Corner Извештаи

Месечен извештај за состојбата со човековите права во РМ - септември 2018 17 Октомври 2018

Во месечниот извештај за човекови права за септември 2018, Хелсиншкиот комитет нотира случаj на дискриминација врз основа на религија и верско уверување, случај на употреба на прекумерна сила и непрофесионално постапување на полициски службеници, како и продолжување на праксата семејното насилство да се регистрира како прекршок против јавниот ред и мир. Во однос на почитување на работничките права, регистрираме нередовна исплата на плати и молчење и непостапување на Државниот инспекторат за труд.

Хелсиншкиот комитет дава и соодветни препораки за постапување на надлежните институции.

Месечен извештај за човековите права во Република Македонија 

СЕПТЕМВРИ 2018 

СОДРЖИНА 

ДИСКРИМИНАЦИЈА - Дискриминација врз основа на религија и верско уверување во пристап до ресторан 

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО - Семејното насилство продолжува да се регистрира како прекршок против јавниот ред и мир 

ПОЛИЦИСКО ПОСТАПУВАЊЕ - Употреба на прекумерна сила и непрофесионално постапување на полициски службеници 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА - Повторно регистрирана нередовна исплата на плати 

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ - Молчење и непостапување на Државниот инспекторат за труд

СЕ П ТЕ М ВР И 20 18 

ДИСКРИМИНАЦИЈА 

ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА РЕЛИГИЈА И ВЕРСКО УВЕРУВАЊЕ ВО ПРИСТАП ДО РЕСТОРАН 

На 14.09.2018 година во Хелсиншкиот комитет за човекови права странка пријави дискриминација врз основа на религија и верско уверување во пристап до ресторанот Portofino Osteria and Bar. Согласно тврдењата на странката, таа заедно со две пријателки се обидела да влезе во ресторанот Portofino Osteria and Bar. Во моментот кога пристапиле до ресторанот странката носела хиџаб, додека нејзините пријателки не носеле хиџаб. На самиот влез од ресторанот тие биле пречекани од келнер, кој ги прашал дали имаат резервација во ресторанот. На ваквото прашање тие одговориле дека немаат резервација и дека сакаат да се напијат кафе. Келнерот им рекол дека и за пиење кафе им е потребна резервација, бидејќи целиот ресторан е резервиран од страна на поголема група, иако во тој моментот ресторанот бил празен, а согласно тврдењата на странката и лицата кои биле со неа, на масите во ресторанот немало резервација, ниту биле поставени како на истите да треба да седне поголема група на луѓе. Откако не им било дозволено да седнат во ресторанот, лицата го напуштиле истиот. Десетина минути подоцна, една од пријателките на странката се вратила во ресторанот со својот партнер, при што им пристапил друг келнер. На прашањето дали има место во ресторанот и дали им треба резервација, келнерот одговорил дека не е потребна резервација и дека има место. Потоа им посочил во кој дел од ресторанот може да седнат доколку сакаат да порачаат за јадење, а во кој дел може да седнат доколку сакаат да се напијат пијалок. После ваквото објаснување пријателката на странката го прашала келнерот зошто пред десетина минути не и бил дозволен пристап во ресторанот на нејзината пријателка која носела хиџаб и дали ресторанот им забранува пристап на жени и девојки кои носат хиџаб. Откако не добила одговор таа го напуштила ресторанот. Хелсиншкиот комитет за човекови права за овој случај поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. Постапката се уште е во тек. Препорака: Хелсиншкиот комитет ја повикува Комисијата за заштита од дискриминација во рамките на своите законски овластувања да го истражи случајот, да утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување и да донесе мислење и препорака до предметниот ресторан отстранување на повредата на правото и во иднина да престане со дискриминаторската пракса на ограничување на пристапот до јавни добра и услуги на жените од муслиманска верска припадност кои носат традиционална муслиманска облека.

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО 

СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ РЕГИСТРИРА КАКО ПРЕКРШОК ПРОТИВ ЈАВНИОТ РЕД И МИР 

До Хелсиншкиот комитет се јави повозрасна жена со барање за правна помош, бидејќи нејзиниот син не ѝ дозволувал да го оствари своето право на глас на референдумот одржан на 30 септември, 2018 година. Странката образложи дека синот ја заклучил во нивниот дом, физички ја малтретирал и не ѝ дозволил да излезе од домот да гласа. Хелсиншкиот комитет доби информација дека случајот е пријавен во Полициска станица Автокоманда. Оттаму нè известија дека овластени полициски службеници извршиле увид во нивниот дом и по извршен разговор со синот и жената констатирале сторен прекршок по член 7 од Законот за прекршоците против јавен ред и мир. Со оглед на тоа дека во конкретниот случај постои основано сомневање дека се исполнети елементите за кривичните дела Противправно лишување од слобода при вршење семејно насилство од член 140 став 2 од Кривичниот законик и Спречување на избори и гласање од член 158 став 1 од Кривичниот законик, Хелсиншкиот комитет ќе го следи овој случај. Како што беше напоменато и во минати извештаи на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кај надлежните институции сè уште забележуваме погрешно квалификување на делото, односно наместо делото да се квалификува како семејно и родово базирано насилство, институциите ваквите појави честопати ги третираат како прекршок против јавниот ред и мир. Во ваквите случаи, не само што жртвата се изедначува со сторителот, во исто време и се загрозува нејзината безбедност. Ги повикуваме институциите да ги заштитат правата на жената, а посебно да се осврнат не само на домашното законодавството, туку и на меѓународните инструменти на кои Македонија е потписничка и ги има ратификувано и оттука произлегуваат и нејзините обврски и се наметнуваат нови стандарди (на пр. Истанбулска конвенција). Препорака: Хелсиншкиот комитет ја потенцира клучната улога на полицијата како прв орган со кој се соочуваат жртвите на семејно и родово базирано насилство, важноста на правилното квалификување на делата семејно и родово базирано насилство, како и на потребата од родово сензитивен однос на полициските службеници кон жртвите. Оттука, неопходно е и што поскоро менување на Кривичниот законик и негово усогласување со Истанбулската конвенција во однос на инкриминирање на семејното насилство како посебно кривично дело. 

ПОЛИЦИСКО ПОСТАПУВАЊЕ УПОТРЕБА НА ПРЕКУМЕРНА СИЛА И НЕПРОФЕСИОНАЛНО ПОСТАПУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ 

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратија две лица со претставка за работењето на полициските службеници и за пречекорување на нивното овластување. На 17.09.2018 година во 01:30 часот, пред зградата на Владата на РМ, странките ги собиралaле отпушоците од цигари расфрлани по улиците. Тие биле спречени од униформирани полициски службеници кои го обезбедуваат просторот пред Владата на РМ кои дрско и понижувачки им забраниле да собираат отпушоци. По увид во личните документи на лицата повикале полициски службеници од ПС Центар кои ги спровеле до полициската станица со полициско комбе. Откако странките се легитимирале, побарале од полициските службеници пред Владата и тие да се легитимираат, но тие не го сториле тоа со што го прекршиле членот 33 (ст.1) од Законот за полиција. Откако лицата пристигнале во полициската станица, полициските службеници не ги поучиле странките на правото да се бранат со молчење, да имаат бранител во полициската постапка, правото на лекарска помош ако тоа лицето го бара, како и за правото да се извести член на нивното семејство или блиско лице. Едната странка инсистирала да го повика најзиниот бранител, но полициските службеници тоа не го дозволувале. Со овие дејствија полициските службеници го прекршиле членот 34 од Законот за полиција. При спроведувањето на странката во полициското комбе како и при спроведувањето во полициската станица од една во друга просторија, полициските службеници ѝ нанеле видливи модринки по телото, во пределот на рацете. Полициските службеници искористувајќи ја службената положба, противправно ја спровеле странката до Психијатриска Болница-Бардовци, каде што била задржана до 3:30 часот по полноќ. Откако била повторно однесена во полициска станица ѝ било дозволено да го исконтактира својот адвокат, по што во 4:30 часот била пуштена на слобода. Имено, полициските службеници ги навредувале и ги заплашувале задржаните лица во полициската станица и им го понижиле човековото достоинство и човековата личност со што сториле кривично дело „Малтретирање во вршење служба” од член 143 од Кривичниот Законик. Правниот тим на Хелсиншкиот комитет поднесе претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, поради основано сомнение за непрофесионалното, незаконито и неетичко постапување и основано сомневање за извршено кривично дело Малтретирање во вршење служба од страна на полициските службеници вработени во ПС Центар. Бидејќи има индиции за сторено кривично дело, со кои се повредуваат правата и слободите на граѓаните, Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи овој случај. Препоракa: Хелсиншкиот комитет апелира Министерството за внатрешни работи да спроведе соодветни и стручни обуки за професионално, законито и етичко однесување на полициските службеници при вршење на службата, особено во почитување на човековите права и слободи и нивна заштита. Исто така, ја потенцираме важноста на транспарентното постапување на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, во случаи на незаконито постапување на полициските службеници. Апелираме Секторот во своите известувања до подносителите на претсавките детално да наведе кои мерки ги презеле за санкционирање на полициските службеници, доколку утврдиле неправилно постапување од нивна страна. 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА, ПОВТОРНО РЕГИСТРИРАНА НЕРЕДОВНА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ 

Во текот на месец септември до Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обратија неколку работници со барање за бесплатна помош. Во овој месец правниот тим на Комитетот даде општи правни совети во врска со: * правилата кои ја регулираат работата со скратено работно време; * додатоци на платата, поконкретно, надоместокот за прекувремена работа; * начинот и постапката на пријавување прекувремена работа; и * правилата кои се однесуваат на минималната плата. Во септември 2018 година, до Хелсиншкиот комитет стигна анонимна дојава дека на речиси 200 вработени во студентскиот дом Кузман Јосифовски-Питу во Скопје не им е исплатена платата за месец август 2018 година и дека платите и во претходниот период им биле исплаќани со задоцнување. Последователно, правниот тим на Хелсиншкиот комитет поднесе барање до Државниот инспекторат за труд за спроведување на вонреден инспекциски надзор. Препорака: Правниот тим на Хелсиншкиот комитет ја потенцира значајната улога на брзото и навременото реагирање на Државниот инспекторат за труд и потребата од прецизно утврдување на фактичката состојба од негова страна. Комитетот ги охрабрува и работниците да ги користат правните механизми кои им се на располагање за заштита на нивните права на работното место. Во однос на ова, неопходно е работниците да бидат соодветно информирани за позитивното трудово законодавство. 

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ, МОЛЧЕЊЕ И НЕПОСТАПУВАЊЕ НА ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ТРУД Хелсиншкиот комитет во септември до Државниот управен инспекторат поднесе барање за спроведување вонреден инспекциски надзор врз работата на Државниот инспекторат за труд. Имено, Хелсиншкиот комитет до Државниот инспекторат за труд на 28.12.2017 има поднесено барање за спроведување на вонреден инспекциски надзор во конфекција од Македонска Каменица заради добиени сознанија дека конфекцијата во својство на работодавач не им исплаќа на вработените додатоци на плата согласно Законот за работни односи и не им исплаќа плата согласно Законот за минимална плата, со што голем дел од вработените добиле плата пониска од со закон утврдената минимална плата. По поднесеното барање за вонреден инспекциски надзор не добивме писмен одговор и по истекот на повеќе од 30 дена сметано од денот на приемот на барањето. По истекот на рокот, на 12.03.2018 беше поднесена ургенција, во која како подносители на претставката баравме да бидеме известени за основаноста и резултатите на постапувањето на која исто така немаме добиено писмено известување од страна на Државниот инспекторат за труд. После дополнително добиени сознанија, Хелсиншкиот комитет за човекови права на 12.06.2018 година до Државниот инспекторат за труд, повторно поднесе барање за спроведување на вонреден инспекциски надзор кај истиот работодавач, заради тоа што на вработените се уште не им исплаќа минимална плата согласно Законот за работни односи и дека постојат голем број на вработени кои се во работен однос повеќе од 5 години со договор за вработување на определено време, а на одредени работници и по 10 години не им е трансформиран работниот однос во работен однос на неопределено време. Државниот инспекторат за труд и по ова барање за вонреден инспекциски надзор се уште нема постапено, ниту не има известено за било какви преземени дејства. Ваквата пасивност и молк фрла сомнеж дека Државниот инспекторат за труд тенденциозно не постапува и не презема дејствија кога е предметниот работодавач во прашање. Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира до Државниот управен инспекторат да спроведе вонреден инспекциски надзор врз работењето на Државниот инспекторат за труд и да утврди дали има евентуални неправилности во спроведување на Законот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка по споменатите поднесени барања за вонреден инспекциски надзор. Воедно, го повикуваме Државниот инспекторат за труд на поголема проактивност и почитување на законските рокови за постапување по поднесени барања за вонреден инспекциски надзор.

Извештајот може да го преземете на следниот линк: Mesecen_izvestaj_septemvri_2018.pdf 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo