Corner Reports

Месечен извештај за состојбата со човековите права - февруари 2019 19 March 2019

Месечниот извештај за состојбата со човековите права за февруари 2019 година опфаќа теми од областите: судство, дискриминација, семејно и родово базирано насилство, дела од омраза, говор на омраза, работнички права, текстилни работнички и затворени институции.

Месечниот извештај може да го преземете на следниот линк

Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија

ФЕВРУАРИ 2019

СОДРЖИНА

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

  • -Следење на тековни случаи

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • -Скопскиот ресторан упати јавно извинување поради дискриминација

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • -Со подобрена регулатива, кон подобра заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

  • -Насилства врз деца и малолетници

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • -49 случаи на говор на омраза во февруари

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • -Заштита од вознемирување на работното место

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

  • -Текстилна конфекција од Скопје врши повеќекратно прекршување на работничките права

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

  • -Насилство помеѓу осудени лица во затворите

...

март 2019

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

Следење на тековни случаи

Хелсиншкиот Комитет и овој месец продолжи со набљудување на судските постапки кои се од значење за заштитата на човековите права во Македонија.

Во случајот Монструм продолжи изведувањето на докази добиени преку ПИМ мерки поради што дозволено е присуство само на стручна јавност.

Случајот „Саздовски“ два пати се одложи поради тоа што дополненијата на вештачењата за индикатори произлезени од увидот на лице место и реконструкцијата на настан сеуште не беа готови.

Овој месец продолжи доказната постапка во кривичниот предмет против Миленко Неделковски поради основано сомневање за сторено кривично дело по член 394-г од КЗ на РМ (Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем). Обвинетиот Миленко Неделковски се товари за ова дело затоа што летото 2018 година кога избувна смртоносниот пожар во предградие на Атина објави статус со кој ширеше говор на омраза против настраданите од Р. Грција.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Скопскиот ресторан упати јавно извинување поради дискриминација

Врз основа на препораката од Комисијата за заштита од дискриминација, ресторанот Портофино Остериа и Бар од Скопје упати јавно извинување кон жената на која и беше ограничен пристап до овој ресторан поради тоа што носела хиџаб.

Во јануари годинава, Kомисијата за заштита од дискриминација, постапувајќи по претставка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување во овој случај. КЗД побара од ресторанот да ја отстрани повредата на правото на странката и понатаму да не врши дејствија на дискриминација.

Во известувањето кое ресторанот го достави до Комисијата е наведено дека сопствениците и вработениот персонал посебно ќе внимаваат и ќе негуваат недискриминаторски однос кон гостите по кој било основ и уверуваат дека во иднина нема да се стори повреда согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права го поздравува чинот на извинување на субјектот кој извршил дискриминација, односно почитувањето на препораките на КЗД. Во оваа прилика апелираме до сите физички и правни лица, кои даваат јавни услуги и добра, да не го ограничуваат пристапот на граѓаните по ниту еден основ.

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Со подобрена регулатива, кон подобра заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство

Министерството за труд и социјална политика во април 2018 година изработи национален Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство . Акцискиот план како своја прва цел го предвидува усогласувањето на националните закони со одредбите на Конвенцијата. Оттаму, се формираше и работна група која учествува во подготовката на Предлог-законот за спречување и заштита од родово базирано насилство. Хелсиншкиот комитет учествува со свои претставници во оваа работна група, која досега се состана два пати, еднаш во месец декември, а последен пат во февруари 2019 година.

Имено, со Законот ќе бидат дефинирани поимите род, пол, родово базирано насилство, жена, жртва, родов идентитет; ќе ја забранува дискриминацијата врз сите основи предвидени со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација; ќе се гарантира правото на жените да живеат слободни од насилство, како во јавната, така и во приватната сфера; Законот ќе утврдува обврска за задолжителна обука на професионалци кои обезбедуваат услуги на жртви на родово базирано насилство во областа на здравството, образованието, полицијата, правосудниот систем, социјалната заштита и други области; семејното насилство ќе биде регулирано согласно одредбите на Конвенцијата; ќе се утврдат мерки насочени кон елиминирање на родово базираното насилство на ранливите категории на жени (бремени жени, жени со мали деца, жени со попреченост, рурални жени, жени кои употребуваат дроги, сексуални работнички, мигрантки, лезбијки, бисексуалки и трансродови луѓе, жени кои живеат со ХИВ, бездомнички и др.); ќе се вклучи принципот на должно внимание на интересите и потребите на жртвите на насилство при дизајнирањето и спроведувањето на сите мерки предвидени со Законот; ќе се регулира формирањето на национално постојано тело за родово базирано насилство, составено од релевантни институции и организации; ќе се регулира воспоставувањето сеопфатни програми за јакнење на жртви на родово базирано насилство; ќе се утврди обврска за спроведување истражувања за сите форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и семејното насилство и ќе се утврди која институција ќе биде надлежна за собирање на податоците во врска со родово базираното насилство и на кој начин тие податоци ќе се собираат.

На двете средби на работната група каде што присуствуваше претставник на Хелсиншкиот комитет, меѓу другото, се дебатираше и околу тоа дали семејното насилство ќе биде регулирано во посебна глава или хоризонтално ќе се регулира во целиот текст на новиот закон, бидејќи семејното насилство е најчест и најприсутен облик на родово базирано насилство. Мислењето на нашиот претставник и дел од претставниците на граѓанските организации кои директно работат со жртвите во обезбедување na сервиси и поддршка, е новиот Предлог- Закон да содржи посебна глава за семејно насилство.

Препорака: Иницијативата за донесување на Закон за спречување и заштита од родово базирано насилство кој ќе ги следи стандардите кои ги дефинира Истанбулската конвенција, како и сеопфатниот процес на вклученост и консултации со граѓанскиот сектор во неговата изработка е за поздравување.

Нашите претставници во работната група сметаат дека треба да постои посебна глава за заштита од семејно насилство во рамки на новиот Предлог – закон, во која ќе се дефинира семејното насилство и ќе се дефинираат мерките на превенција и заштита кои се однесуваат посебно на семејното насилство.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

Насилства врз деца и малолетници

Во месец Февруари регистрирани се 8 инциденти од омраза, сите сторени поради етничка припадност и сите во Скопје и околината. Во половината од регистрираните инциденти жртви биле деца (лица под 18 години), а во другата половина жртви се лица на возраст до 25 годишна возраст.

Од 8 инциденти, 3 се случиле на бул. Кузман Јосифовски Питу, во кои инциденти 2 се деца ( лица под 18 години, а едната жртва е на возраст од 19 години.

Препорака: Трендот на насилства помеѓу деца и младинци од минатата година, продолжува и годинава, поради што потребно е властите со многу посистематски и посериозен пристап да ги превенираат ваквите насилства, а веќе сторените да ги истражат темелно и целосно, да ги откријат сторителите и истите соодветно да бидат санкционирани.

ГОВОР НА ОМРАЗА

49 случаи на говор на омраза во февруари

Во февруари 2019 година, на интернет порталот www.govornaomraza.mkверификувани се вкупно 49 пријави поврзани со говор на омраза на социјалните медиуми. Ако во месец јануари 2019 година кога јавниот дискурс беше доминиран со уставните промени и усвојувањето на Преспанскиот договор и прогласувањето на Законот за употреба на јазиците, во февруари се бележи пораст на пријавите (од 42 на 49 верификувани пријави).

Резимирано за месецот, најголем број пријави се однесуваат на говор на омраза поради етничка припадност, односно 54% од вкупниот број, 16% говор на омраза поради пол и род, 15% поради политичка припадност и 11% поради сексуална ориентација и родов идентитет.

Врз основ на трендот на пријави на говор на омраза, најголем број на пријави се забележани во периодот од 12 до 17 февруари. Драстично зголемениот број на говор на омраза на социјалните медиуми поради етничка припадност соодејствува со автобуската незгода која се случи на автопатот Скопје-Гостивар и одлуката за распределбата на парите од годишната програма на Министерството за култура за 2019-та година. Исто така, во февруари се бележи пораст на говор на омраза на социјалните медиуми поради пол и род. Овој тренд соодејствува со објавувањето на кандидатката за претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ  д-р Гордана Силјановска-Давкова.

Споредбено со последниот квартал од 2018 година, може да се констатира дека јавната свест за препознавање на говор на омраза бележи позитивен тренд и граѓаните сè повеќе се охрабрени да го пријавуваат овој феномен. Иако се забележува зголемена реакција од страна на надлежните органи во постапувањето по пријавите за говор на омраза, сепак се цени дека постои потреба од проактивност и навремено санкционирање на оваа појава и информирање на јавноста.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Заштита од вознемирување на работното место

Во текот на месец февруари, Хелсиншкиот комитет даде правна помош во 33 случаи на прекршување на работничките права и пристапот до вработување. Случаите опфатија приближно 1737 работници.

Најчестите повреди на работничките права констатирани од поднесените претставки се во врска со:

  • неисплатен регрес за годишен одмор;
  • непријавени работници;
  • неисплатени плати и придонеси;
  • нетрансформирање на работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, во работен однос на неопределено време во случаи кога работникот работел подолго од пет години на исти работи кај работодавачот.
  • Овој месец, Комитетот бележи 10 пријави на неисплатен регрес за годишен одмор или исплатен регрес во износ помал од законски утврдениот, спротивно на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

    Дел од работниците ги пријавија прекршувањата на нивните работнички права во Државниот инспекторат за труд, а во 8 случаи правниот тим на Комитетот се обрати до Инспекторатот со барање за спроведување вонреден инспекциски надзор. Од Инспекторатот во текот на месец февруари немаше одговор по поднесените пријави.

    Институционалната заштита на правата од работен однос, работниците ја остваруваат преку Државниот инспекторат за труд (ДИТ). Трудовата инспекција има важна улога во заштитата на работничките права и во процесот на гарантирање доследно почитување и примена на прописите од областа на трудот. Кога на работникот ќе му биде повредено право или ќе му биде оневозможено да го оствари своето право од или во врска со работниот однос, може да поднесе барање до ДИТ. Инспекторатот треба да одговори на барањето во рок од 30 дена од денот на неговото поднесување. Ваквиот рок е несоодветен поради тоа што се работи за заштита на права од работен однос кои се директно поврзани со егзистенцијалниот статус на работниците и таквата заштита бара посебен приоритет и итност. Долгиот рок дополнително ја комплицира ситуацијата на работникот со оглед на тоа што истовремено течат и роковите од 8 дена за поднесување на приговор или барање до работодавачот во врска со сторената повреда, а потоа и рокот од 15 дена за поведување на судски спор.

    Едно истражување на Хелсиншкиот комитет, покажа дека задоволството од овој вид на институционална заштита помеѓу работниците е исклучително ниска. Од спроведената анкета врз вкупно 839 испитаници, целосно незадоволство од работата на ДИТ искажале 64,2% од испитаниците, додека 12,6% од испитаниците изразиле делумно незадоволство. Заклучокот е дека трудовите инспекторати не уживаат доверба помеѓу граѓаните.

    Препорака: Искуството со Државниот инспекторат за труд укажува на тоа дека судската заштита е попримамлива опција како форма на заштита поради долгите рокови за инспекциска заштита. Ваквите рокови треба да бидат скратени во согласност со начелото на итност и приоритетност, по примерот на роковите во судските постапки од работни односи.

    ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

    Текстилна конфекција од Скопје врши повеќекратно прекршување на работничките права

    Во текот на месец февруари, Хелсиншкиот комитет беше известен дека на вработените од текстилна конфекција во Скопје не им се исплаќа додаток за прекувремена работа што ја вршат редовно, не им се исплаќа додаток на плата за работа на државен празник и не им се исплаќа минимална плата согласно Законот за минимална плата. За конкретниот случај Хелсиншкиот комитет иницираше постапка пред Државниот трудов инспекторат, барајќи од инспекторатот да спроведе вонреден инспекциски надзор во кој ќе утврди дали текстилната конфекција во својство на работодавач води посебна електронска евиденција за прекувремената работа на своите вработени, дали прекувремената работа ја наведува во месечните пресметки за плата, дали на вработените им исплаќа на вработените додаток на плата за прекувремена работа, дали на вработените им исплаќа минимална плата согласно Закон за минимална плата и дали согласно закон ги врши и пресметува месечните пресметки за плата.

    Хелсиншкиот комитет за овој случај веќе еднаш иницираше постапка пред Државниот инспекторат за труд. Од инспекторатот беше добиен одговор дека кај предметниот работодавач бил извршен надзор во ден од работна недела (вторник) и дека не биле утврдени прекршувања на работничките права. Од тие причини Хелсиншкиот комитет овој пат сугерираше вонредниот инспекциски надзор да биде извршен во некоја од работните саботи во периодот кога работничките и работниците ја извршуваат прекувремената работа кај посочениот работодавач.

    Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира до Државниот инспекторат за труд темелно да постапува по поднесените барања за вонреден инспекциски надзор, како би се овозможила правилно и навремено би се детектирале евентуални прекршувања на работничките права и би се овозможила ефикасна заштита на истите. Ги повикуваме и охрабруваме сите текстилни работнички и работници и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права.

    ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

    Насилство помеѓу осудени лица во затворите

    Хелсиншкиот комитет за човекови права следејќи ги дневните настани објавени од страна на медиумите, на 21.02.2019 година регистрираше инцидент во КПУ Затвор Скопје. За настанот во медиумите беше објавено дека „Миле Јанакиески и Спире Ристовски, обвинети за повеќе предмети на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ..., денеска биле физички нападнати во затворот. Според извори од затворот Шутка и од Основниот суд Скопје 1, Јанакиески и Ристовски биле нападнати од притвореник од случајот Диво Насеље, кој во исто време се нашол во дворот на установата. Нападот се случил надвор, за време на редовната прошетка од 1 час што ја имаат притворените лица. Од затворот соопштија дека инцидентите настанале по вербални провокации од притворените М. Ј. и С. Р. кон две лица обвинети во случајот “Диво Насеље”.

    Со цел правилно утврдување на фактичката состојба, Хелсиншкиот комитет достави барање за информации до Управата за извршување на санкциите. Во одговорот добиен од Управата беше образложено дека на 21.02.2019 година, по добиена усна информација од директорот на КПУ Затвор Скопје за инциденти во одделението за притвор, службени лица од Управата извршиле стручно-инструкторски надзор. Од спроведениот стручно-инструкторски надзор било констатирано дека се направени неколку пропусти во однос на постапувањето со овие притворени лица. Имено, според известувањето на Управата за извршување на санкциите, направен е безбедносен пропуст по однос на сместувањето на притворените лица. Имено, не била направена соодветна безбедносна проценка со која би се согледал степенот на ризик што овие притворени лица можат да го имаат при контактите кои ќе мораат да ги остварат со притворените лица од други притворски простории при движење на чист воздух. Заради надминување на состојбата, како и со цел спречување на други инциденти, директорот на Управата за извршување на санкциите издал наредби кои треба да бидат извршени од страна на директорот на КПУ Затвор Скопје.

    Препорака: Комитетот за спречување на тортура (КСТ) во повеќе наврати во своите извештаи ја истакна обврската за грижа која затворскиот менаџмент им ја должи на затворениците кои им се доверени, вклучувајќи ја и одговорноста да ги заштитат од други затвореници кои имаат намера да ги повредат. Во последниот извештај на КСТ е потенцирано дека „ефикасното справување со проблемите кои произлегуваат од насилството помеѓу затворениците бара имплементација на индивидуализирана проценка на ризикот и на потребите на осуденото лице, достапност на доволен број вработени и обезбедување вработените да добиваат почетна и напредна обука во текот на нивните кариери.“ Хелсиншкиот комитет го поздравува навременото постапување на Управата за извршување на санкциите по овој предмет и апелира ваквата ажурност да биде правило во постапување по сите случаи на насилство помеѓу затворениците, а не само во случаи кога станува збор за поранешни функционери или други јавни личности. 

    Twitter Facebook
    Normal_banner-free-en Normal___________ang Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-en Normal_banner-program-en