Corner Извештаи

Месечен извештај за состојбата со човековите права во РМ за август 2018 година 21 Септември 2018

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за август 2018 година, опфаќа теми од областите: судски мониторинг, родово базирано насилство, дела од омраза, казнено- поправни установи и текстилни работнички.

Месечен извештај за човековите права во Република Македонија 

АВГУСТ 2018 

СОДРЖИНА 

СУДСКИ МОНИТОРИНГ - Извештај за случајот 27-ми Април - Упад во Собрание на Р.М. - Извештај за случајот Монструм 

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО - Отпорот на кој наидуваат жртвите на семејно и родово насилство води кон нивно повлекување 

ДЕЛА ОД ОМРАЗА - Мигрантите продолжуваат да бидат мета на разбојништва 

КАЗНЕНО-ПОПРАВНИ УСТАНОВИ - Условите и состојбата на казнено-поправните установи во Република Македонија 

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ - Утврдено неисплаќање на прекувремена работа во конфекција во Ресен

ЛГБТИ 

АВГУСТ 2018 

СУДСКИ МОНИТОРИНГ 

ИЗВЕШТАЈ ЗА СЛУЧАЈОТ 27-МИ АПРИЛ – УПАД ВО СОБРАНИЕ НА Р.М. 

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија започна со мониторинг на случајот за настаните во Собранието на РМ од 27.04.2017 година. Од отпочнување на судењето во месец август (20.08.2018) досега сме мониторирале 7 (седум) рочишта. Мониторингот покажа прекршување на правата на притворените лица, посебно тие кои се во притвор во КПУ затворот Скопје, а кои на првите две рочишта не добиле храна и вода цел ден. Ова го истакнаа нивните бранители на рочиштето кое се одржа на 23.08.2018 година и му потенцираа на судот дека ова претставува нехуман третман на притворените лица согласно членот 3 од Европската Конвенција за човекови права и слободи. Претседателката на советот го нотираше ова, одговори дека е запознаена со ова прекршување и дека веќе разговарала со надлежните во затворот да им даваат ланч пакети и вода кога ги носат на судење. Хелсиншкиот комитет го нотираше ова сериозно прекршување на правата на притворените лица и укажува дека судот е должен да го следи почитувањето на правата на притворените лица во текот на целата постапка и дека во случај на евидентни прекршувања како во овој случај должен е да ги преземе сите дејствија и мерки за заштита на правата на притворените лица. Надлежните казнено поправни установи се должни да обезбедат храна и вода за цело време додека лицата се наоѓаат во притвор и се лишени од слобода. Да се остави лице лишено од слобода и во притвор повеќе од 12 часа без храна и вода претавува повреда на членот 3 од Европската Конвенција за човекови права, кое право исто така е загарантирано и со Уставот на Република Македонија, Законот за кривична постапка и Кривичнит законик на РМ. Иако овој проблем е надминат, сепак изостана било каква јавна реакција или соопштение од страна на Управата за извршување на санкции која согласно закон требаше да го испита овој случај и одговорните соодветно да ги санкционира. Други прекршувања на правата на обвинетите и на постапката не се нотирани, но Хелсиншкиот Комитет исто така укажува на должината на траењето на секое рочиште, особено имајќи го предвид фактот што некои од мониторираните рочишта траеја и повеќе од 10 часа. Имено, иако кривичните постапки особено тие каде има изречено мерка притвор, не смеат да се одложуваат и одолговлекуваат без причина и непотребно и судот мора да води сметка за судењето во разумен рок кое ја опфаќа должината и траењето на целата постапка од покренување на обвинение, односно од изрекување на мерката притвор ( праксата на ЕСЧП чл 6) сепак судот, треба да води сметка и за ефективноста на постапката, односно да не заседава во маратонски рочишта кои ќе траат повеќе од еден работен ден, без да има особено оправдани причини за тоа и да им овозможи на страните во постапката да имаат време за одмор и за подготовка и за наредните рочишта. 

ИЗВЕШТАЈ ЗА СЛУЧАЈОТ МОНСТРУМ Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја следи повторената кривична постапка за случајот наречен МОНСТРУМ. За овој случај судот имаше закажано три рочишта за месец август на кои требаше да се испрашува заштитениот сведок преку конференциска врска. Заштитениот сведок прво го испрашуваше СЈО, а потоа бранителите. Во текот на изпрашувањето, Хелсиншкиот комитет нотираше дека на сред испрашување на заштитениот сведок од страна на бранителите, испрашувањето беше прекинато од страна на судот откако претходно неколку пати сведокот беше прашан да каже дали е изморен од испрашување при што се доби впечаток како судот да го наведува сведокот да каже дека е изморен за да се одложи судењето. Судот го одложи судењето за 24.08.2017 година каде се продолжи со испрашување на заштитениот сведок. Следното закажано рочиште иако беше закажано како и сите претходни за 31.08.2018 година од 10 часот, истото почнало еден час порано ( странките биле известени по телефон), а за јавноста соопштението било поставено на веб страната на судот еден ден пред одржувањето, поради што набљудувачот на Хелсиншкиот комитет влезе пред самото завршување на распитот на заштитениот сведок. Набљудувачот нотираше дека додека трае видео врската со заштитениот сведок на мониторот во судскта сала се гледа една целосно заматена слика, односно не може да се распознае со сигурност во каква просторија се наоѓа сведокот и дали истиот е сосема сам во просторијата каде го дава исказот. Комитетот укажува дека согласно меѓународните стандарди за заштита на сведоци и нивно испрашување, треба при ваква видео конференциска врска заради заштита на сведокот да биде целосно замаглен (телото и ликот) како и мутиран гласот, но просторијата каде истиот се наоѓа јасно да се гледа и да се види дека нема никој друг во таа просторија, дека сведокот не е опремен со мобилни телефони, компјутер или друга опрема која може да послужи за наведување или манипулирање со истиот, се со цел од една страна во целост да се заштити идентитетот, а со тоа и безбедноста на сведокот, а од друга страна да се запази еднаквоста на оружјата, принципот на контрадикторност и правото на квалитетна одбрана.

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО 

ОТПОРОТ НА КОЈ НАИДУВААТ ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО И РОДОВО НАСИЛСТВО ВОДИ КОН НИВНО ПОВЛЕКУВАЊЕ 

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка со барање за бесплатна правна помош поради сторено физичко и психичко семејно насилство. Странката и сторителот биле во блиски партнерски, односно лични односи, речиси 10 години. По семејна расправија противникот физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ телесни повреди. Тој продолжил со физичкото и психичко вознемирување со секојдневни закани, демнеење и притисоци за да спречи покренување на постапка пред надлежните институции. Странката, преку полномошник, поднела предлог за изрекување привремени мерки за семејно насилство до Основниот суд во Скопје. Против сторителот е поднесена и кривична пријава за телесна повреда и загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство до Основното јавно обвинителство. Правниот тим на Хелсиншкиот комитет ѝ обезбеди правно советување на странката и ја следи судската постапка по поднесениот предлог за изрекување привремени мерки. Досега одржани се две рочишта: првото на 13 септември - еден месец по поднесување на предлогот, и покрај законската обврска на Судот по предлогот да постапува веднаш, а најдоцна во рок од 7 дена од неговото поднесување. Ова рочиште беше одложено за 17 септември, на кое се вршеше распит на странките. Судот сè уште не одлучил за одредување привремена мерка за заштита, во текот на овој месец закажано е уште едно рочиште за сослушување на сведоци предложени од противникот. Вака постапувајќи, Судот сериозно го загрозува начелото на итност на постапката, дополнително и правната сигурност на жртвите на семејно и родово засновано насилство. Во однос на кривичната пријава, до Хелсиншкиот комитет пристигнаа сознанија дека постојат притисоци за измена на фактите во записникот составен од МВР, со оглед на тоа што противникот е лице назначено од сегашната политичка власт. Правниот тим на Хелсиншкиот комитет во моментов мониторира уште два случаи на родово засновано насилство. Едниот случај е пријавен во Основното јавно обвинителство; за вториот случај во тек е судска постапка. Проблемот на идентификување и квалификување на насилството како семејно и родово засновано, од страна на надлежните институции, е сè уште загрижувачки. Ваквиот пристап дополнително ја загрозува ситуацијата на жртвите, промовирајќи ги и онака веќе стигматизирачките и дискриминаторски перцепции за жените и девојки жртви на насилство. Воедно, од мониторингот на судските постапки неизбежно се доаѓа до заклучок дека судот го прекршува начелото на итност кога одлучува за одредување привремени мерки за заштита. Отпорот на кој наидуваат жртвите на семејно и родово насилство води кон нивно повлекување при користењето на предвидените заштитни механизми. Препорака: Соочувањето на жртвата со насилникот на судските рочишта е сè уште значаен недостаток во постапката за одредување привремени мерки за заштита. Оттука, неопходна е измена на постоечките правила за нејзино уредување. Дополнително, потребно е и отворање на нашиот традиционално затворен поредок. Потребно е напуштање на практиката на нашите судови за примена на меѓународните правила само како дополнителна потврда на домашните правила; напротив, треба директно да се имплементира Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство. 

ДЕЛА ОД ОМРАЗА МИГРАНТИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ ДА БИДАТ МЕТА НА РАЗБОЈНИШТВА 

Во месец Август регистрирани се 5 инциденти на насилство од омраза, од кои едно е врз мигранти кои транзитирале во Македонија, а другите се по основ на етничка припадност. Овој месец особено се издвојува случајот на напад на мигрант кој бил нападнат додека се движел по железничка пруга на патот Градско –Велес при што бил ограбен од 4 непознати лица, кои со возило во движење му се заканиле и извршиле разбојништво врз него. Сепак вредно е да се спомне дека и овој месец, трендот на напади во авотбуси или автобуски станици продолжува, па така 18 годишен младинец додека се качувал во авотбус бр. 5 на ул. Димитрие Чупоски (на Рекорд) бил нападнат од две непознати лица. Препорака: Министерството за внатрешни работи да ја искористи картата од порталот на Хелсиншкиот комитет на која се мапирани „црни точки“ каде најчесто се извршуваат делата од омраза, да вложи повеќе напори за откривање на сторителите и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти во иднина. Особено е важно инсититуциите на системот да делуваат навремено и соодветно при вакви инциденти, да ги квалификуваат соодветно и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Исто така е важо делата да бидат регистрирани како дела сторени од омраза и во нивните регистри како би можела да се добие точна и воедначена статистика за ваквите дела. И најважно од се е дека мора инситутциите конечно да започнат да го таргетираат говорот на омраза, кој е причина за настанување на овие дела. 

КАЗНЕНО-ПОПРАВНИ УСТАНОВИ УСЛОВИТЕ И СОСТОЈБАТА НА КАЗНЕНО-ПОПРАВНИТЕ УСТАНОВИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во текот на месец август оствари повеќе посети во казнено-поправните установи во Република Македонија, каде што беа извршени разговори со осудени лица за условите во кои ја издржуваат казната затвор. Осудено лице во КПД Штип во текот на разговорот изнесе наводи дека е сместен во просторија предвидена за извршување на дисциплинска мерка самица поради тоа што нема место во просториите од затвореното одделение во КПД Штип, а во просторијата нема пристап до вода за пиење. Воедно наведе дека се наоѓа во тешка здравствена состојба, односно дека подолг временски период уринира крв, а не бил однесен на преглед во соодветна здравствена установа. Согласно Законот за извршување на санкциите, упатувањето во самица е предвидено како дисциплинска казна за повреда на редот и дисциплината. Според принципите на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КСТ) „затворањето во самица дополнително ги ограничува и така веќе лимитираните права на лицата кои се лишени од слобода. Овие дополнителни ограничувања не се својствени за затворската казна, па оттаму тие треба да бидат посебно образложени.“ Во таа насока сметаме дека е неприфатливо осудените лица кои издржуваат казна затвор во казнено-поправните домови во државата да бидат упатени во самица како последица на несоодветните услови за сместување во простории од затвореното одделение во затворите. Во разговор со затвореничка од КПД Идризово бевме информирани дека жените затворенички немаат пристап до телефон за остварување на контакти со нивните семејства. Според стандардите на КСТ „одржувањето на контакти со надворешниот свет е од суштинско значење, особено со своето семејство и блиски пријатели. Во таа насока КСТ ја нагласува потребата од флексибилност во vis-à-vis посетите и телефонските разговори, особено во случаи кога семејството на осуденото лице не живее во непосредна близина, па следствено самото остварување на посетата би било непрактично.“ Во извештајот за Република Македонија на КСТ од 2016 година, како една од клучните забелешки при посетите беше ограничениот пристап до телефон во затворите во Република Македонија. Имајќи го ова предвид, КСТ во своите препораки наведе дека е потребно „да се овозможи затворениците и нивните семејства да одржуваат контакти достоинствено и почитувајќи ја нивната приватност“. Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе барање за вонреден надзор до Управата за извршување на санкциите со цел утврдување на фактичката состојба во овие случаи и преземање на соодветни дејствија за заштита на правата на осудените лица кои издржуваат казна затвор во казнено-поправните установи. Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира за почитување воспоставените меѓународни стандарди за условите во кои осудените лица ја издржуваат казната затвор со цел овозможување на хумани услови во процесот за нивна ресоцијализација, што впрочем претставува основна функција на самите казнено-поправни установи. 

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ 

УТВРДЕНО НЕИСПЛАЌАЊЕ НА ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО КОНФЕКЦИЈА ВО РЕСЕН По поднесено барање за вонреден инспекциски надзор од страна на Хелсиншкиот комитет, Државниот инспекторат за труд - ПЕ Ресен, утврди недостатоци и неправилности во работењето на текстилната фабрика ХАТЕКС ДОО Ресен, во поглед на неплатена прекувремена работа. Во донесеното решение по извршениот инспекциски надзор, Државниот инспекторат за труд - ПЕ Ресен, утврдил дека во спомената фабрика се врши прекувремена работа во сабота, прекувремената работа се евидентира, но не се исплаќа согласно закон. Инспекторатот со решение го задолжил работодавачот во рок од 30 дена од доставата на решението да им ја исплати прекувремената работа на 170 вработени во фабриката. Ова е прва постапка за вонреден инспекциски надзор, иницирана од страна на Хелсиншкиот комитет, во која се утврдени неправилности во смисла на неплатена прекувремена работа во текстилната индустрија. Препорака: Ја поздравуваме ваквата одлука на Државниот инспекторат за труд и ги охрабруваме текстилните работнички и работници да продолжат да пријавуваат неплаќање на прекувремената работа.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo