискутираат.
Во рамки на школите, учесниците имаат можност да работат на вистински случаи во кои настанале повреди на човековите права. Овие примери се добиени од секојдневното работење на Хелсиншкиот комитет во рамките на проектите, вклучувајќи дискриминација по различни основи, говор на омраза и злосторства од омраза, стереотипи и предрасуди, повреда на правата на ЛГБТИ заедницата, младински активизам и слично. Преку овие практични вежби, учесниците се поттикнати активно да размислуваат и да ги препознаваат повредите на човековите права на дневна основа. Преку овој конкретен модел, како што е прикажано во минатото, младите создаваат силни врски и учат за толеранција, прифаќање и меѓусебно разбирање.
Преку школите за човекови права, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија остварува долготрајни врски со младите кои се заинтересирани за областите на работа на комитетот и имаат можност да го продолжат своето учење преку вклучување во Младинската група на Хелсиншкиот комитет. Младинската група е неформална група на млади, на возраст од 16 до 26 години кои имаат можност да се вклучат во некои од тековните активности на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Младинската група брои околу 50 членови, а сите заинтересирани млади можат да добијат повеќе информации на mladinskagrupa@mhc.org.mk