Corner Извештаи

Месечен извештај за состојбата со човековите права - декември 2018 15 Јануари 2019

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за декември 2018 година опфаќа теми од областите: судство, дискриминација, семејно и родово базирано насилство, дела од омраза и работнички права.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк 

Месечен извештај за човековите права во Република Македонија

ДЕКЕМВРИ 2018


СОДРЖИНА

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

  • -Прекршување на одредбите од ЗКП во случајот „Саздо”

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • -Дискриминација кон лицата со физичка попреченост

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • -Навремена реакција на инспекторка за семејно насилство

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

  • -Етничката припадност како мотив за дела од омраза

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • -Прекувремената работа мора да биде пријавена и соодветно платена


ДЕКЕМВРИ 2018

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

ПРЕКРШУВАЊЕ НА ОДРЕДБИТЕ ОД ЗКП ВО СЛУЧАЈОТ „САЗДО

Хелсинишкиот Комитет со должно внимание ја следи судската постапка за случајот „Саздо“ и со загриженост нотира дека судот во континуитет грубо ги прекршува одредбите на Законот за кривична постапка во овој случај. Имено, од почетотокот на главната расправа за оваа постапка, мониторите на Комитетот забележаа дека судечкиот совет, особено Претседателот на судечкиот совет, ја води постапката согласно Законот за кривична постапка кој важеше до 2013 година, а не согласно новиот Закон за кривична постапка кој почна да се применува од декември 2013 година, и согласно кој треба и мора да се води оваа постапка. Ваквото грубо кршење на процесниот закон може да ја загрози целата постапка и од една страна да доведе до неказнување на сторителите заради процесни повреди, а од друга страна да ги загрози правата на обвинетите во постапката.

ПрепоракаХелсиншкиот комитет укажува дека судот мора во секоја постапка па и во оваа, да постапува обејктивно и непристрасно и строго да се држи до одредбите во постапката, како на обвинетите би им се загарантирало фер судење, а на оштетените и жртвата би им се гарантирало заштита на нивните права, со што би се задоволила правдата и не би се довела во прашање евентуалната осудителна пресуда!

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ДИСКРИМИНАЦИЈА КОН ЛИЦАТА СО ФИЗИЧКА ПОПРЕЧЕНОСТ

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка од Гевгелија која не извести дека Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија поставило два нови контејнери на ул. Димитар Влахов, спроти Основниот суд Гевгелија. Имено, двата контејнери биле поставени на паркинг места предвидени за возила на лицата со попреченост, со што им се ограничува слободата на движење на овие лица, загарантирана со членот 18 од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, а со тоа истите се дискриминирани врз основа на попреченост.

Имајќи ги предвид Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и Правилникот на Министерството за транспорт и врски, за начинот на обезбедување непречен пристап, движење, престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбите, Хелсиншкиот комитет побара од општина Гевгелија и од ЈП за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија да ги отстрани контејнерите од споменатите паркинг места, со цел да им се овозможи непречено и независно (самостојно) движење во јавниот сообраќај.

На 12.12.2018 година општина Гевгелија нѝ одговори дека се согласува со нашата реакција и од нивна страна, заедно со ЈПКД„Комуналец“ Гевгелија се преземени соодветни мерки за нивно преместување надвор од паркингот.

Препорака: Хелсиншкиот комитет ја поздравува брзата реакција и интервенција на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија и апелира во иднина да се почитува непреченото и независно движење во јавниот сообраќај на лицата со попреченост.

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

НАВРЕМЕНА РЕАКЦИЈА НА ИНСПЕКТОРКА ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Во месец декември во Хелсиншкиот комитет за човекови права две жени пријавија дека се жртви на семејно и родово базирано насилство. Жените се жртви на семејно насилство од страна на нивните брачни партнери, кое насилство резултирало во едниот случај со телесна повреда, а во другиот случај со тешка телесна повреда. Правниот тим на Хелсиншкиот комитет им даде правен совет на жртвите каде да го пријават семејното насилство, им ја образложи постапката и ги информираше на можноста Хелсиншкиот комитет да ги придружува пред надлежните институции за пријавување на делото со цел заштитата на нивниот интегритет во постапката, помагање да се најде решение за нивниот случај како и обезбедување поддршка.

Хелсиншкиот комитет за човекови права доби и анонимна пријава за сторено семејно насилство врз жртва од страна на нејзините родители. Имено, родителите ја принудиле жртвата на присилен брак, а откако жртвата се обидела да го напушти домот, родителите ѝ забраниле да излегува од домот и ѝ ги одзеле личните ствари. Со ваквите дејствија и континуираното психичко вознемирување од страна на родителите, жртвата е лишена од нејзините основни човекови права. Овој настан Хелсиншкиот комитет го пријави во Секторот за внатрешни работи – Тетово. Инспекторка од одделот за семејно насилство веднаш постапи по поднесената пријава, изврши увид во домот на пријавените и спроведе разговор со жртвата и нејзините родители. Секторот за внатрешни работи – Тетово поднесе кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство, кое се уште нема донесено јавнообвинителска одлука. Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи овој случај.

Во текот на месец декември 2018 година, правниот тим и членовите од младинската група на Хелсиншкиот комитет за човекови права продолжија со мониторинг на судски рочишта за кривични дела: Телесна повреда од член 130 и Тешка телесна повреда од член 131 од Кривичниот законик на Република Македонија сторени при вршење на семејно насилство. При вршење на мониторингот беше забележано дека голем број од судските рочишта се одложуваат. Најчести причини за одложување беа отсуство на јавниот обвинител и неуредна судска достава. Честото отсуство на јавниот обвинител на судските рочишта овозможува жртвите на семејно и родово базирано насилство да не се чувствуваат доволно заштитено и сигурно од страна на државата.

Исто така, постојаното одложување на судските рочишта, придонесува да жртвите на семејно и родово базирано насилство имаат бавен пристап до правда. Дополнително, на две судски рочишта за кривично дело Телесна повреда, беше забележано дека од страна на Судот се врши влијание врз волјата на жртвите на семејно насилство за водење на кривичните постапки. На едно од судските рочишта судијата ѝ предложи на жртвата да се помири со сторителот на семејно насилство, со цел да се прекине постапката и да не се прават дополнителни трошоци, а во другиот случајот како жртвата ретроспективно го објаснуваше критичниот настан, судијата исто така ѝ предложила доколку сака да се откаже од водење на постапката за да не се прават судски трошоци.

Во моментот се подготвува новиот Закон за родово базирано насилство, кој ќе го опфати и семејното насилство. Во декември се одржа првата сесија на работната група, каде и Хелсиншкиот комитет за човекови права има свој претставник. Оваа иницијатива е за поздравување, бидејќи законот се подготвува на инклузивен начин и се надеваме дека забелешките и придонесот од невладиниот сектор ќе бидат вметнати и земени предвид при изготвувањето на новиот закон.

Препораки: Надлежните институции се задолжени секогаш да постапуваат со должно внимание кога се врши некоја форма на насилство врз жени и девојчиња. Поради тоа, Хелсиншкиот комитет го поздравува постапувањето на Секторот за внатрешни работи – Тетово во делот на препознавање на семејно насилство и преземање на дејствија со цел заштита на жртвата и покренување на постапка против сторителите.

Во врска со судските постапки, потребно е судиите да бидат многу повеќе сензибилизирани во нивниот однос спрема жртвите на семејно и родово базирано насилство, како би се избегнала нивна двојна виктимизација и непосредно влијание врз нивната одлука да водат постапка против сторителот на насилство.

Понатаму, сметаме дека е потребно да се извршат промени во Законот за кривичната постапка, кои ќе овозможат да се даде приоритет и итност на судските постапки кои се водат по основ на семејно и родово базирано насилство.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ КАКО МОТИВ ЗА ДЕЛА ОД ОМРАЗА

Во месец Декември регистрирани се 6 инциденти на насилство од омраза и во сите 6 мотив била етничката припадност.

Воедно во сите регистрирани инциденти инволвирани се малолетни лица, односно во сите регистрирани случаи жртви се малолетници на возраст од 16-17 години, а во 5 од шестте регистрирани случаи и сторителите се малолетници на возраст од 15-17 години. Половината од овие инциденти (50%) се случиле помеѓу ученици во средни училишта во Скопје. Ги издвојуваме инцидентите кои се случиле во средното економско училиште „Арсени Јовков” во Скопје. Едниот случај се случил на 25.12.2018 година кога околу 09:50 часот од Градска општа болница „Свети Наум Охридски“, било пријавено дека кај нив било донесено 17- годишно лице од Скопје со убодна рана во пределот на левото рамо. Повредата му била нанесена од 15- годишно лице од Скопје во средното училиште „Арсени Јовков“, каде двајцата се ученици. Вториот случај се случил на 28.12.2018 година кога во истото средно, кај капијата неколку ученици физички нападнале 16- годишен ученик. И за двата случаи полицијата презема мерки за нивно расчистување.

Трендот за кој Комитетот го укажа на промоцијата на минатогодишниот извештај за злосторствата од омраза, дека во значителен дел од регистрираните инциденти инволвирани се малолетни лица, но и дека институциите ( образование, полиција и социјални дејности) не даваат навремен и соодветен одговор, продолжува преку целата 2018 година, заокружувајќи со наодите од последниот извештај за оваа година.

Хелсиншкиот комитет исто така истакнува дека загрижува фактот што државата преку своите институции финансиски поддржува проект кој промовира навивачка група за која во изминативе години регистрирани се повеќе инциденти од омраза по етничка и верска основа.

Препорака: Неопходно е сите институции кои имаат обврска и надлежност да работат со деца и малолетници, пред сè превентивно да делуваат преку соодветна едукација и подигнување на свеста кај наставниците, учениците и родителите за постоењето и справувањето со делата од омраза. Понатаму, органите на прогонот, пред сè Министерството за внатрешни работи и Основното Јавно обвинителство секогаш да ги следат ваквите иниденти, да ги работат со должно внимание, спроведувајќи темелна и целосна истрага, да дадат соодветна квалификација за да сторителите ја добијаат соодветната санкција, а жртвите правдата. Особено е важно делата да бидат регистрирани како дела сторени од омраза и во нивните регистри како би можела да се добие точна и воедначена статистика за ваквите дела. И најважно од сè е дека мора инсититуциите конечно да започнат да го таргетираат говорот на омраза, кој е причина за настанување на овие дела.


РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Прекувремената работа мора да биде пријавена и соодветно платена

Во текот на месец декември до Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обратија 11 работници поради повреда на нивните работнички права. Правниот тим на Комитетот им даде општи правни совети во однос на:

* можноста за поднесување жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во случaј кога е повредено начелото на итност на постапката во споровите за работни односи;

* остварување на правото на отсуство од работа, со надоместок на плата, поради заболување и правилата коишто го утврдуваат износот на надоместокот согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството;

* одредбата од членот 69 од Законот за работните односи за раскинување на договорот за вработување со спогодба и суштествените елементи кои треба да ги содржи спогодбата;

* можноста за поднесување претставка до Државниот инспекторат за труд поради неисплатени плати и придонеси од страна на работодавачот.

Во текот на овој месец, еден работник пријави дека работел кај работодавачот без потпишан договор за вработување, а притоа воопшто не добил примерок од договорот. Дополнително, тој работел прекувремена работа којашто не била пријавена ниту исплатена. Работникот го извести Комитетот дека кај истиот работодавач работат уште неколку работници без склучен договор за вработување. Поради ова, Хелсиншкиот комитет побара Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор во седиштето на работодавачот.

Понатаму, правниот тим на Хелсиншкиот комитет следеше судски процес пред домашните судови за утврдување психичко вознемирување на работно место. Тужителката Ана Груевска е вработена во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, на работна позиција - раководител на секторот за јавни набавки, каде подолг временски период била жртва на психичко вознемирување. Согласно член 5 од Законот за заштита од вознемирување на работно место, психичкото вознемирување е дефинирано на следниот начин:

Психичко вознемирување на работно место, во смисла на овој закон, е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Основниот суд Скопје 2 Скопје го одби како неосновано тужбеното барање на Ана Груевска, додека апелациониот суд ја потврди ваквата одлука на првостепениот орган. Хелсиншкиот комитет реагираше поради тоа што второстепениот орган ја повреди законската обврска за одлучување во рок од 30 дена од приемот на жалбата. Воедно, во текот на целата постапка товарот на докажување беше на страната на тужителката. Ова е спротивно на членот 33 од Законот за заштита од вознемирување на работното место, кој предвидува дека:

„Ако во текот на постапката тужителот го сторил веројатно постоењето на вознемирување на работно место од членот 3 од овој закон, товарот на докажувањето дека немало конкретно однесување кое претставува вознемирување на работно место е на тужениот.“

Препорака: Имајќи предвид дека мобингот е честа појава со сериозни последици, а досега има само една пресуда во Република Македонија со која се утврдува мобинг, Хелсиншкиот комитет посочува дека недостатокот на позитивна судска пракса во оваа област доведува до обесхрабрување на работниците да побараат судска заштита во вакви случаи. Сепак, Комитетот ги поттикнува работниците да се информираат за механизмите кои им стојат на располагање доколку сметаат дека се жртви на вознемирување на работното место.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo