Corner Reports

Месечен извештај за состојбата со човековите права - март 2019 12 April 2019

Месечниот извештај за состојбата со човековите права за март 2019 година опфаќа теми од областите: судство, дискриминација, семејно и родово базирано насилство, дела од омраза, говор на омраза, работнички права и текстилни работнички.

Месечниот извештај може да го преземете на следниот линк 

Месечен извештај за човековите права во Република Македонија

МАРТ 2019


СОДРЖИНА

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

  • -Следење на тековни случаи

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • -КЗД за првпат утврди дискриминација по спроведено тестирање на ситуација

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • -Обврска на органите на државата е да овозможат соодветна заштита на децата жртви на семејно насилство

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

  • -Насилства врз деца и малолетници

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • -49 случаи на говор на омраза во февруари

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • -Условите на работното место директно влијаат врз здравјето и безбедноста на работниците

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

  • -Преку 400 текстилни работнички без нивно знаење мигрираат во 6 текстилни конфекции кои вршат дејност во ист погон

Април 2019

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

Следење на тековни случаи

Хелсиншкиот Комитет и овој месец продолжи со набљудување на судските постапки кои се од значење за заштитата на човековите права во Македонија.

Во случајот Монструм продолжи изведувањето на докази од претходната постапка.

Овој месец продолжи доказната постапка во кривичниот предмет против Миленко Неделковски поради основано сомневање за сторено кривично дело по член 394-г од КЗ на РМ (Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем). Беа изведени дел од доказите на одбраната, а судењето се одложи поради тоа што одбраната предложи проширување на листата на докази со нови видео докази, кои се сеуште во подготовка, а обвинителот се согласи со тоа. Инаку, Обвинетиот Миленко Неделковски се товари за ова дело затоа што летото 2018 година кога избувна смртоносниот пожар во предградие на Атина објави статус со кој ширеше говор на омраза против настраданите од Р. Грција.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

КЗД за првпат утврди дискриминација по спроведено тестирање на ситуација

Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна дискриминација во пристап до добра и услуги сторена врз две лица од ромска етничка припадност од страна на Арт Кафе Апореа од Прилеп, врз основа на боја на кожа и етничка припадност. Ова е прво мислење на Комисијата за заштита од дискриминација (бр. 0801-1/3 од 15.03.2019) кое е донесено врз основа на спроведено тестирање на ситуација од страна на Хелсиншкиот комитет.

Тестирањето на ситуација претставува метод кој се користи во случаи на дискриминација во кои недостасуваат факти и докази и која е тешко да се докаже. Тестирањето на ситуација вклучува употреба на организирани актери или апликанти за да се истражи појавата на дискриминација во различни предмети, процеси и области по различни основи Овој метод се користи и за спроведување на истражувања чии резултати понатаму се користат за застапување или лобирање за промена на дискриминаторски практики или пак промена на законодавството, за зголемување на свесноста во јавноста околу постоење на определена дискриминаторска практика, како и за набљудување и документирање на состојбата со дискриминацијата воопшто.

Во конкретниот случај, се тестираше пристапот до добра и услуги како важен сегмент во социјалниот живот на лицата од сите етнички заедници. Ограничувањето на пристапот на Ромите до добра и услуги претставува повреда на правото на еднаквост на Ромите во споредба со останатите етнички заедници. На овој начин продолжува стигматизацијата и сегрегацијата на Ромите и отвора можност за постоење на дискриминаторска практика, доколку ваквиот третман е единствено насочен кон припадници на ромската заедница.

Со цел да се утврди ваква дискриминаторска практика, беше спроведено тестирање на ситуација во Арт Кафе Апореа Прилеп, преку кое се тестираше пристапот и квалитетот на услуга во кафе барот на Ромите, со поставување на компаратори - контролни тестери – односно лица кои не се Роми.

Спроведеното тестирање на ситуација покажа дека на тестерите од ромска етничка припадност им бил оневозможен пристапот во кафе барот. Имено, кога тестерите пристигнале пред кафе барот и согласно сценариото за тестирање се обиделе да влезат во објектот и да нарачаат пијалак, пред вратата на кафе барот биле пречекани од келнер кој не ги пуштил да влезат со образложение дека нема место. По прашањето на тестерите зошто не може да влезат во кафе барот и укажувањето дека има слободни маси на терасата на кафе барот, келнерот им рекол дека сите маси се резервирани и им повторил дека не можат да влезат. Од друга страна, контролните тестери, лица од македонска етничка припадност, изјавија дека оствариле пристап во кафе барот, односно на влезот на кафе барот биле пречекани од келнер кој ги прашал каде сакаат да седнат, ги придружувал до посакуваната маса и веднаш после нарачувањето ја донел нивната нарачка. Контролните тестери изјавија дека келнерот се однесувал љубезно и културно.

Ваквото ограничување на пристапот на лицата од ромска етничка припадност од страна на Арт Кафе Апореа Прилеп врз основа на нивната етничка припадност и боја на кожа претставува директна дискриминација во пристап до добра и услуги.

Препорака: Хелсиншкиот комитет го поздравува ваквото мислење на Комисијата за заштита од дискриминација, донесено во законски предвидениот рок, а врз основа на спроведено тестирање на ситуација, како метод за докажување на дискриминација. Апелираме Арт Кафе Апореа Прилеп во иднина да им овозможи непречен и еднаков пристап и квалитет на услуга на лицата од ромска етничка припадност. Дополнително, ги повикуваме сите граѓани кои се чувствуваат дискриминирани по која било основа, истото да го пријават во Хелсиншкиот комитет.

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Обврска на органите на државата е да овозможат соодветна заштита на децата жртви на семејно насилство

Во текот на месец март до Хелсиншкиот комитет за човекови права седум жени пријавија дека се жртви на семејно и родово базирано насилство.

Една жена пријави дека е жртва на семејно насилство од страна на лице со кое живеела во вонбрачна заедница. Таа не извести дека се иселила од заедничкиот дом при што личните ствари неопходни за секојдневниот живот и останале таму, а сторителот одбива да и ги врати. Странката го пријавила случајот во Полициската станица – Кавадарци, каде што разговарала со инспектор за семејно насилство, којшто не сакал да постапува по нејзината пријава и ја „советувал” да си купи нови лични ствари. Согласно член 30 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, полициски службеник ја придружува жртвата во станот или друг простор каде жртвата живее кога е неопходно да ги земе личните работи кои се неопходни за секојдневниот живот. Поради незаконитото, непрофесионалното и неетичко постапување на полицискиот службеник од Полициска станица – Кавадарци, Хелсиншкиот комитет поднесе претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи.

Хелсиншкиот комитет придружуваше една жртва на семејно насилство пред Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје, со цел пријавување на случајот и покренување на судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Имено, станува збор за континуирано физичко и психичко семејно насилство, врз жртвата и нејзините две малолетни деца, од страна на нивниот татко.

Пред Основен Суд Струмица во тек е судска постапка за изрекување привремени мерки за заштита од семејно насилство. Предлагач е ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Струмица, по пријава и дадена согласност од страна на жртвата на семејно насилство. Иако жртвата го известила Центарот за социјална работа дека таа и нејзините три малолетни деца се жртви на континуирано психичко и физичко насилство од страна на нивниот татко, Центарот за социјална работа поднел предлог до судот само за изрекување на привремени мерки за заштита на жената, но не и за децата. По поднесена претставка од страна на Хелсиншкиот комитет, ЈУ Завод за социјални дејности утврдил неколку неправилности во работата на стручниот тим при Центарот за социјална работа Струмица, при што донел неколку мерки за отстранување на неправилностите, меѓу кои и мерка да се предложат привремени мерки за заштита од семејно насилство на децата, пред надлежен суд, спрема сторителот на семејно насилство.

По поднесен предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство од страна на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Куманово, по пријава на жртва, Основниот Суд Куманово донел решение со кое предлогот се усвојува. Имено, жртвата во месец јануари била физички нападната од страна на нејзиниот брачен партнер во присуство на нивните малолетни деца. Од причини што Центарот за социјална работа не презел никакви мерки за заштита на децата, кои се жртви поради нивно присуство на насилни односи помеѓу членови на семејството, Хелсиншкиот комитет поднесе претставка до Министерството за труд и социјална политика. По спроведен инспекциски надзор, Секторот за инспекциски надзор над примената на законските и други прописи од областа на социјалната заштита и заштитата на децата, утврдил неправилности и недостатоци во работата на стручниот тим при ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Куманово, поради што определил да бидат преземени мерки со цел заштита на децата.

Препорака:Согласно член 10 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, дете е жртва кога трпи директно насилство, кога е присутно на насилни односи помеѓу членовите на неговото семејство или кога живее во средина во која има насилни односи. Во сите дејствија кои се однесуваат на деца, надлежните институции секогаш треба да ги земаат предвид најдобрите интереси на детето во конкретен предмет, а Центарот за социјална работа задолжително поднесува предлог за заштита од семејно насилство во име на малолетното дете без согласност на родител или законски застапник.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

Насилства врз деца и малолетници

Во месец март повторно најголем дел од регистрираните инциденти се сторени поради етничка припадност и најмногу се во Скопје и околината. Исто така, како и изминатите месеци, се повторува трендот да во ваквите инциденти дел од жртви односно сторителите се деца (лица под 18 години) или лица на возраст до 25 годишна возраст.

Повторно на одредени локации се регистрирани ист или сличен вид на инциденти што укажува дека одредени локации, особено локации каде има поголема фреквенција на млади лица од различна етничка припадност доаѓа до вакви инциденти.

Трендот на насилства помеѓу деца и младинци од минатата година, продолжува и годинава, поради што потребно е властите со многу посистематски и посериозен пристап да ги превенираат ваквите насилства, а веќе сторените да ги истражат темелно и целосно, да ги откријат сторителите и истите соодветно да бидат санкционирани.

ГОВОР НА ОМРАЗА

43 случаи на говор на омраза во март

Во март 2019 година, на интернет порталот www.govornaomraza.mkверификувани се вкупно 43 пријави поврзани со говор на омраза на социјалните медиуми. Ако во месец јануари и февруари 2019 година кога јавниот дискурс беше доминиран со уставните промени и усвојувањето на Преспанскиот договор, прогласувањето на Законот за употреба на јазиците, во март исто така се бележи тренд на зголемен број на пријави за говор на омраза.

Резимирано за месецот, најголем број пријави се однесуваат на говор на омраза поради етничка припадност, односно 27% од вкупниот број на пријави што е за двапати помалку од месец февруари. Она што се бележи за март е драстично зголемување на говор на омраза поради пол и род (27%). Исто така се регистрира зголемен број на пријави врз основ на политичка припадност (20%) и поради сексуална ориентацијаи родов идентитет (18%).

Врз основ на трендот на пријави на говор на омраза, најголем број на пријави се забележани во периодот после донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Се бележи пораст на говор на омраза на социјалните медиуми поради пол и род во контекст на донесувањето на новиот закон и негативниот дискурс кој доминираше на социјалните медиуми. И покрај високиот број на пријави изостанува системски приод од страна на надлежните институции за санкционирање и казнување на овој феномен. Се препорачува надлежните институции поревносно да го следат говорот на омраза на социјалните медиуми, особено во контекст на зајакнување на соработката помеѓу граѓанските организации и надлежните институции за редовно следење и регистрирање на сите пријави.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Условите на работното место директно влијаат врз здравјето и безбедноста на работниците 

Во текот на месец март до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратија 14 работници со барање за бесплатна правна помош и совет во однос на:

  • -Постапката за заштита од вознемирување на работно место;
  • -Неисплатена плата и додатоци на плата;
  • -Непријавена и неплатена прекувремена работа;
  • -Одредбите кои го регулираат правото на годишен одмор;
  • -Продолжување на работниот однос по исполнување на условите за старосна пензија согласно Законот за работните односи.
  • Една работничка се обрати со барање за бесплатна правна помош поради тоа што по прекинување на работниот однос, работодавачот не ја одјавил од задолжителното социјално осигурување. Согласно член 13 став 11 од Законот за работните односи, доколку работодавачот по престанокот на работниот однос, во рок од осум дена од денот на престанокот на работниот однос, не го одјави работникот од задолжително социјално осигурување, одјава на работникот може да се изврши по барање на работникот врз основа на претходно доставен записник од инспекторот на трудот до Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Работничката писмено побарала записник од страна на Државниот инспекторат за труд - Скопје, но инспекторката која била надлежна за водење на нејзиниот предмет, не одговорила на нејзините писмени барања, а во телефонски разговор и лично ја известила работничката дека не постои можност да се издаде таков записник. Од тие причини, Хелсиншкиот комитет ја контактираше инспекторката, по што на работничката ѝ беше доставен записник кој ѝ послужи за одјавување во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. За постапувањата на инспекторката од Државниот инспекторат за труд – Скопје, Комитетот поднесе претставка до Инспекцискиот совет.
  • Хелсиншкиот комитет за човекови права беше известен од страна на една работничка дека нејзиниот работодавач не ги почитувал обврските предвидени со Законот за безбедност и здравје при работа, па така не ги презел сите мерки неопходни за заштита на здравјето и безбедноста на работничката. Имено, природата на самите работни задачи кои ги вршела работничката негативно влијаеле врз нејзиното здравје и придонеле до трајно нарушување на нејзината здравствена состојба. Наместо работодавачот да ја прераспредели работничката на друго работно место, тој продолжил да издава наредби на работничката да врши работни задачи штетни по нејзиното здравје, иако таа имала и неколку препораки од страна на доктор дека е потребна промена на работното место. Работничката била прераспределена на друго работно место дури по истекот на една година откако за прв пат поднела писмено барање за прераспределување. Во меѓувреме, од страна на работодавачот е покрената и дисциплинска постапка против работничката поради непочитување на усните предупредувања и неизвршување на работните задачи, поради што ѝ е изречена дисциплинска мерка – парична казна. Работничката покрена судски работен спор пред надлежен суд поради изречената дисицплинска мерка, а за постапувањето на работодавачот, Хелсиншкиот комитет поднесе барање за спроведување на вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд со предлог за покренување на кривична постапка против работодавачот.
  • Препорака: Работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во рамките на неговите обврски, работодавачот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства. Апелираме до работодавачите да ги преземаат сите мерки за заштита на своите работници, а во случаите кога несоодветните услови директно го загрозуваат и го нарушуваат здравјето на работниците, поради непреземање на доволно безбедносни мерки, го повикуваме Државниот инспекторат за труд согласно своите надлежности да преземе соодветни инспекциски мерки и да иницира кривични постапки против работодавачите.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Преку 400 текстилни работнички без нивно знаење мигрираат во 6 текстилни конфекции кои вршат дејност во ист погон

Хелсиншкиот комитет документираше случај на прекршување на работнички права на околу 450 текстилни работнички, вработени во 6 конфекции кои вршат дејност во ист погон и се во сопственост на ист сопственик. Имено, повеќе текстилни работнички пријавија дека работодавачот без нивно знаење ги одјавувал од фирмата во која биле вработени и ги пријавувал во друга фирма, која исто така е во негова сопственост. Во новата фирма работничките останувале вработени во период од еден до три месеци, а потоа повторно без нивно знаење биле одјавувани и пријавувани во други фирми кои се во сопственост на истиот сопственик и вршат дејност во истиот погон. Работничките пријавија дека ниту една од фирмите во која биле вработени не им давала месечни пресметки на плата. Ваквото одјавување и пријавување на текстилните работнички без нивно знаење и согласност претставува прекршување на нивните работнички права самото по себе, но истото значи и свесно избегнување на обврската за исплаќање на регрес за годишен одмор, бидејќи работничките нема да може да го остварат условот за исплата на регрес на годишен одмор, кој предвидува континуирана работа од 6 месеци кај ист работодавач. Дополнително ваквата пракса може да предизвика и компликации и неконтинуираност во исплатата на придонесите за задолжително здравствено и социјално осигурување. Хелсиншкиот комитет за овој случај ќе поведе постапка пред Државниот инспекторат за труд.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-en Normal___________ang Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-en Normal_banner-program-en